1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Медиумскиот баланс е неопходен и кога нема избори“

Катерина Блажевска24 август 2016

Тешко дека странски модел за мониторинг ќе донесе добри резултати во нашиот систем, во кој владејачката партија ги користи медиумите како пропагандна алатка за обликување на јавното мислење, вели д-р Снежана Трпевска.

https://p.dw.com/p/1Jo0M
Фотографија: Fotolia/THPStock

Новата Методологија за мониторинг на медиумското известување во предизборниот период, наиде на многу забелешки на вчерашната презентација од страна на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ). Една од спорните точки е изземањето на интернет-порталите од мониторингот, како и одредбите со кои се предвидува еден медиум да биде санкциониран дури откако ќе го направи десетиот прекршок во делот на избалансираното информирање. Но, ова се само мал дел од забелешките за предизвиците со кои ќе се соочи новоформираното ад-хок тело кое треба да го мониторира предизборното известување на медиумите. Четири од предвидените пет члена на таа Привремена комисија на 9 август беа именувани од директорот на АВМУ, а денеска самите треба да го изберат петтиот член.

За тоа како ова ад-хок тело ќе функционира во рамките на АВМУ, и кои се главните слабости на Методологијата за медиумски мониторинг, разговаравме со д-р Снежана Трпевска од Институтот за комуникациски студии.

ДВ: Професорке, кое е клучното прашање, според вас, во однос на Методологијата за медиумски мониторинг во предизборниот период?

Трпевска: Дебатата што сега се води околу методологијата според која Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги ќе го врши мониторингот на телевизиите и радијата во предизборниот период, е поврзана со едно многу важно прашање на медиумската регулација: заштитата на политичкиот плурализам во медиумите. На што се мисли под поимот „политички плурализам“ во медиумите? Всушност, станува збор за обврската на медиумите, и на јавниот сервис и на приватните телевизии и радија, во известувањето за важните актуелно-политички теми - и во период пред и за време на изборите - непристрасно и балансирано да ги претставуваат различните и спротивставени политички гледишта за една тема. Ова е всушност и едно од основните етички начела на професионалното новинарство - правилото за сеопфатно информирање, за претставување на различните страни или агли на гледање на едно прашање, се со цел граѓаните да бидат целосно информирани и да можат слободо да го оформат своето мислење за конкретниот проблем.

Snezana Trpevska
Д-р Снежана ТрпевскаФотографија: DW/K. Blazevska

Бидејќи тоа е едно од основните етички начела, очекувано е да биде применувано постојано, без исклучок. Колку таа интенција е поткрепена со законска регулатива?

На ниво на основни начела и принципи, барањето за политички плурализам во известувањето е вградено во Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги и за приватните радиодифузери (членот 61) и посебно за јавниот сервис (членот 111). Ова прашање во европскиот систем на медиумска регулација е мошне важно и различни земји на сличен начин го имаат поставено во националната медиумска легислатива. Некои земји, пак, како Франција на пример, дури го имаат детално разработено како сериозна обврска на медиумите и во период надвор од избори. Во период на изборна кампања, оваа обврска важи за сите медиуми, и е вградена во Изборниот законик (член 75-а), во смисла на тоа дека секој медиум, покрај обврската за правично и непристрасно известување како етички начела, мора да обезбеди и избалансираност во известувањето според принципот на пропорционалност. Притоа, основа за пресметување на времето што ќе се одвои за политичките партии е бројот на потврдени листи со кандидати за пратеници. На тој начин, во изборната регулатива се гарантира некаков временски баланс во медиумското известување за различните политички гледишта.

Но, со завршувањето на изборите не би требало да заврши и обврската за натамошна пропорционалност во медиумските известувања за различните политички гледишта...

Проблемот е што оваа законска одредба не се однесува и на периодот пред изборите, за кој нема утврден законски критериум врз основа на кој би се мерело времето што еден медиум треба да го одвои за различните политички субјекти. Стручната служба на АВМУ во понудената Методологија оправдано се обидела да ја пополни оваа празнина, иако се поставува дилемата дали со подзаконски акт може да се регулира прашање што треба да е уредено со Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги.

Може ли францускиот модел, така како што е сега преземен, да фати корен на наша „почва“, или требаше да се прилагоди на начин кој ќе ги има предвид и ќе ги превенира досегашните дисторзии во медиумската сфера?

Генерално, обидот да се примени францускиот модел на заштита на политичкиот плурализам во период надвор од избори не е лоша идеја, но треба да се има предвид дека тој модел е замислен за друг политички контекст и поинаква политичка култура и таму веројатно произведува добри ефекти. Во нашиот систем, во кој владејачката партија веќе цела деценија ги користи медиумите како политичко-пропагандна алатка за да го обликува јавното мислење, тешко дека кој било странски модел ќе произведе добри резултати.

Според ова, ќе може ли тој да ги исполни очекувањата за пристојна пропорционалност и во нашите медиумски известувања?

Напротив, вака како што е предложен, опозицијата да добие најмалку половина од времето посветено на гледиштата на позицијата, мислам дека уште повеќе ќе ја зацементира доминантната позиција на партиите на власт. Згора на тоа, времето посветено за известување на редовните активости на власта нема да се смета во вкупното време одвоено за „позициските“ гледишта. А, знаеме, како партијата на власт своите редовни протоколарни и други активности ги претвора во скриена (па дури и отворена) политичка пропаганда. Така, како последица ние ќе добиеме легална основа за двојно поголемо медиумско известување за власта отолку за опозицијата.

Има уште едно проблематично прашање: кој и како ќе определува кое изнесено гледиште е позициско, а кое е опозициско?

Ако се види листата на субјекти чии гледишта ќе се земаат како основа за пресметување на времето, се чини дека не останува простор за неутралните и екпертски ставови кои се изнесуваат од принципиелни вредносни позиции. Сликата се чини е црно-бела: граѓанските организации се определени или во едната или во другата група; експертските гледишта кои се неутрално-критички може да се категоризираат како опозициски само поради тоа што во моментот се совпаѓаат со ставот на политичката опозиција. Сето тоа е недоволно објаснето во понудениот документ и отвора простор за могу произволни толкувања.

Во таа оставена широка „еластичност“ за толкување што е опозициски, што позициски, а што неутрален став, прашање е како ќе се снајде и како ќе функционира новоформираното ад-хок тело?

Јас веќе неколку пати се изјаснив дека тоа тело е всушност „прирасток“ на Агенцијата, или „дуплирање“ на постојниот Совет. Со неговото формирање (директно од партиите) се направи голема грешка, во смисла дека тоа тело сега може само да ја блокира работата на стручната служба, која според мое уверување е многу професионална и добро си ја знае и си ја врши работата. Таа служба сега ќе биде изложена на дополнителни политички притисоци и јас сметам дека мора да биде заштитена. Вакво тело не постои во ниту една друга европска земја, ова ќе биде невиден преседан - луѓе директно предложени од партиите (а за некои поедници добро знаеме дека се покажале како многу блиски на партијата на власт) да го контролираат мониторингот врз медиумите и да предлагаат мерки против нив.