Апсења по протестите во Куба, блокиран интернет
13 јули 2021Бидејќи интернетот на Куба е делумно блокиран, од таму стигнуваат малку информации за протестите. Според организацијата Амнести интернешнл, во првите масовни антивладини протести по повеќе децении уапсени се најмалку 115 лица.
Меѓу нив се познати дисиденти, како и новинари, како што вчера напиша на Твитер директорката на АИ за Америка, Ерика Гевара-Росас. Според некои извештаи, вчера владеело засилена присутност на полицијата и војската, а курсираат видеа на кои се гледаат нови помали протести.
Во неделата илјадници луѓе демонстрираа во повеќе градови против недостигот од храна и погазувањето на човековите права.
Владата ги обвини САД за протестите
Во говор пренесуван преку државните медиуми, кубанскиот претседател Мигуел Диаз-Канел го обвини Вашингтон за „политика на гушење на економијата“ во Куба и провоцирање социјални немири во земјата.
Оценка на владата е дека протестите се провокација во режија на контрареволуционери финансирани од САД, заради дестабилизирање на Куба. Народот излегол на улици заради одбрана на револуцијата, субверзивните дејства се спречени, објави „Гранма“, весник на Комунистичката партија на Куба, единствено дозволена во земјата.
-повеќе:
Илјадници граѓани протестираат во Куба
Американскиот претседател Џо Бајден претходно искажа поддршка кон Кубанците кои копнеат по слобода и крај на „децениското угнетување и економско страдање, за кои е одговворна „авторитарната влада“.
„САД го повикуваат кубанскиот режим да го слушне гласот на својот народ во овој решавачки момент и да одговори на неговите потреби наместо самиот да се богати“, изјави Бајден.
Американскиот министер за надворешни работи Ентони Блинкен истакна дека би била крупна грешка ако Куба го обвинува Вашингтон за протетсите, според него тие се поттикнати од неуспешниот менаџмент на комунистичкото раководство.
ЕУ се придружи на повиците од САД до Хавана за обезбедување слобода на мислење и на собири. „Би сакал да ја повикам тамошната влада да дозволи мирни протести и да го ислуша незадоволството на демонстрантите“, изјави претставникот на ЕУ за надворешна политика, Жозеп Борел.
И бразилскиот десно радикален претседател Жаир Болсонаро изрази солидарност со демонстрантите, „кои бараат окончување на свирепата диктатура“.
Мексико и Русија предупредуваат од вмешување од страна
Мексиканскиот левичарски претседател Андрес Мануел Лопез Обрадор напротив ѝ понуди своја поддршка на владата во Куба во форма на прехранбени производи, лекови и вакцини против коронавирус. Истовремено, тој предупреди од политичко влијание од странски влади.
И кубанскиот сојузник Русија е против секакво „вмешување од надвор“ во комунистичката земја, поддршка на Куба ѝ понудија и Аргентина и Венецуела.
Набљудувачите оценуваат дека протестите во Куба се најмасовните во последните децении, тие се последица на недостигот на лекови и храна. САД во време на претседателот Доналд Трамп ги заострија санкциите против Куба. За време на пандемијата на земјата ѝ отпаднаа и важните приходи од туризмот, а бројот на новоинфицирани со коронавирус во последно време бележи пораст.