Илјадници граѓани протестираат во Куба
12 јули 2021Во повеќе места во Куба на викендот биле организирани демонстрации со учество на илјадници луѓе, насочени против еднопартиската влада. Според извештаите на медиумите критички настроени кон владата, протестите се организираат против неуспешната корона политика и репресиите од страна на владата на претседателот Мигуел Диаз-Канел. Луѓето на улиците извикувале „Долу диктатурата!“
Посебно голем број луѓе протестирале во Сан Антонио де лос Бањос, југозападно од престолнината Хавана, против недостигот од прехранбени производи и кршење на човековите права. Демонстрации имало и во Хавана, како и градовите Холгуин, Матанзас и Сантиаго де Куба, според фотографиите и видеата објавени на социјалните мрежи.
Масовни демонстрации против владата во Куба се реткост, зашто таа жестоко се пресметува со демонстрантите.
-повеќе:
Претседателот пак упатил повик до своите приврзеници да излезат на демонстрации во негова подршка: „Ги повикуваме револуционерите да излезат на улиците и да ја бранат револуцијата во сите места. Нема да се откажеме од суверенитетот и независноста на оваа нација. Ако сакате да ја уништите револуцијата, тоа ќе мора да го сторите само преку нашите мртви тела“, изјавил пртседателот.
Во последно време во Куба зачестено доаѓа до апсење на уметници и интелектуалци кои се критички настроени кон владата, посебно против декрет со кој државата има контрола над нивните можности за настап. Поради ова настана широко независно движење на културни творци кои бараат демократско отворање на системот. На Куба преку 60 години неприкосновено владее Комунистичката партија, додека постоење други партии не е дозволено.
Во април Диаз-Канел го презеде раководењето со Комунистичката партија од Раул Кастро, со што првпат по револуцијата од 1959 година на чело на социјалистичката островска држава не е некој Кастро. Меѓутоа, промената на партискиот врв не е проследена со политичка либерализација. Освен тоа, Кубанците страдаат поради последиците од планската економија која носи недостиг на повеќе производи, посебно храна, а трпат и поради економските санкции од страна на САД.