1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Анкара и Атина сакаат лето без конфликти

2 јуни 2021

Продолжи попуштањето на тензиите меѓу Грција и Турција затоа што на двете земји им се потребни добри туристички сезони. Но одржливи решенија за проблемите меѓу двата соседи-нема.

https://p.dw.com/p/3uJIC
Griechenland Türkei Außenminister Nikos Dendias Mevlut Cavusoglu
Фотографија: Costas Baltas/REUTERS

Ретко која средба на грчки и турски министер за надворешни работи поминал така мирно, речиси здодевно, како оној меѓу Мевлут Чавушоглу и Никос Дендиас во понеделникот во Атина. Додуша, не се очекуваше некаков скандал како во април во Анкара кога Дендиас и Чавушоглу се судрија пред камерите, но не и овој вид на хармонија.
Дали двете раскарани соседни земји одеднаш се подготвени искрено да разговараат за своите билатерални проблеми и да бараат решенија? За жал не, тоа звучи премногу добро за да биде вистина. Но, по тешкото лето 2020 година, кога поради турската потрага по гас во водите на Егејското Море двете земји беа на работ на воен судир, желбата за неконфликтно лето е голема.
Пред се, на двете земји им е итно потребна успешна туристичка сезона. По година ипол корона пандемија, тоа стана прашање на економски опстанок. Не е случајно што двајцата министри за надворешни работи нагласија дека постигнале договор за меѓусебно признавање на сертификатите за Ковид-19, со што им се овозможува на вакцинираните и негативно тестираните граѓани да можат слободно да патуваат. Тоа би требало да и даде поттик на туристичката индустрија на целиот Егеј.

Покрај тоа, и Анкара и Атина сакаат да покажат спремност за дијалог. Турското општество веќе не ја доживува Грција како закана. А ни Турција не саката да се прикажува како закана затоа што претседателот Реџеп Таип Ердоган има голем интерес за подобрување на односите на својата земја со ЕУ, проширување на царинската унија, и добивање повеќе пари за милионите сириски бегалци во земјата. За тоа, меѓудругото, неопходно е намалување на тензиите во односите со Грција.

Состанок на самитот на НАТО

Во последните неколку месеци Ердоган се залагаше за состанок со грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис. Датумот сега е конечно потврден: двајцата шефови на влади се договорија да се сретнат на 14 јуни, на маргините на самитот на НАТО, иако без големи очекувања. Во најдобар случај, би можело да дојде до продолжение на фазата на попуштање на тензиите на Егејското море и во источниот Медитеран- но вистински разговори за одржливи решенија за проблемите меѓу двата соседи не се на повидок.

Türkisches Forschungsschiff «Oruc Reis»
Турски бродови во истражувачка мисија во водите на Средоземното мореФотографија: picture-alliance/dpa/IHA

Долг пат до Хаг

За трајно попуштање на тензиите, турскиот претседател би можел да се одважи на долг пат до Меѓународниот суд на правдата во Хаг. Тоа би значело дека Турција конечно го признава меѓународното поморско право, и ветува дека однапред ќе ја прифати пресудата на судот. Таа пресуда не би била лесна ни за грчката влада, бидејќи е јасно дека Атина нема да го добие од судот сето она што го бара. Што се однесува до територијалните води, грчко-турската граница во ниту еден случај не е толку непроменлива како што конзервативната влада во Атина постојано и порачува на грчката јавност.

Отпорот на „патриотите“

Griechenland türkischer Präsident Erdogan zu Besuch
Реџеп Таип Ердоган меѓу муслиманското малцинство во ТракијаФотографија: picture alliance/dpa/AP/Presidency Press Service/K. Ozer

Премиерот Мицотакис не е подготвен да ризикува и да им се спротивстави на ткн. патриоти во својата партија и во грчкото општество за да се најде решение со Турција. Конзервативецот многу добро се сеќава колку беше лесно да се дискредитира неговиот претходник Алексис Ципрас како предавник откако се осмели да го потпише Преспанскиот договор со Северна Македонија.
Вториот проблем меѓу Атина и Анкара е прашањето на муслиманското малцинство во западна Грција. Нивниот статус беше регулиран со Договорот од Лозана во 1923 година. Притоа, грчките државјани од турско, поматско и ромско потекло се нарекуваа „муслимани“. Грција инсистира на ова име до денес.

Честитки наместо скандал

Кога Ердоган првпат ги посети муслиманските граѓани на Тракија на 8 мај 2004 година, рече: „Би сакал да им порачам на моите браќа кои живеат тука дека мора да се залагаат за силна Грција. Колку е Грција посилна, толку ќе бидете посреќни“. Оттогаш многу нешта се променија- особено Ердоган кој постојано се обидува да ги инструментализира муслиманите во Грција, тврдејќи дека „грчката држава не ги почитува човековите права на турското малцинство“. Неговите министри ја користат секоја можност да ја посетат Тракија- дури и ако се работи за приватни посети, како онаа на Чавушоглу минатата недела. Тоа доведе до објавување на неколку бесни текстови во национално-конзервативниот грчки печат во понеделникот на 31 мај- но на тоа и се заврши. Чавушоглу беше внимателен со своите изјави во Тракија, Дендиас ја игнорираше посетата која беше прогласена за приватна и немаше нов скандал. Наместо тоа, уследија мноштво срдечни честитки од грчка страна за успехот на турскиот кошаркарски клуб Анадолу Ефес во Евролигата.

Каки Бали
Каки Бали Дописничка од Атина на DW Грчки