Скандал на прес-конференцијата на Дендијас и Чавушоглу
16 април 2021Првата посета на еден грчки министер за надворешни работи на Турција во последните две години, заврши со скандал. На заедничката прес-конференција Никос Дендијас и неговиот турски колега Мевлут Чавушоглу се обвинуваа меѓусебно за погрешни постапки во централните конфликти - спорот околу гасот и миграциската политика.
Односите помеѓу двете земји се тензични со години. Владата во Атина го обвинува соседот дека илегално трага по земен гас во територијални води од економската зона на Грција. Анкара аргументира дека тие зони припаѓаат на постаментот на турското копно и таа има право да експлоатира земни богатства. Конфликтот ги доведе двете земји на работ на воен судир минатата година, но потоа атмосферата се олабави.
На почетокот на прес-конференцијата Дендијас и Чавушоглу зборуваа за позитивна и контруктивна атмосфера, но разговорот брзо ескалираше откако грчкиот министер ја опомена Турција да не шири „лажни вести“, кои „не придонесуваат за позитивна клима, за чие зајакнување постигнавме согласност“. Освен тоа, „конечно треба да се реши прашањето на Кипар“ и да се престане „со провокации и во овој регион“.
Повеќе:
Грција и Турција - координативен состанок за спорот во Егејско Море со ограничена надеж
ЕУ-Турција: Пет години договор за бегалците
Грци и Турци: Тешко пријателство
Турскиот министер за надворешни работи, кој на почетокот за Дендијас рече дека му е долгогодишен пријател, реагираше на ваквите изјави и рече дека сака да го води разговорот во пријателска атмосфера. „Но Нико Дендијас, за жал, во својот говор изнесе исклучително неприфатливи обвинувања на сметка на мојата земја“, рече Чавушоглу. Тој ја обвини Грција дека го прекршува меѓународното право и дека „фрла луѓе во морето“. Тоа не сакале да го зборуваат пред новинарите, но како што додаде турскиот министер, „застанувате овде и ја обвинувате Турција пред новинарите, за да пренесете порака во нивната земја. Тоа не можам да го прифатам.“
Анкара ја обвинува Грција дека илегално враќа мигранти во турските територијални води за да ги спречи да стигнат во Грција. Атина ваквите обвинувања постојано ги оценува како „лажни вести“. Во однос на конлфиктот околу гасот, Дендијас ја обвини Анкара дека го смета за причина за војна проширувањето на грчката поморска граница од 6 на 12 морски милји, иако таквото проширување било покриено со меѓународното поморско право. Чавушоглу, од своја страна, ја обвини Атина дека не се држи до меѓународните договори за територијална припадност. Во однос на конфликтите генерално, турскиот министер рече дека со средбата не можеле да бидат решени сите прашања, „затоа што нашите разлики се големи, но сепак е важно дијалогот да продолжи“.