1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Албанија: избори во сенка на коронавирусот

Линдита Арапи
24 април 2021

Утре (25 април), среде пандемија, Албанците избираат нов парламентарен состав. Премиерот од редовите на социјалистите, Еди Рама се бори за трет мандат, а опозициската Демократска партија се надева на промена.

https://p.dw.com/p/3sSIc
Albanien Wahlkampf |
Фотографија: Florion Goga/REUTERS

Во Албанија заврши една невообичаена изборна кампања: поради корона-пандемијата ги немаше вообичаените големи митинзи со гласни говори и пароли и силна музика. Наместо тоа партиите организираа помали средби со гласачите. Кампањата во најголем дел се водеше преку социјалните мрежи.

Со деветтите демократски избори по падот на сталинистичкиот режим во 1989/90 во Албанија закажани на 25 април се одбележува уште една годишнина: пред 30 години беа одржани првите плуралистички избори во оваа држава која дотогаш беше позната како „Европска Северна Кореја“. Во тој период земјата која се уште беше парализирана и трауматизирана од комунистичката диктатура го започна своето враќање кон Европа. „Сакаме Албанија да стане како Европа“ – оваа желба требаше да стане реалност во една земја без никакво демократско искуство.

Вистина, Албанија многу се промени во изминатите три децении, смета експертката за Балканот Јохана Дајмел. „Од едно сивило се создадени демократски и уставни рамки, израсна цивилното општество, како и слободен и плуралистички медиумски пејсаж.“

Johanna Deimel
Јохана ДајмелФотографија: privat

Тоа што Албанија денес е членка на НАТО, и иако со одлагање ќе ги започне и преговорите за членство во ЕУ, е јасен знак за овие позитивни промени, констатира Дајмел. „Но, за жал Албанија со години е под голем притисок и поларизирана поради екстремните конфронтации на двете најголеми партии поради што е попречен и нејзиниот демократски и уставен развој,“ заклучува Дајмел.

„Завојувани“ партии

Оваа поларизација меѓу двете најголеми партии, владејачката Социјалистичка партија на премиерот Еди Рама и опозициската Демократска партија чиј главен кандидат е Љуљзим Баша, во изминатите години ги премина границите на она што беше вообичаено за Албанија: опозицијата постојано упатува сериозни обвинувања против владата, меѓу другото и за купување гласови на парламентарните избори во 2017 година на конто на социјалистите.

Повеќе:

-Корупција во светот: Македонија и Албанија рангирани најлошо во регионот

-„Црн ден“ – албанскиот парламент го усвои контроверзниот закон за медиуми

-Михаел Рот за ДВ: Фантазиите за промена на границите на Западен Балкан се поразено минато

Демократите протестираа со години. Ова често резултираше во насилство. Опозицијата бараше оставка на премиерот. Во меѓувреме, албанското судство кое требаше да ги расчисти овие обвинувања, е парализирано од сеопфатната реформа која се спроведува во Албанија. Целта на реформата е државниот систем да се ослободи од корупција.

Albanien Wahlkampf | Edi Rama
Еди Рама, премиер на Албанија и лидер на владејачката Социјалистичка партијаФотографија: Florion Goga/REUTERS

Соработка за изборниот закон

Ситуацијата се смири со посредување на ЕУ и на САД и со договорот за реформа на изборниот законик. Дури дојде и до соработка меѓу владата и опозицијата. Договорените промени сега се основа за побезбеден изборен процес, нагласува директорот на Централната изборна комисија во Тирана, Илиријан Челибаши во разговор за ДВ.

„Позитивно е тоа што имаме консензус од сите страни, барем во однос на техничките аспекти,“ вели Челибаши. „Успешната биометриска идентификација на гласачите е исто така предност за изборите, со цел да се избегне купување или продавање на гласови. Исто така и предвидените високи казни за купување гласови се гарант за поголема безбедност,“ нагласи тој.

Albanien Wahlkampf | Lulzim Basha
Љуљзим Баша, лидер на опозициската Демократска партија во АлбанијаФотографија: Florion Goga/REUTERS

Тензично расположение

Во последните денови пред изборите ситуацијата е повторно наелектризирана. На 21 април при судири меѓу социјалистите и демократите беше усмртено едно лице, а четворица други повредени. Демократите тврдат дека до инцидентот со смртна последица дошло откако нивни приврзаници снимале како Социјалистите делат пари за гласови. Владејачката партија пак, одговорноста ја префрла на опозицијата. Зошто сега е толку тензично? „Исходот од изборите ќе биде тесен", оценува за ДВ Африм Красниќи, шеф на Институтот за политикологија во Тирана. И повеќето анкети покажуваат дека двете партии може да очекуваат приближно ист број гласови.

Демократска партија: победа или пропаст

За премиерот Еди Рама нема да биде лесно да освои трет последователен мандат што до сега никому не му успеало во посткомунистичка Албанија. Политичкиот аналитичар и познавач на приликите на Балканот, Михаел Вајхерт, смета дека актуелната владина коалиција предводена од Социјалистите до душа има „добри изгледи да победи на изборите, ако и успее покрај нивното избирачко јадро да мобилизира дополнителни слоеви од општеството”.

Albanien Wahlkampf Demokratische Partei
Фотографија: Albanian Democratic Party

За Демократите под водство на Љуљзим Баша се работи за многу повеќе, вели Рајхерт за ДВ. „Или ќе и успее на опозицијата под водство на Демократската партија да победи на изборите, или партијата и особено нејзиното раководство ќе потонат во безначајност."

Имиџ на „махери" благодарение на кампањата за вакцинација

Со оглед на околностите двете големи партии во последните денови пред 25 април се обидуваат да мобилизираат дополнителни гласачи. Социјалистите под слоганот „Албанија, нашата иднина" и голема кампања за имунизација против корона вирусот сакаат да го негуваат имиџот на „махери" во населението. Демократите пак се претставуваат како моторот на промените и ослободувањето од корупцијата и организираниот криминал под социјалистите. Се надеваат дека на тој начин ќе допрат до разочараните гласачи и нивните гласови. Во фокусот на изборната кампања не е подобра програма, туку ветувања и дискредитација на политичкиот противник, критикува Красниќи. „Социјалистите велат дека ако народот гласа за Демократите ќе ги прекинат реформите. Опозицијата пак ветува дека само тие може да ја подобрат ситуацијата и дека за разлика од владата на Рама може да го спречат иселувањето во странство и да создадат перспектива за нормален живот."

Големото прашање според Красниќи е дали Албанија овој пат ќе се покаже способна да организира нормални избори. „Со тоа би бил исполнет важен услов пред долго очекуваната конференција за пристапните преговори со ЕУ", вели политикологот. На страна од тоа ниту овие избори нема да донесат промена на поларизираната политичка култура, „особено не ако резултатот биде толку тесен", заклучува Красниќи.

Албанија: Ромите како декорација во изборната кампања