1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Медиуми

Албанскиот парламент го усвои спорниот закон за медиуми

Анила Шука
19 декември 2019

И покрај протестите на новинарските здруженија и меѓународната критика, албанскиот парламент го усвои законот за медиуми. Многумина стравуваат дека тоа ќе значи вовед во цензура и произволна примена на законот.

https://p.dw.com/p/3V4bY
Albanien Tirana | Parlament
Фотографија: DW/A. Ruci

Со црни ленти преку уста и пароли со пораки како „Новинарството не е кривично дело“ албанските новинари вчера демонстрираа пред парламентот во Тирана. Нивна цел: да се спречи донесувањето на новиот закон за медиуми на социјалистичката влада на премиерот Еди Рама. Таканаречениот „Paketa anti-shpifje" (во превод Пакет мерки против клевета) по долга дебата синоќа беше усвоен со гласови од владеачката партија. „Оваа земја ја мачи опскурантизам. Голема тага. Ова е навистина црн ден“, напиша познатата албанска професорка по медиуми, Артан Фуга на својата Фејсбук-страница.

Albanien Tirana | Protest von Journalisten
Протести на новинарите во Тирана (18.12.2019)Фотографија: DW/E. Elezi

Со законодавниот пакет во иднина треба построго да се регулираат онлајн медиумите. Агенцијата за аудиовизуелни и медиумски услуги (поранешната АМА, која според новиот закон се преименува во АМШ) ги презема посебните надлежности. Таа може да им наложи на онлајн медиумите да отстранат одредени содржини од нивните веб-страници ако објават невистини. Ако медиумот не реагира, му се закануваат казни и до 6500 евра, па дури и блокирање на страницата.

Повеќе: Новинарите како робови

Рама во парламентот изјави дека законот е работен заедно со ОБСЕ. Целта e „заострување на законските рамки, за да се овозможи регулација и дисциплинирање во оваа џунгла“, изјави Рама коментирајќи го пејсажот на онлајн медиуми во земјата.

Законот беше неколкупати променет во последен момент и, според Рама, бил усогласен со канцеларијата на претставникот на ОБСЕ за слобода на мислење, Харлем Десир. Тој на Твитер во вторникот навечер објави дека законот е во согласност со меѓународните стандарди и вети натамошна поддршка во имплементацијата на законот, за да се осигура дека „медиумските регулаторни власти ќе го спроведуваат законот на вистински независен начин.“

Се стравува од самовоиле и автоцензура

Albanien Medien | Kristina Voko, Direktorin BIRN
За Кристина Воко законот не е ништо повеќе од механизам за цензураФотографија: DW/A. Ruci

Новинарските здруженија во земјата се сомневаат дека Агенцијата за регулација на медиуми ќе работи независно. Александар Ципа, раководител на Албанската асоцијација на медиуми, во овој закон за медиуми гледа обид да се цензурираат онлајн медиумите: „Креирани се предуслови за транформација на АМА во агенција за цензура“, коментира Ципа за ДВ. Агенцијата веќе неколкупати покажа дека е политички пристрасна, вели Ципа.

Кристина Воко, раководител на албанската Балканска истражувачка мрежа (БИРН), гледа голема опасност од самоцензура: „Ако на новинарите им се заканува казна која е неколкупати повисока од нивните месечни примања, тоа ќе води кон 'протоколарно известување' и јавноста нема да добива квалитетни информации“, вели таа за ДВ. За Воко законот не е ништо повеќе од механизам за цензура. Единствена надеж за новинарските здруженија е сега претседателот Илир Мета да не го потпише законот.

Критика од многу страни

Министерството за надворешни работи во Берлин претходно на прашање од Дојче веле соопшти дека бара промена на нацрт законот. „Принципиелно го поздравуваме тоа што конструктивните предлози на претставникот за медиуми на ОБСЕ се земени предвид при составувањето на нацрт законот и би поздравиле доколку истото се случи и со најновите забелешки околу него", се вели меѓу другото во Берлин. Се додава и дека од „енормно значење е идните закони да бидат во согласност со ЕУ-регулативите".

Помалку дипломатски својата критика ја формулираше познатата организација на новинари „Репортери без граници": „Реформата чувствително ќе ја ограничи медиумската слобода во Албанија“, изјави за ДВ Кристијан Мир, претседател на германскиот огранок на организацијата.

Albanische Medien Mikros
Реформата чувствително ќе ја ограничи медиумската слобода во Албанија, оцени „Репортери без граници“Фотографија: DW/Arben Muka

Андреј Хунко, пратеник во германскиот Бундестаг од Левицата и известувач за Албанија во Парламентарното собрание на Советот на Европа, ја повика владата во Тирана да разговара за законот со новинарските здруженија. „Непроменето и избрзано носење на законот може да доведе до ограничувања на медиумските слободи во Албанија", вели Хунко.