Украина е во право, но Русија има контрола
29 ноември 2018Украинско-рускиот спор уште долго ќе биде предмет на меѓународните судови. Во неделата руска поморска стража не дозволила транзит на украинска поморска патрола во теснецот кај Керч и оштетила еден од бродовите. Потоа дошло до размена на истрели.
Русите тврдат дека станува збор за повреда на границите, Украинците на Москва и префрлаат „агресија". Двете страни тврдат дека другата ја прекршила меѓународната поморска конвенција. Кој е во право?
Како стојат нештата правно?
Русија и Украина во 2003 потпишаа договор за заедничко користење на територијалните води. Договорот предвидува слободно користење на Азовско море и на морскиот теснец кај Керч, како за украински, така и за руски бродови. „Договорот и натаму е важечки, Русија никогаш не го раскинала", вели во интервју за ДВ Михаил Војтенко, главен и одговорен уредник на стручниот весник „Maritime Bulletin". Ниту од една од страните не го чепна договорот ниту откако Русија го анектираше полуостровот Крим во 2014 година. Украина има право нејзините воени бродови да пловат низ Керч, смета Војтенко.
Повеќе на темата:
-Кримски конфликт: Што може да стори Германија?
-Демонстрација на сила во Азовското Море
-Порошенко го потпиша воениот закон
Билатералниот договор меѓу Украина и Русија е од второстепено значење, смета Даниел Еразмус Кан од универзитетот на сојузната германска војска во Минхен. Многу поголма тежина имало друг договор. „Искрено кажано, воопшто не е битен договорот меѓу Украина и Русија, бидејќи пресудни се правилата на Меѓународната конвенција за поморско право од 1982 година."
Русиа и Украина се дел од оваа конвенција на ООН. Таа меѓу другото предвидува слободен транзит за бродови без согласност на околните држави. „Украинската страна бездруго може да си го реализира правото на транзит и без согласност на Русија и без други предуслови", вели Кан.
Позицијата на Русија: повреда на границите
Во споредба со актуелната ситуација, Русија знае да биде и многу поагресивна во морски конфликти, вели украинскиот правен експерт Василиј Филипчук. Причина за тоа поранешниот дипломат гледа во правен вакуум кај меѓународната заедница. За разлика од Источна Украина, за Крим речиси и да нема резолуции од ООН. Тоа на Русија и давало одврзани раце, но Филипчук го поздравува фактот дека случајот во Керч сега се најде во Советот за безбедност на ООН. Статусот на Крим за Москва има особено значење за нејзината одбранбена стратегија, смета Војтенко, бидејќи Русите ги сметаат тие води за свои по анексијата на полуостровот во 2014, додека пак меѓународната заедница и натаму смета дека водите припаѓаат кон Украина заедно со Крим."
Професорот Кан вели дека така погледнато тврдењето на Русија дека Украина навлегла во нејзина територија е само вистината на една од страните. „Тоа е така само ако се тргнува од тоа дека Крим и припаѓа на Русија". Но, кан смета дека и покрај тоа статусот на кРим во овој конфликт по исклучок не игра никаква улога заради Поморската конвенција и "правото на транзит".
Експерти велат дека Украина би го добила процесот
Подобри се картите во рацете на Украинците да го добијат спорот ако тој се најде пред меѓународните судови, сметаат сите соговорници кои ги контактираше ДВ. „Нема оправдување во меѓународното право за постапката на Русија", вели Даниел Ерасмус Кан.
Војтенко исто така смета дека „Украина не прекршила никакви закони за разлика од Русија. Без разлика кој суд ќе биде надлежен за спорот, во случајов украинските активности се правно издржани." Пред суд, според него, Москва ќе мора да објасни зошто руската крајбрежна стража користела цивилен танкер за да го сопре украинскиот брод и зошто украинските воени бродови биле нападнати во меѓународни води.
Што ако Поморската конвенција веќе не функционира
Професорот Кан смета дека не е во интерес на Русија да ја стави под прашање Конвенцијата бидејќи и самата таа профитира од неа. Експертот вели дека не се пишува добро доколку спорот експалира меѓународно и ако Русија престане да ја почитува конвенцијата. Керч според него е „мал Босфор". Но, ако вистинскиот Босфор биде блокиран, тогаш руската црноморска флота ќе биде „онеспособена", вели Кан. „Ако Русија продолжи да прави притисок НАТО би можела да даде соодветен одговор во Босфорот што би било тежок удар за Русија."