Демонстрација на сила во Азовското Море
27 ноември 2018Спорот помеѓу Киев и Москва достигна нов зенит. Раководството на Украина прогласи воена состојба во најголем дел од земјата. Поводот е ракетирањето и заробувањете на три украински воени бродови од страна на Русија за време на викендот.
Киев сакаше да ги префрли бродовите од Одеса во Црното Море преку морскиот теснец Керч до пристаништата Бердањск и Мариупол на Азовското Море. Русија насилно ги запре и нивниот екипаж го притвори на Крим. Неколку украински морнари беа повредени во акцијата.
За оваа работа Украина е во право
Со право, Украина протестира против ваквата акција. Русија со тоа го крши меѓународното право, меѓународните спогодби за поморското право како и билатералниот договор на двете земји за користење на Азовското Море, кои сѐ на сѐ предвидуваат слободен бродски сообраќај, вклучувајќи и воени бродови. Како и при анексијата на Крим и неговата поддршка за сепаратистите во Донбас, Кремљ повторно покажува дека ги игнорира правно обврзувачките договори и се потпира на политиката на сила.
Со право, Украина добива меѓународна поддршка. Партнерите во Европа како Германија, но исто така и Канада и САД, продолжуваат да стојат на страната на Украина бидејќи правната и политичката оценка за руската агресија е јасна. Со оглед дека нема земја во светот која ја признава анексијата на Крим, не може да е точно тврдењето на Москва дека Украина ја повредила руската територија.
Ограничени ли се човековите права?
Но, зошто тогаш украинскиот претседател Петро Порошенко сега прогласува воена состојба? Тој со тоа сака да ги мобилизира резервистите и да ја зајакне националната безбедност и информациската безбедност. Но, во воена состојба, може да се ограничат и граѓанските права, како што се на пример слободата на собирање и слободата на изразување, или да се спроведат принудсни економски мерки. Порошенко уверува дека тоа нема да се случи. Но, сепак многу Украинци стравуваат бидејќи претседателскиот декрет, кој украинските пратеници го изгласа доцна синоќа, е нејасно формулиран во многу точки.
Порошенко, всушност, сакаше да биде воведена воена состојба за 60 дена и тоа во целата земја. По хаотичната парламентарна седница со многу корекции, сега таа треба да важи 30 дена и само во десет области кои се наоѓаат во близина на териториите под руска контрола. Како ова треба да ја одбраната на земјата е нејасно.
Во секој случај, за мнозинството пратеници барањата на претседателот одеа предалеку. Бидејќи на 31 март наредната година во Украина треба да се одржат избори за шеф на државата. Предизборната кампања треба да започне кон крајот на декември, односно за нешто повеќе од 30 дена. Ако воената состојба трае подолго, изборите ќе беа невозможни, бидејќи со тоа демократијата е фактички вон сила.
Воена состојба како предизборен маневар?
Дури по жилавите натегања претседателот попушти. Тој се соочи со силен отпор во парламентот, бидејќи некогаш најмоќниот човек на Украина повеќе ја нема истата сила. Повеќето граѓани се незадоволни од работата на Порошенко. Пет години откако движењето Мајдан (кое ги опфаќање сите групи население) излезе на улиците за демократска Украина и против корупцијата, еуфоријата за политички промени е згасната.
Затоа, не е ни чудо што многу Украинци се загрижени за воената состојба. Сепаратистичката војна против Киев на исток од Украина, поддржана од Кремљ досега чинеше повеќе од 10.000 животи. И покрај тоа, украинското раководство со години зборува само за антитерористичка операција.
А сега се прогласува воена состојба бидејќи воени бродови се заробени од страна на Русија. Дали е ова предизборен маневар на еден претседател кој се наоѓа во теснец? Во секој случај, толку кратко пред изборите, со тоа се поттикнува недовербата кај украинското население, бидејќи тоа не сака да ги загуби своите демократски слободи, но и партнерите од Запад, кои се залагаат за деескалација. Во меѓувреме, пак, Москва продолжува со својата политика на демонстрација на сила и во неа го вовлекува и Киев.