Адвокатот на Трамп ја потврди исплатата на порно-актерка
14 февруари 2018Личниот адвокат на претседателот на САД Доналд Трамп, Мајкл Коен изјави дека платил 130.000 долари од „свој џеб“ на порно актерката која наводно имала афера со Трамп во 2006 година.
Коен во пишана изјава за весникот „Њујорк тајмс“ наведе дека ниту организацијата „Трамп“ ниту луѓето задолжени за претседателската кампања немале врска со исплатата на парите кои ѝ ги дал на Стефани Клифорд, позната во порнографската индустрија како Сторми Даниелс. Тој изјави дека исплатата била законска, но одби да наведе детали.
„Ни организацијата „Трамп“ ни кампањата на Трамп не се учесници во трансакцијата со госпоѓицата Клифорд, ниту го надоместија износот кој го дадов, ни директно ни индиректно“, наведе Коен.
Американските медиуми претходно пренесоа оти исплатата е извршена еден месец пред претседателските избори во САД во ноември 2016 година за наводите за сексуалниот однос со Трамп, тогаш бизнисмен, да не стигнат во јавноста.
Повеќе на темата:
-Трамп и жените: Забелешката во Париз предизвика нови дискусии
Стефани Клифорд изјави дека имала сексуални односи со Трамп во јули 2006 година по еден турнир во голф кај езерото Тахо, во туристичкиот регион меѓу државите Калифорнија и Невада. Трамп и тогаш беше во брак со сегашната сопруга Меланија.
Белата куќа ја демантираше информацијата наведувајќи дека тоа „се стари и рециклирани информации, кои се објавени и демантирани пред изборите“.