Австрија затвора џамии
11 јуни 2018Ова треба да биде чекор против „политичкиот ислам". Во Австрија владата затвори седум џамии и протера дел од имамите во земјата. „Во нашата земја нема место за паралелни општества, политички ислам и тенденции на радикализација", рече австрискиот канцелар Себастијан Курц кога се појави заедно со повеќе министри пред новинарите.
Правната основа за ваквиот чекор е Законот за ислам, кој во својот изворен облик е изготвен уште во 1912 година, а со тоа е и најстариот закон во Европа. „Австрискиот модел е единствен таков познат во историјата", вели правникот и експерт за ислам Матијас Рое во разговор за Дојче Веле. „Австријците уште пред 100 години имале една релативно хомогена муслиманска заедница, тогаш во Босна и Херцеговина." Виена од 1878 година го управуваше ова подрачје и уште тогаш царот Фрањо Јосип I прокламираше „дека сите синови на оваа земја ги уживаат истите права според законот, сите ќе бидат заштитени во својот живот, вера и имот." Сите признаени цркви и верски заедници во Австроунгарската монархија требало да бидат рамноправни.
Повеќе: Босна – пример за европски ислам?
Ислам со „австриско обележје"
Во 2014 година, владата во Виена изготви нов закон за ислам. Министер за внатрешни работи тогаш беше амбициозниот Себастијан Курц. Законот стапи на сила една година подоцна. Новата верзија на законот предвидува ислам „со австриско обележје" и треба да спречи радикализација на младите муслимани. Во новиот закон, меѓу другото, стои и дека здруженијата во џамиите не смеат да се финансираат со пари од странство.
При претставувањето на новиот закон во 2014-та, Курц веќе ја назначи неговата цел. Пораката е јасна, рече тој, „дека не е противречно да се биде религиозен муслиман и горд Австриец". Но и дека државните закони се над верските права.
Сега би требало да бидат затворени џамиите блиски до Турско-исламската унија за културна и социјална соработка во Австрија (АТИБ). Со одлуката е погодена и една џамија на десноекстремните „Сиви волци" во Виена, која неодамна крена прав со објавување на инсценирани воени акции со деца на интеренет.
Освен тоа, ова здружение е под сомневање дека пропагира и турски национализам. Според плановите на владата во Виена, Австрија би требало да ја напуштат околу 60 имами, што е голем број ако се земе превдид дека во земјата имам вкупно 260. Тие главно се соочени со обвинувања за финансирањето од странство. Германскиот пандан на АТИБ е организацијата ДИТИБ, која исто така често е мета на критики.
„Голема скепса кон исламот"
За Рое, правник од Универзитетот во Ерланген, еден од водечките експерти за правната положба на исламот во Германија и Европа, развојот во Австрија е загрижувачки. Австрија од 2015 година, смета тој, има „престрого правосудство со кое можеби и се крши Конвенцијата за човекови права". Според него, зад ова стои „политички став кој е одбележан со голема скепса кон исламот".
Ваквиот развој во Австрија не може да се спореди со Германија. Тој укажува на правната ситуација во Германија, бидејќи во германското право, генерално гледано, секогаш се поаѓа од личниот став на поединецот и неговата верска определба. А тој како поединец може да се вклучи во одредена заедница. Само кога станува збор за државно признавање, во кое спаѓаат и прашањата за финансирање или делување во затворско или воено згрижување, постојат конкретни прописи. Затоа е потребно организациите и заедниците да бидат признаени како јавна институција што не е едноставно, но не е и невозможно.
Повеќе: Кој ислам припаѓа кон Германија?
Улогата на државата
Правникот Рое укажува на „Ахмадија Муслим Џамад", првата исламска заедница која е признаена како тело. „Значи тоа е возможно во рамките на важечкото право." Државата може тоа внимателно и пријателски да го набљудува, но секако веднаш да реагира на екстремизам. Тој верува и дека праксата на Германија на овој план досега е добра. И во Германија, додава тој, џамиите би можеле да бидат затворени ако во нив се кршат закони или прописи.
Но, според него, се чини во Австрија се „многу повеќе наклонети" кон практикување на забраната. Тој нагласува дека во Германија, на пример, дефинитивно не може да се забрани финансирање од странство. Може да се има желба верските заедници да ги регрутираат своите сили во земјата и да не живеат од „сомнителни пари" од странство, но тоа правно не може да се забрани. И тоа со добра причина, аргументира тој, бидејќи и црквите во Германија поддржуваат „паралелни организации во странство". Ниту Римо-католичката црква не е „чисто национална организација“, појаснува тој.
Ердоган профитира?
Турција во меѓувреме оваа одлука на австриската влада ја оцени како исламофобна и расистичка. Австрискиот политиколог Томас Шмидингер стравува дека постапките на официјална Виена за време на периодот во кој Турците во дијаспората може да гласаат, може да му одат во прилог само на турскиот претседател Ердоган. А тоа нема да им помогне на противниците на режимот во Турција, смета овој политиколог. Тој е скептичен дека политиката на забрани може да ги смени нештата. Според него, против екстремизмот е подобра борбата со образование.