1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Босна – пример за европски ислам?

Ненад Мемиќ / З. Јордановски20 мај 2016

Во Босна и Херцеговина со векови исламот е дел од Европа. Но, во дискусијата околу исламот муслиманите од БиХ не се споменуваат. Може ли таа лабораторија да биде пример за Европа?

https://p.dw.com/p/1IqzS
Фотографија: DW/D. Maksimovic

Османлискиот султан уште од 1882. година го загубил влијанието врз организацијата на религиозниот живот на босанските муслимани – кајзерот (царот) на тогашната Австро-Унгарија си ја присвоил надлежноста за именување на Великот муфтија (реис ул улема) и Советот на учените (меџлисот). Така настанала специфичната организација и хиерархија на исламската вероисповед во БиХ, единствена во светот.

Исламската верска заедница (ИВЗ) во БиХ и нејзините органи денес функционираат врз принципите на секуларизам и се автономни. „Автономијата има многу предности за самостојно третирање на религиозни прашања, но и голема одговорност“, вели Амир Дурановиќ. Босанскиот историчар и експерт за ИВЗ нагласува дека за разлика од БиХ, во најголем дел од муслиманските земји религиозните прашања ги регулираат државни институции.

Секуларен и умерен ислам

Во светската јавност босанскиот ислам најчесто се означува како „умерен“. Разновидни се причините за тоа. Муслиманите во БиХ со векови живеат во опкружување од српски православни и хрватски католички христијани, со кои во голема мера ги споделуват јазикот и културата. Религијата во јавниот живот во социјалистичка Југославија играше споредна улога, што се однесува и на муслиманите. Босанците навистина и натаму се чувствуваа приврзани кон своето муслиманско наследство. Но, во текот на 20. век се одвиваше процес на секуларизација, кој исламот и натаму го сметаше за најважен столб на културниот и национален идентитет, но во голема мера ја минимизира неговата улога во политичкиот или во општествениот живот. Во 1985. година во Југославија само 15 проценти од муслиманите се означуваа себе си како верници.

Војната како преломен момент

Но, со почетокот на војната во Босна во 1992. година се` се смени за босанско-херцеговските муслимани. Тие три години беа цел на систематско етничко чистење – од протерувања, преку масовни убиства, до единствениот геноцид на европска почва по Втората светска војна. Според податоците на Центарот за истражување и документација во Сараево, 80 проценти од цивилните жртви во војната биле босанско-херцеговски муслимани. Војната кај муслиманите во БиХ значително ја засили улогата на религијата во градењето на нивната нација и денес 90 проценти од нив се дефинираат себе си како верници. Но, и покрај тоа, исламот во БиХ во суштина го задржа својот европски белег.

Bosnien Herzegowina Moschee
Фотографија: picture-alliance/dpa/F. Demir

Застранувања во радикализам

Муслиманите од БиХ можат да му се видат чудни на посетител од арапскиот свет: Многу мал дел од жените носат шамии на глава, мажите и жените не се стриктно двоени дури ни во џамиите, жени и мажи сосем нормално си подаваат рака едни на други при поздравувањето.

Истовремено пак, има се` повеќе извештаи во медиумите за Босна и Херцеговина како база за поддршка на терористичката организација Исламска држава (ИД). Влијанието од арапскиот свет и од Турција де факто расте по учеството на таканаречените муџахедини во војната во Босна. Саудиска Арабија или држави од Персискиот залив го финансираа градењето на многубројни џамии и верски училишта. Студенти и туристи од Турција и од арапскиот свет масовно ја посетуваат БиХ. Трговски центри изградени од големи арапски инвеститори станаа нов препознатлив белег на босанските градови.

БиХ е меѓу земјите со најголем број борци на ИД по глава на жител во Европа. Најголем дел од тие самонаречени божји воини потекнува од неколку зафрлени и во меѓувреме строго надгледувани салафистички села. Традиционалниот босански ислам во последните 20 години доби конкуренција во паралелните салафистички структури. Дури во најново време – многумина сметаат предоцна - Исламската верска заедница активно ѝ се спротивставува на таа конкуренција.

Bosnien und Herzegowina Wiedereröffnung Ferhadija Moschee in Banja Luka
Фотографија: DW/D. Maksimovic

Да се искористат искуствата

Јасно е дека убедливо мнозинство на босанско-херцеговските муслимани ја отфрла салафистичката идеологија. И покрај растечката религиозност и траумата од војната, муслиманите во БиХ и натаму опстојуваат врз европскиот животен стил. Тоа се покажува и на високото ниво на нивна интеграција во Германија или Австрија, кои заедно со Шведска и САД се земји во кои Босанците најмногу емигрираат. Од Европејците зависи дали подолгорочно уште повеќе ќе расте арапското влијание во БиХ: се` додека европските инвеститори ѝ го вртат грбот, таа земја ќе мора да бара инвеститори во арапскиот свет, Турција или Русија. Многу е јасно дека во една од најсиромашните земји во Европа заедно со парите оди и политичко или религиозно влијание. Муслиманите во БиХ со векови ја зачуваа својата култура. Притоа развија и чувство за соживот со други религии. Време е и ЕУ да го признае ова и да ги користи Босанците и нивните искуства како важни елементи во дијалогот на Европа со исламот.