1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Австриските десничари го покажаа вистинското лице

Барбара Везел
20 мај 2019

„Штрахе на Ибица“ беше последно предупредување за сите во Европа кои мислат дека можат да влезат во чамецот со десничарските екстремисти и да ја преживеат таа пловидба како демократи. Коментар на Барбара Везел.

https://p.dw.com/p/3IlSY
Österreich | PK Strache
Фотографија: picture-alliance/AP Photo/M. Gruber

Снимките од тајниот состанок на австрискиот вицеканцелар Хајнц-Кристијан Штрахе со наводна внука на руски олигарх на Ибица беа голем театар. Видео од довчерашниот шеф на Слободарската партија на Австрија (ФПА) кој седи пијан и развеселен на кауч - тоа беше подарок за неговите политички противници и црвено светло за конзервативниот канцелар Себастијан Курц. Штрахе самиот од лицето си ги тргна остатоците на граѓанската маска. Под неа остана грда гримаса.

Вистинското лице на ФПА

Во суштина „тајната операција Ибица“ не донесе неочекувани сознанија за карактерот на Штрахе и неговите партиски другари. Единствено може да биде шокантно бесрамното однесување на лидерот на ФПА и ветувањето на државни тендери во замена за донации за партијата, како и планот за купување на еден голем весник. Штрахе се однесуваше како да е газда на Австрија со сите нејзини граѓани.

Откритието доаѓа по цела низа скандали кои ја ставија под притисок виенската коалиција на конзервативците и десничарските екстремисти.

Веќе слушнавме за врските на ФПА со еден член на т. н. Идентитарци кој добил пари од масовниот убиец од Крајстчрч. Слободарците исто така покренаа кампања против јавниот сервис ОРФ затоа што водителот постави оправдано прашање - дали една карикатура која ја објави подмладокот на партијата е нацртана во стилот на нацистичкото списание Штурмер. Друг политичар на ФПА ги споредуваше луѓето со глувци, а на една заедничка вечера на партиските членови се пееле нацистички песни - низата на такви инциденти е бесконечна. Слободарците веќе подолго време се вон демократскиот спектар на партии бидејќи свесно се откажаа од повлекување линија меѓу себе и неонацистите или другите радикални десничарски групи.

Barbara Wesel Kommentarbild App *PROVISORISCH*
Барбара Везел

Аферата од Ибица е удар за планираниот сојуз на десничарите во Европскиот парламент. Нивните лидери ги дигаат рамениците, час се претставуваат како жртви на непријателски кампањи, час како неупатени. Но случајот на ФПА повторно покажува дека тие не сакаат реформа на ЕУ, туку нејзино уништување. И дека нивниот политички модел делумно е со центар во Русија, а делумно во фашизмот.

Со случајот „Ибица“ веројатно се дефинитивно закопани надежите на Матео Салвини, италијанскиот министер за внатрешни работи и шеф на десничарската Лига, дека на европско тло би можел да соработува со умерените конзервативци и така да стекне влијание врз европската политика.

Бледо дистанцирање
Манфред Вебер, баварскиот демохристијанин и главен кандидат на Европската народна партија на претстојните избори за Европскиот парламент, се дистанцираше од нив по аферата. Отсекогаш, рече Вебер, говорел дека и левите и десните екстремисти и популисти не се дел од решението. Нејасно е зошто ја споменува левицата кога се работи само за десничарски екстремисти. Нејасно е и зошто неговото дистанцирање беше толку млако.

За жал, токму Вебер со години мижеше пред растот на самопрогласениот антидемократ Виктор Орбан кој одамна отворено се бори против европските вредности и норми. И за жал, токму Орбан му беше пример на Салвини и другите кои го преземаат неговиот рецепт.

Дали Манфред Вебер толку се срами од тоа па избегнува да зборува директно за аферата на австриските Слободарци? Доколку сега конечно не препознае што се готви во десниот агол на Европскиот парламент и дека со такви партии не може да прави политички дилови- тогаш ни на Вебер повеќе му нема помош.
Австрискиот канцелар Себастијан Курц веруваше дека може да го јава десничарскиот тигар. Во последно време Слободарците ги исклучија сите кочници и зачесто му го загорчуваа животот на Курц и на владејачката коалиција. Курц сака да сочува малку веродостојност како граѓански конзервативец, но Штрахе и компанија ја влечеа владата засилено кон десниот екстрем. Канцеларот морал да знае дека таквата коалиција на подолг рок не може ни да се оправда ни да се одржи.

Во суштина е едноставно: кој ќе влезе во кал - ќе се извалка. Кој верува дека може да се впушта во што било со десничарските екстремисти и другарите на неонацистите - ќе стане нивен корисен идиот. Не може да има владејачка коалиција со луѓе кои западните демократии ги нарекуваат „декадентни“ и сонуваат диктатура од путиновски тип.

„Штрахе на Ибица“ беше последно предупредување за сите во Европа кои мислат дека можат да влезат во чамецот со десничарските екстремисти и да ја преживеат таа пловидба како демократи.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Покажи повеќе написи