1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиУкраина

Зошто САД ѝ испорачуваат на Украина оружје со ограничувања?

Роман Гончаренко
28 март 2023

Хаубици без ЏиПиЕс, ракетни системи со пократок дострел - САД на Украина и испорачуваат некои системи со ограничувања. Што се крие зад ова: извозни правила, или страв од реакцијата на Русија?

https://p.dw.com/p/4PI6H
Ракети ХИМАРС во источна Украина, јули 2022 година
Ракети ХИМАРС во источна Украина, јули 2022 годинаФотографија: Armed Forces of Ukraine/Cover Images/IMAGO

Тенкови Леопард-2 од Норвешка, Миг-29 воени авиони од Словачка: Украина речиси секој ден добива гаранции за испорака на тешко оружје од западот. САД на 20 март најавија нов воен пакет во вредност од 350 милиони долари. Веќе ветените борбени оклопни возила Абрамс не се вклучени во него.

Абрамс тенкови без маскирен оклоп

Од Вашингтон неодамна соопштија дека сакаат да го скратат времето на испорака и на есен да испратат постари модели. На почетокот на годината новинскиот портал Политико јави дека САД не сакаат на Украина да ѝ испорачаат тенкови Абрамс со маскирен оклоп од осиромашен ураниум. Како причина за тоа беа наведени ограничувања во правилата за извоз.

Густав Гресел, воен експерт при Европскиот совет за надворешни релации, во сето тоа не гледа ништо невообичаено. „Украина ја добива извозната варијанта на Абрамс како што може да се најде и во Египет, Саудиска Арабија и Ирак”, вели Гресел за ДВ. Нивниот оклоп е сличен на постарите германски тенкови Леопард 2 А4, кои Норвешка, а претходно и Полска и ги испорачаа на Украина. Постариот тип Абрамс „и натаму е добро борбено оклопно возило, има добар уред за создавање топлина и топ и во однос на ракувањето е подобар од руските тенкови”, се вели од Вашингтон.

Американскиот главен борбен тенк Абрамс М1, архивска слика
Американскиот главен борбен тенк Абрамс М1, архивска сликаФотографија: piemags/IMAGO

Американски хаубици и украински софтвер 

Извозните правила се една причина поради која САД одредени оружја на Украина и ги испорачуваат само во видоизменета форма, но не и единствената. „Во однос на Украина се прашуваат што ќе се случи ако Русите на терен запленат тенк и го анализираат”, вели Гресел. Истата загриженост веројатно важи и за хаубиците М777, кои од април 2022 година се испорачуваат во Украина без ЏиПиЕс навигација и со неа поврзаните компјутери. Но, ваквите оружја не се толку прецизни. Украинската армија брзо најде решение и инсталираше свои системи, меѓу кои и во Украина развиениот артилериски софтвер „Арта”. Меѓу најпознатите ситуации во кои биле употребени хаубиците со софтверот „Арта” е во мај 2022 година кога украинската армија погоди посебно голем број руски сили при обидот да преминат мост во близина на селото Билохоривка на територијата на Луханск. Густав Гресел смета дека Украина е во предност: “Кај артилеријата наредбите за пукање дигитално се издаваат многу побрзо”. На руска страна пак сѐ уште многу се издавале усни наредби. 

Серхиј Храбскиј, воен експерт од Киев и поранешен офицер на украинската армија, опуштено ги прима ограничувањата во системите од САД. „Сите системи се интегрирани во командните структури на НАТО и може да се користат само во рамки на НАТО ангажман”, вели тој во разговор за ДВ и посочува дека тоа е нормална пракса, така што Украина користи сопствени системи.

Хаубица М777 во регионот Доњецк, јуни 2022 година
Хаубица М777 во регионот Доњецк, јуни 2022 годинаФотографија: REUTERS

ХИМАРС со краток дострел 

Различна е ситуацијата со мобилните ракетни системи ХИМАРС од американско производство, кои Украина од летото 2022 успешно ги користи за прецизни удари длабоко на линијата на фронтот. САД за таа намена ги испорачуваат ракетните системи со дострел од 80 километри, но не и значително посилните АТАЦМС ракети кои може да погодат мета на растојание до 300 километри.

“Вол стрит џурнал” јавува дека САД пред испораката ги видоизмениле на начин што ракети со поголем дострел воопшто не може да бидат лансирани од ракетниот систем, дури ни ако Украина успее да ги набави од друго место. Весникот цитира анонимен извор во американската влада кој вели дека позадината на сето ова е желбата да се намали „ризикот од проширување на  војната со Москва”. Во септември 2022 портпаролката на министерството за надворешни работи на Русија, Марија Сахарова, рече дека “црвена линија” се ракети со поголем дострел. Тоа Вашингтон би го направило завојувана страна. 

Густав Гресел смета дека техничките ограничувања кај ракетните системи ХИМАРС може и да се ресетираат, доколку Вашингтон од политички причини одлучи така.

Ограничувањата на испорачаното американско оружје во Украина се поврзани со „страв од Русија и ескалација на војната од нивна страна”, смета Стивен Бланк, американски експерт во институтот за Надворешнополитички истражувања  и поранешен професор на Воениот колеџ на американската војска. Бланк смета дека таквата загриженост сепак е претерана. „Мислам дека премногу се плашиме од ескалација од Русија", вели експертот. „Не разбирам зошто руска територија треба да е исклучена од украински напади. Русија ја започна оваа војна и ја уништи Украина”, вели Бланк. Тој „значителна разлика” на бојното поле гледа во тоа што Русија може да распореди воена опрема на границата кон Украина и „произволно да пука” без да стравува од контранапад. „Кога веќе не би можеле да го прават тоа, Украина би имала голема предност”, смета Бланк кој се залага на Русија да и се покаже дека не дозволуваат “да ги турка наоколу”.

На почетокот на 2023 година западните партнери на Украина и ветија дека ќе испорачаат ракети со дострел од 150 километри. Киев гарантирал дека нема да се лансираат на руска територија, изјави тогаш министерот за одбрана Олексиј Ресников. Но, тоа не важи и за териториите кои се окупирани од Русија.

Ракетен фрлач ХИМАРС, архивска фотографија
Ракетен фрлач ХИМАРС, архивска фотографијаФотографија: Roman Koksarov/AP/picture alliance

Предупредување од погрешни сигнали за Путин 

Стивен Бланк смета дека сојузниците во Европа се уште повеќе уплашени од Русија отколку САД. Администрацијата на Бајден сака да ја држи НАТО Алијансата консолидирана и затоа има обѕири, смета експертот. Од НАТО повеќе пати нагласија дека не сакаат да станат завојувана страна и дека не сакаат да бидат вовлечени во војната. Густав Гресел од ЕЦФР смета дека тоа е исправно, но ја критикува замислата на Вашингтон дека „војната може да се микроменаџира на начин што ќе дојде до посакувано реми”, како што вели тој. Гресел додава дека една војна е “прекомплексна и прехаотична за да можеш да ја менаџираш и со тоа на Путин само му се сигнализира дека има одредена шанса да ја добие војната со тоа што ќе си ја ‘отседи’. Секоја воздржаност на западна испорака на оружје за него е сигнал дека не сме сериозни”, заклучува експертот.

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема