Зошто Хутите профитираат од американските напади?
18 јануари 2024Актуелната ескалација меѓу јеменската Хути милиција и поморската коалиција предводена од САД во Црвеното Море на повеќе начини им оди во прилог на милитантите кои ја уживаат поддршката на Иран. Според некои аналитичари, конфликтот им е дури добредојден.
„Хутите бараа можност за конфронтација со САД," вели Хишам Ал Омејзи, аналитичар и поранешен директор на вашингтонскиот центар за истражување за Јемен.
„Изминатите осум години на приврзаниците им велеа дека се во војна со САД и Израел, па ова е златна прилика од која ќе извадат капитал”, вели Ал Омејзи. Во Јемен владее граѓанска војна од 2014 година, кога групата Хути, која ужива поддршка од Иран, започна војна со владата која е поддржана од Саудиска Арабија. Девет години војна во Јемен предизвикаа поделби - северот и западот од земјата, вклучително и врската со Црвеното Море, ги контролираат Хутите, а југот е контролиран од меѓународно признатата влада и домашните сојузници. Локални племиња владеат со истокот.
Инфраструктурата на Јемен е уништена и конфликтот го фрли населението во една од најстрашните хуманитарни кризи во светот, според ООН.
Хутите, официјално нарекувани Ансар Алах, се во преговори со Саудиска Арабија околу долгорочно примирје. Месецов американскиот специјален пратеник за Јемен, Тим Лендеркинг, се очекува да го финализира мировниот договор меѓу Саудиска Арабија и Хутите.
„Со присилувањето на Саудијците да ги прифатат како национална влада на Јемен, Хутите се надеваат дека и остатокот од светот ќе го следи примерот и ќе им даде меѓународен легитимитет," вели Ал Омејзи.
Досега само Иран ги призна како легитимна јеменска влада, вели Томас Жуно, професор на универзитетот Отава во Канада и аналитичар на Блискиот исток.
„Тие сакаат да ја присилат меѓународната заедница да се занимава со нив со тоа што киднапираат бродови, лансираат ракети, преговараат со Саудијците и сакаат да бидат перципирани како клучна членка во ‘Оската на отпорот’ предводена од Иран" вели тој алудирајќи на мрежата од групи во регионот кои уживаат поддршка од Иран и се против САД и Израел.
„Хутите веќе победија"
Нападите вез трговски бродови во Црвеното Море многу ја попречија виталната меѓународна бродска рута и се, како што велат Хутите, одговор на израелската воена одмазда во Газа.
„Нападите од Хутите ме плашат бидејќи ја загрозуваат нашата фрагилна стабилност," вели за ДВ 20-годишната Манар Салех од Сана. „Јемен веќе девет години нема ни мир, ни стабилност", додава таа.
Според неа, Палестинците во Газа треба да се поддржат, но идеално би било на начин што не вклучува „повторно жртвување на ситуацијата во Јемен”.
Ум Амар, мајка на пет деца од Сана, вели дека исто така сака да ги поддржи Палестинците „на секој можен начин. Но, се надевам без да се нанесе штета на нашата држава."
„Јавноста стои во голем дел зад Хутите, затоа што Јеменците се многу загреани за палестинското прашање”, вели Абдулгани Ал Ирјани, истражувач во јеменскиот тинк-тенк Центарот Сана за стратешки студии.
Тој забележува промена во ставот спрема Хутите во изминатите недели.
„Хутите конечно стекнаа широка народна поддршка откако со години беа омразени поради суровоста кон луѓето под нивна контрола, поради корупцијата, потиснувањето и идеологијата на надреденост”, вели Ал Иранји.
Хутите „ја добија оваа конфронтација дента кога ја испукаа првата ракета”, додава тој.
Воена победа не е нужно целта
Мохамед Ал Иријани, истражувач во Јеменскиот центар за политики, вели дека борбата досега не била за воена победа за Хутите, ниту пак поморската коалиција под водство на САД остварила победа.
„Ова на Хутите им дава простор за дополнително да провоцираат и нивната стратегија се чини дека се базира на очекувањата оти САД преокупирани со изборите на домашен терен, можеби се ограничени во капацитетот за ефикасен одговор”, вели Ал Иранји. Дополнително, ова се чини дека е „евтин“ конфликт за Хутите. Напад со дрон врз трговски брод во Црвеното Море чини околу 1.100 евра, додека алијансата под водство на САД има трошоци од околу 1,38 милиони евра за една бомба, вели Ал Омејзи и додава дека дури и теренска офанзива би била придобивка за Хутите.
Теренска офанзива ќе ја засили легитимноста на Хутите не само во Јемен, туку и пошироко.
„Изминатите недели забележавме тренд - дури и луѓето кои се инаку анти-Хути да имаат симпатии за нив”, вели Ал Омејзи и додава дека Хутите ја искористиле војната во Газа за бран на регрутации.
„Мора да сте свесни дека ова е земја во која на 80% од населението му е потребна помош и многу луѓе се осиромашени. Ако оваа ситуација им пружа можност да донесат леб во куќата, преку вработување во војската или во друга група, ќе ја искористат," заклучува Ал Омејзи. „Јеменците не сакаат војна, но ако им се наметне, тие се многу добри борци како што демонстрираа во изминатите осум години."
Сафија Махди учествуваше во правењето на извештајот од Јемен