1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Зошто Бугарите се несреќни?

16 септември 2023

Човек треба да е слеп за да не види дека луѓето се среќни и живеат добро таму каде што нема корупција и образованието е на високо ниво. Чудно ли е што многу Бугари затоа ја напуштаат земјата? Пишува Александар Андреев

https://p.dw.com/p/4WFCE
Bulgarisch-türkische Grenze
Фотографија: picture-alliance/Joker/est&ost/M. Fejer

Зошто Бугарите се несреќни? Зошто масовно ја напуштаат својата земја?

Според различни статистики, бруто домашниот производ по глава на жител во Бугарија е зголемен за 150% во однос на 2000 година, а индивидуалниот приход статистички е речиси двојно зголемен во последните десет години. Според Светска банка, условите за бизнис во Бугарија се добри, а според Европската комисија, земјата стои сосема пристојно во глобалната дигитална конкуренција. Зошто тогаш Бугаринот е на 77 место во светот по чувството на среќа?

Објаснувањето 

Во две рангирања, Бугарија со години дефинитивно го зазема едно од последните места во ЕУ - и токму тие рангирања даваат одговор на прашањето за националното чувство на несреќа. Која е најкорумпираната земја во Европската унија? Бугарија, во последно време заедно со Унгарија. Каде е образованието во најтрагична состојба, а нивото на практична неписменост највисоко? Повторно во Бугарија. Ако на ова се додаде и бедното бугарско здравство - сликата станува целосна.

А сега да ги погледнеме споменатите рангирања со обратна оптика. Меѓу најдобро образованите нации, меѓу земјите со највисок индекс на среќа и најниско ниво на корупција, меѓу земјите со рекорден добар животен индекс, секогаш се среќаваме со истите имиња: Финска, Шведска, Норвешка, Швајцарија, Данска. 

Човек треба да е слеп за да не види дека луѓето се среќни и живеат добро таму каде што нема корупција и образованието е на високо ниво. Да не зборуваме дека има и директна врска меѓу двете. Полуписмените луѓе кои произлегуваат од бугарскиот образовен систем не размислуваат многу за корупцијата. Напротив, тоа е нивната природна средина, вклучително и во образовните институции. Бугарското образование очигледно произведува висок степен на патриотизам и многу ниска чувствителност на корупција. Младите, со нивните тетоважи на Левски и Ботев на телата, едвај пишуваат елементарни текстови, но вешти се во поткуп на сообраќајни полицајци - за тоа речиси секојдневно го читаме во медиумите. Дополнително: доброто образование ги учи децата и адолесцентите не само да читаат и бројат - тоа им дава морален компас во животот. Компас кој секогаш им покажува како да и свртат грб на корупцијата. Таков компас, инаку, им даваат и медиумите, а медиумскиот плурализам во Бугарија е сериозно нарушен во споредба со другите земји од ЕУ. И тоа не го тврдат вообичаените „Репортери без граници“, туку европратеникот Даниел Фројнд и невладиното новинарско здружение „Европски кореспондент“. 

Да, Бугарите сè уште се најсиромашни во цела ЕУ - и во оваа смисла би било цинично да ги предомислуваме со баналното „Среќата не е во парите“. Но, нивните приходи очигледно растат со респектабилно темпо, додека луѓето се чувствуваат сè понесреќни - тоа го покажуваат и бугарскиот национален „Индекс на среќа“ на агенцијата „Џи консалтинг“ и социологот Живко Георгиев, објавен минатата година. Во својот коментар за него, главната уредничка на магазинот „Менаџер“, Весислава Антонова, нагласува уште една многу важна работа: „Сериозната разлика меѓу нас и скандинавските земји, кои секогаш се во топ 3 на најсреќните во светот, е дека таму луѓето имаат доверба во државата и државните институции“. 

Едноставна равенка 

Така, како одговор на прашањето „Зошто Бугарите се несреќни? се појавува едноставна равенка: чувството да се биде несреќен е обратно пропорционално со нивото на образование, здравствена заштита и медиуми, плус отсуството на корупција. И кога луѓето не веруваат дека државата може да им гарантира помала корупција и повеќе образование, медиумски интегритет и добро здравство – тогаш патот навистина води до „Терминал 2“.

А, кажано со горчлива иронија, несреќните луѓе во Бугарија ќе стануваат сѐ помалку и помалку. 

 

Овој текст го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.

Deutsche Welle Bulgarische Redaktion Alexander Andreev
Александар Андреев Александар Андреев е долгогодишен новинар и раководител на бугарската редакција на Дојче Веле.
Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Покажи повеќе написи