Зошто Бугарија е перципирана како најголем непријател?
20 септември 2022Резултатите од анкетата на фондацијата „Конрад Аденауер“спроведена во август годинава од Институтот за политички истражувања (ИПИС), ја потврдија конзинстентноста на ставовите на македонските граѓани во однос на најгорливите прашања. Оттука, не е изненадување резултатот од истражувањето дека 57,1% од анкетираните не го поддржуваат францускиот предлог.
За споредба, сличен процент покажа и теренската анкета што во првата половина на јули годинава ја спроведе агенцијата ИПСОС. На прашањето - дали го поддржуваат францускиот предлог за надминување на спорот помеѓу Македонија и Бугарија, 58% од граѓаните дадоа негативен одговор, наспроти 26% кои му дале поддршка. Таа, и анкетата на „Конрад Аденауер“, покажуваат константа во односот на граѓаните кон францускиот предлог.
Според поранешниот македонски амбасадор во Софија, Марјан Ѓорчев, причина за ваков резултат е што земјата со тој предлог на извесен начин била принудена да прифати двојни стандарди во изготвување на Преговарачката рамка.
„Ако билатeралните односи или договори беа дел од Преговарачката рамка на државите Кипар, Бугарија, Романија и Хрватска, тие држави поради сериозни проблеми со соседите, никогаш немаше да бидат дел од Унијата. Македонските граѓани долго време беа убедувани од европските великодостојници - Рен, Баросо, Јункер, Фон дер Лајен, дека треба да бидат трпеливи, посветени и фокусирани кон нашиот почеток на преговори за полноправно европско членство. Заслугите за нашето придвижување кон европските стандарди е токму поради трпеливоста и издржливоста на нашите граѓани, а не заслуга на нашите институции. На грбот на македонскиот граѓанин нашата држава стана ‘првак во сиромаштија’ не само во Европа, туку и на Балканот“, оценува Ѓорчев.
Поради тоа, нема изненадување ни од другите резултати во анкетата.
„Сите направени реформи доведоа над 30% од македонското население да биде на работ на социјална исклучивост. Токму поради тоа, недовербата во дипломатијата на македонската држава изнесува над 45%, а и носителите на државни функции во последните 20 години се со просечна или потпросечна доверба кај граѓаните. Од тие причини и верувањето дека ЕУ е единствената алтернатива за РМ изнесува само 44,8%. Едноставно, премногу хипокризија, премногу ветувања, а на крајот ‘се тресеше гората, се роди глувче’! Дури и Србија и Црна Гора, кои имаат низа нерешени територијални и гранични проблеми со соседите, веќе десетина години преговараат со ЕУ, a само РМ ‘тапка во место’. Затоа, само 27,1% од граѓаните веруваат дека францускиот предлог е добро решение за нашиот европски пат“, оценува Ѓорчев.
Акција и реакција
Она што најмногу привлекува внимание, се ставовите на испитаниците во однос на источниот сосед. Фактот дека Бугарија „предничи“ во прецепцијата на анкетираните како „најголем непријател на РСМ“, може да има негативни импликции врз елементарна комуникација помеѓу институциите и општествата на двете држави. Ако за „танго се потребни двајца“, вреди да се потсетиме дека предлогот на француското претседателство со ЕУ за деблокирање на европскиот пат на Македонија предизвика разочарување и кај бугарските граѓани. Летово, резултатите од телефонската анкета спроведена од „Галуп интернешнел“ покажаа дека 59,5 % од анкетираните Бугари сметаат дека со францускиот предлог не биле земени предвид интересите на Бугарија. Во анкетата на агенцијата „Алфа Рисрч“ на прашањето „Требаше ли Бугарија да го крене ветото за Македонија“, 53 отсто од испитаниците одговориле негативно. Девет месеци претходно, (во декември 2021) година, 71,1 % од Бугарите во анкета на „Галуп“ се изјасниле „против“ нивната влада да попушти во однос на евронтеграциите на РСМ.
„Бугарската политика на стопирање на нашиот европски пат, не беше ниту пријателски, ниту цивилизациски чин. Оттука, очекуван е процентот од 44% граѓани кои ја гледаат Бугарија како најголем непријател на македонската држава. Начинот на кој Бугарија се однесува кон македонската држава е апсолутно неприфатлив во меѓународниот правен поредок - со ултиматуми, асиметрија, уцени и наметнување на мотото ‘бугарското е бугарско, тоа е само наше и никој не смее да ни се меша во нашите внатрешни работи, ајде сега да преговараме за вашето - македонското’. Се пристапи кон методологија со која Бугарија се меша во македонската култура, историја и колективната меморија на Македонците“, вели Ѓорчев.
- повеќе: Како функционира пропагандата: Дали Украинците се Руси, а Македонците- Бугари?
Поради овие причини, доколку и имало одредени симпатии во минатото кон Бугарија како близок сосед, со овој вид на „политички диктат“, тој смета дека нема македонски граѓанин кој не е иритиран и повреден од газењето на елементарното човечко достоинство.
- повеќе: Целосна блокада на умот
Некогаш и денес
Ваквите резултати не дојдоа откако двете земји го потпишаа Договорот за пријателство, добрососедство и соработка (први август 2017 година), туку откако односите во 2019 година беа оптоварени со декаларација на бугарското собрание, рамковна позиција на бугарската влада и објаснувачки меморандум до членките на ЕУ.
Токму затоа во „периодот помеѓу“ ставовите на македонските граѓани биле сосема поинакви од денешните. За илустрација, во анкета на ИПИС спроведена во декември 2017 година, на прашањето „Ако треба да поминете една година надвор од Македонија, во која соседна држава би сакале да живеете?“, најголем дел од испитаниците се изјасниле дека не знаат (27,9 проценти), 27,2 % ја посочиле Србија, а веднаш потоа следи Бугарија со 14,4 %. По Србија, Бугарија била на второ место и според одговорот - за прифаќање на личност од друга етничка определба. Така, 24,5% од анкетираните би прифатле Бугарин како член од фамилија, 45% како пријател и 15,3 како познаник, што во вкупен резултат говорело за повеќе од 85 % позитивен однос на македонските граѓани кон граѓаните на Бугарија.