Избори во САД: (Зло)употреба на музиката во кампањите
23 септември 2024Како што се наближуваат изборите за претседател во САД, претседателскиот кандидат на Демократите Камала Харис добива се поголема поддршка од познати личности. Минатата недела американската мегаѕвезда Тејлор Свифт јавно ја поддржа актуелната потпретседателка во нејзината кампања. Сега уште една ѕвезда, Били Ајлиш, ја поддржа Харис за претседателка на САД. Во видео клип објавен на социјалните мрежи, таа и нејзиниот брат, Финијас О'Конел, ја изразија својата поддршка за Харис и нејзиниот кандидат за потпреетседател, Тим Волц, укажувајќи притоа на нивниот став во однос на репродуктивните права и заштитата на животната средина, како и демократијата. „Гласајте како животот да ви зависи од тоа, бидејќи и зависи“, порачува пејачката во клипот.
Свифт и Ајлиш сега се приклучија на серијата познати музичари и ентертејнери кои ги поддржуваат кампањите. Многумина од музичарите се чувствуваат почестени кога нивната музика се користи како химна на кампањата на некој кандидат, но тоа сепак не секогаш е така.
„Вајт страјпс“ против Доналд Трамп
„Вајт страјпс“ покренаа тужба против републиканскиот претседателски кандидат Доналд Трамп затоа што без претходна дозвола го употребил нивниот голем хит „Армија на седум нации“. Во видеото објавено на платформата X, кое во меѓувреме е избришано, се гледа како Трамп влегува во авион додека во позадина се слуша воведот од песната.
Џек Вајт, пејач и гитарист на бендот, објави фотографија од тужбата на Инстаграм. Канадската пејачка Селин Дион пак, уште во август објави дека нема да толерира употреба на нејзината песна „My Heart Will Go On“ во кампањата на Трамп. Долга листа на уметници - АББА, Бијонсе, Брус Спрингстин, Нил Јанг, Ози Озборн, Ријана, Креденс Клирвотер Ривајвл, Ерт, Винд анд Фајр, Фу Фајтерс, Ганс Н’ Риузис, Р.Е.М, Ролинг Стоунс, Вилиџ Пипл, како и наследниците на Шинејд О'Конор и Том Пети веќе побараа од тимот на Трамп да не ја користи нивната музика за време на кампањата.
Сепак, употребата на музика во изборните кампањи не е нова појава, бидејќи долгата традиција датира уште од првиот претседател на САД, Џорџ Вашингтон.
Џорџ Вашингтон: „Господ да го чува големиот Вашингтон“
Џорџ Вашингтон беше првиот претседателски кандидат кој употреби конкретна песна во својата изборна кампања. „Господ да го чува големиот Вашингтон“ се смета за лична химна на првиот претседател на Соединетите Американски Држави. Мелодијата на британската национална химна „Бог да го чува кралот“ доби нов текст, во кој што името на претседателот во песната ги заменува зборовите „Нашиот милостив крал“.
Џон Ф. Кенеди, 1960: „Големи надежи“ од Френк Синатра
Семи Кан ги напиша новите зборови за песната на Френк Синатра која во 1959 го освои Оскарот и потоа стана официјална песна за изборната кампања на Џон Кенеди во 1960 година.
За кампањата за реизбор на Роналд Реган во 1984 година избрана е песната „Роден во САД“ од Брус Спрингстин и тоа е воедно една од најпогрешните интерпретации на значењето на една песна во историјата на нивна употреба за кампањи. Имено, песната воопшто не е толку патриотска колку што може да се помисли. Во неа Брус Спрингстин зазема критички став кон војната во Виетнам и ја осудува американската влада за нејзиниот однос кон воените ветерани.
Бил Клинтон, 1992 година: „Не престанувај“ од Флитвуд Мек
Се верува дека изборот на хитот од 1977 година „Не престанувај“ (Размислување за утре)“ бил внимателно пресметан потег од стратезите на Клинтон. Песната беше многу популарна меѓу младите Американци во тоа време, а петнаесет години подоцна, обожавателите на Флитвуд Мек беа средовечни гласачи - генерација со особено висока излезност на изборите.
Џорџ В. Буш, 2000: „Јас нема да се покорам“ од Том Пети
Реагирајќи против употребата на неговата песна на предизборните митинзи, Том Пети во 2000 година му забрани на Џорџ Буш да ја користи песната.
Дваесет години подоцна, кога претседателот Доналд Џеј Трамп ја искористи истата песна на ре-изборниот митинг во Тулса, Оклахома, семејството на починатиот музичар испрати писмо за прекин на користењето.
Барак Обама, 2008: „Потпишано, запечатено, испорачано (јас сум твој)“ од Стиви Вондер
„Потпишано, запечатено, испорачано“ на Стиви Вондер редовно се пушташе за време на изборната кампања на Барак Обама во 2008 година. Пораката до неговите гласачи беше „Јас сум ваш!“. Многу поп ѕвезди го поддржаа Обама, вклучувајќи ги Спрингстин, Бијонсе и Кејти Пери. Раперот и продуцент Вил.Ај.Ем од групата Блек Ајд Пис ја продуцираше песната „Јес ви кан“ во негова чест.
Камала Харис, 2024 година: „Слобода“ од Бијонсе
Потпретседателката на Демократската партија, Камала Харис, ја започна својата претседателска кампања во 2024 година со песната „Слобода“ на Бијонсе како нејзина химна.
Пејачката и дала дозвола на Харис да ја користи нејзината легендарна песна, притоа негирајќи му го тоа право на Трамп, откако видела промотивно видео на социјалните мрежи со истата песна во позадина.