Во минатата колумна веќе навестив дека катастрофалната геофизичка појава во Турција и Сирија може да произведе подеднакво неочекувани и важни геополитички последици. Трагедијата може да делува како катализатор на растечкото незадоволство кон Ердоган, па оттука, многу ќе зависи од првичната реакција по земјотресот, за која претседателот веќе призна дека проблематично се одвива. Реакцијата од сега до 14-ти мај ќе биде одлучувачка дали Ердоган ќе биде потврден на врвот на Република Турција или пак ќе го одбележи крајот на неговото 20 годишно владеење.
Истото донекаде важи и за Сирија, земја зафатена во граѓанска војна која трае веќе 12 години и која важи за одметната држава поради авторитаризмот на претседателот Башар ал Асад, кој пак сега во катастрофата гледа шанса да излезе од политичката изолација и да се врати на меѓународната сцена.
Само 10 дена после трагичниот земјотрес, можеме да забележиме промени во регионалната и светската политика. Турција преку Ердоган одеднаш звучи далеку повеќе помирувачка кон соседите и регионот, додека Сирија барем во почетната фаза од спасувачките напори, доби делумно ослободување од меѓународните санкции. Ова не би бил прв случај каде една природна катастрофа ја менува траекторијата на една голема сила или земја, принудувајќи ја да ги промени своите тактички, па дури и стратешки планови.
Чумата од 541 година, на пример, ја промени и загрози големата стратегија на Јустинијан I за одново освојување на Италија и Северна Африка. На тој начин негирајќи и` ја на Византиската империја демографската моќ, а со тоа и економската и воена, неопходна за да ги задоволи амбициите на визaнтискиот „василевс" кој ќе ја подигне Аја Софија.
Тоа ќе го принуди Јустинијан да се повлече и неговата моќ да ослабне пред ривалите кои биле недопрени од пандемијата.
Во погон сите расположливи механизми за спасување на султанот
Земјотресот го забрза темпото кон одлучувачките претседателски избори на 14 мај, претворајќи се во главна, ако не и единствена предизборна тема. Доколку Ердоган успее да го убеди просечниот гласач дека ситуацијата е под контрола, тогаш референдумски ќе биде потврден, во спротивно, неговото 20 годишно владеење ќе заврши неславно.
Првичните сигнали не се добри и самиот Ердоган ја призна бавноста. Сега дури наликува дека е спремен да побара и поголема меѓународна помош, признавајќи дека државните ресурси нема да бидат доволни за реконструкцијата, туку ќе биде потребна помошта од „сите светски нации". После првичната одбивност, Ердоган сепак ја прифати помошта од најмалку 40 држави, вклучувајќи ја и Грција, на која до пред денот на земјотресот и` се закануваше со уништување.
-Повеќе од авторот: Земјотресот во Турција и Сирија и (гео)политичките последици
Потоа тука се непријатните изборни податоци за Ердоган. Девет од десетте провинции погодени од земјотресот претставуваат важни изборни бастиони за партијата на Ердоган. На изборите од 2018-та, Ердоган во Кахранманмараш освоил 74% од гласовите, во Килис 70%, во Малатија 69%, во Адијаман 67%, во Газиантеп 65%, во Шанлијурфа 64%.
Оттука, во редовите на Партијата за правда и развој, АКП, и меѓу целото мнозинство веќе се ставени во погон сите расположливи механизми за спасување на султанот. Веќе гласно и со инсистирање се зборува за (ин)директни контакти помеѓу претседателот Ердоган и лидерката на националистичката опозицијата, турската челична дама Мерал Акшенер. Целта на средбата е поместување на датумот на изборите и после природното истекување на претседателскиот мандат на Ердоган (јуни 2023), повикувајќи се на воведувањето на тримесечната вонредна состојба како одговор на природната катастрофа. Таквата иницијатива би му дозволила на Ердоган да купи време и да избегне претседателски натпревар помеѓу рушевини и додека сеќавањето на жртвите се` уште е пресвежо.
Теориите на заговор почнуваат да растат како печурки
Но, секогаш постои опцијата дека нештата може да излезат од контрола. Доколку раководењето со трагедијата се покаже како системски и структурално слабо, тогаш народниот бес може да премине во социјални немири, во кои би можеле да се вклучат не само непријателите на Ердоган, туку и оние на Турција. Во една таква ситуација, влогот на масата повеќе не би се состоел од само промена на власта, туку од промена на режимот.
Во тој поглед теориите на заговор почнуваат да растат како печурки. Испраќањето на САД на носачот на авиони Џорџ Х. В. Буш заедно со борбената група во источното Средоземје, наместо да се испрати брод-болница или други бродови посоодветни за хуманитарна помош, кај Турците го поврати сеќавањето на воената вежба Millenium Challenge изведена на 24 јули 2002 година, инаку годишнина од Договорот од Лозана. Според провладините медиуми таа вежба симулира окупација во рок од 96 часа на земја која има сериозни проблеми со еден остров, погоден од земјотрес, и втурнат во хаос поради неспособноста на властите да воведат ред. Целта на вежбата е воедно да се блокираат сите витални поморски рути на државата. Оттука произлегува и паранојата од присуството на носачот во близина на Антолиските води. Чувство на страв кое е потхрането, ама не и создадено од земјотресот. Веќе неколку недели пред земјотресот повеќе еминентни експоненти на американските државни апарати се залагаа за драконски мерки, не толку против Ердоган, колку што против проектот на стратешка автономија кој тој го инкарнира. Меѓу Американците, професорот Хенри Барки е обвинет како еден од организаторите на пропаднатиот државен удар од 15 јули 2016-та година. Всушност, турскиот провладин наратив и понатаму го третира настанот како неуспешна американска инвазија.
Симптоматични сигнали
Настрана параноите и заговорите, наредните неколку седмици ќе бидат мошне деликатни. Анкара својата геополитичка моќ ја изгради на способноста да ги одврати противниците, на моментната и насилна реакција кон секоја непријателска иницијатива која би ги загрозила нејзините империјални и нео-отомански амбиции. Тоа го покажа и во Либија и во Сирија, принудувајќи ги ривалите да ги напуштат сопствените амбиции како последица на цврстината и реактивноста на турската моќ. Моќ која пак може нагло и ненадејно да биде ослабена од последиците од земјотресот.
-Повеќе од авторот: Од „Брегзит“ до „Брегрет“
Од тој аспект мошне индикативна е заложбата на Министерот за надворешни, Мевлут Чавушоглу, во обидот да издејствува помирување со Грција, кога до пред само неколку недели Ердоган се закануваше кон Атина, дека Турците ќе дојдат „ненадејно и навечер". Подеднакво индикативно е и руското одложување на фазата на имплементација на енергетскиот хаб во источна Тракија. Официјално, одложувањето е поради несогласувања околу цените и поради преместувањето на Енергетскиот форум во Истанбул за наредниот месец. Но, во реалноста Русите сакаат да почекаат и да го разберат ефектот на земјотресот врз геополитичкиот активизам и регионалното држење на Анкара.
Истото го прават и Кинезите, Арапите, Иранците и Израелците. После 20 години, експанзионизмот, ревизионизмот и протагонизмот на Ердоган најверојатно ја достигнаа својата кулминација, развивајќи геополитичка моќ и влијателност каква што ниедна друга земја на светот, освен Турција, не би можела да проектира со своите ограничени економски, демографски и територијални основи. Сега предизвикот е како Турција да го помири императивот на итната внатрешна реконструкција со потребата и понатаму да ја пласира својата геополитичка проекција со цел да избегне какви било непријателски акти и да даде гаранции во заштита на својата цврста и решителна позиција на регионална супер сила.
Ердоган веројатно добро се сеќава, дека слабиот одговор на властите на земјотресот од 1999-та година, го отвори патот за него и неговата партија.
Трагедија за Сиријците - награда за Асад
Сосема дијаметрално од позицијата на Ердоган, која неминовно се влошува, онаа на Башар ал Асад апсурдно се подобрува. Тоа што е трагедија за Сиријците е награда за Асад, од проста причина што никој друг не сака во овој момент да се бави со менаџирање на сириската криза. Операцијата за враќање на Асад на меѓународната сцена веќе ја започнаа неколку арапски држави, пред се, Обединетите Арапски Емирати, кои го испратија својот министер за надворешни работи во Дамаск и ја зголемија хуманитарната помош до 100 милиони долари. Асад од своја страна, направи помирувачки гест кога дозволи конвоите на ООН да користат уште два гранични премини со Турција, така носејќи помош директно во провинциите кои се под контрола на бунтовниците.
-Повеќе од авторот: Украина: Денес тенкови, утре авиони, а задутре можеби и пешадија
Но, тешко дека и таквите гестови ќе ги одоброволат САД и ЕУ да ги олабават санкциите кои директно го погодуваат Асад и неговиот ентураж. Статусот на Сирија како одметната и пропадната држава нема да се промени во скоро време или се` додека Асад е на власт. Од друга страна пак, реалноста е дека и покрај поделената држава, слабата централна контрола врз одредени провинции, силното внатрешно влијание на Турција и Иран, контролата над власта од страна на Асад е цврста и непопустлива и тешко дека некој ќе го предизвика во догледно време. Дополнителна добра вест за Асад е што Турција и Ердоган, поради фактот што ќе бидат презафатени со сопствената реконструкција, нема премногу да се бават со Сирија, па дури и двајцата лидери планираат да се сретнат со цел да ги олабават тензиите.
Сепак, тоа што важи за Ердоган, дотолку повеќе важи и за Асад. Опасноста од социјални немири никогаш не може да се потцени, особено кога бастионите на неговата моќ како Алепо и Латакија се сериозно погодени од земјотресот. Преку 5,3 милиони Сиријци се останати без своите домови, а бавната и тромава реакција на државните служби предизвикува бес кај локалното население, дополнително разгневено поради сомнежите дека помошта доцни поради широко распостранетата корупција. Ако нешто е добро од оваа катастрофа, е што Сирија макар и делумно се врати на меѓународната сцена, но тоа што е лошо, е што таа сцена е доминирана од диктаторот Асад.
Како и да се одвиваат нештата, природната катастрофа допрва ќе ги менува политичките траектории на погодените држави и нивните долгогодишни лидери.
Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.