1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КатастрофиСирија

Земјотрес во Сирија: Хуманитарна помош со пречки

Диана Ходали | Керстен Книп
8 февруари 2023

По катастрофалниот земјотрес во Сирија, меѓународните помагачи тешко ќе можат да избегнат соработка со режимот на Асад. Но, има и други проблематични политички актери.

https://p.dw.com/p/4NDPE
Сирија земјотрес
По земјотресот во Сирија - човек покрај оган на улица во Алепо Фотографија: Firas Makdesi/REUTERS

Првиот силен потрес ги разбудил Кавла и нејзините двајца браќа во градот Идлиб многу пред да зазори. „Бевме толку исплашени, што на почетокот не знаевме што ќе се случи“, раскажува таа на телефон. „Немаше опција да ја напуштам куќата. Моите двајца браќа се болни, времето е многу студено. Каде да одиме?“, прашува таа. Затоа ѝ се предале на судбината, исто како и соседите. Куќата се нишала, но не е урната. „Многу куќи сега се уште повеќе во опасност од уривање. Но, тука нема засолништа за итни случаи, нема безбедни места. Има луѓе кои од страв се на улица или седат во своите автомобили од синоќа“, вели таа - на температури околу точката на смрзнување.

Кавла (47), која не сака да го каже своето вистинско име, е од Идлиб, главниот град на последната провинција во северозападна Сирија до турската граница која ја држат сириските бунтовници и исламисти. Сликите на Сиријци кои беспомошно се извлекуваат од под урнатините станаа вообичаена глетка во изминатите 12 години војна во Сирија. Но, овојпат за тоа не беа одговорни воздушните напади, туку еден природен феномен. Стотици луѓе веќе загинаа во понеделничките земјотреси во северна Сирија, како во областите контролирани од владата, така и во областите контролирани од бунтовниците и исламистите - а бројот веројатно ќе се зголемува.

„Не сум сигурен дали се живи“

Режимот на Асад ја злоупотребува помошта

Во меѓувреме почна и помошта за Сирија. Сепак, има повеќе тешкотии, вели Анита Староста, консултант за Сирија во хуманитарната организација Медико Интернешнал. Една од нив е да се достави помош до градовите како Алепо, области под контрола на режимот на Асад. Претседателот Башар ал Асад веќе вети помош и ги повика ОН да ја поддржат оваа помош. „Но, тоа значи дека особено во овие области, нема да може да се избегне координирање на помошта преку Асад, доколку станува збор за меѓународна помош.“

Но, тоа е проблематично, додава Староста. „Бидејќи од минатото знаеме дека сите пари за помош што минуваат низ режимот и Дамаск одат и за финансирање на режимската структура - односно за организации за помош кои се поврзани со семејството Асад.“

Вакво искуство се стекна пред сѐ за време на пандемијата на коронавирус, вели политикологот Андре Банк од хамбуршкиот институт за блискоисточни студии ГИГА. Режимот, вели Банк, се обиде да ја контролира вакцината што пристигна во земјата, како и други медицински материјали, а потоа да ги дистрибуира на избрани групи.

Сирија Идлиб земјотрес
Идлиб по земјотресот (6.02.2023)Фотографија: Omar Haj Kadour/AFP

„Ова покажува колку режимот е селективен и политички ориентиран. Во основа, единствениот заклучок што може да се извлече од ова е дека западните земји не можат да соработуваат со режимот.“ Според Банк, веќе има индиции дека Дамаск се обидува да го искористи и земјотресот за свои цели. „Организацијата за помош Сириско-арапска Црвена полумесечина, која е многу блиска до режимот, побара да се укинат санкциите против режимот за да може подобро да се обезбеди помош. Ова покажува колку политичката елита во Дамаск ја сфаќа катастрофата првенствено стратешки.“

Скептичен е и германско-сирискиот активист Сафух Лабание. Искуството, вели тој, покажа дека режимот нема сериозна волја да им помогне на граѓаните. „Мислам дека и сега се обидува да ја искористи трагедијата за да ја монополизира помошта и да го врати меѓународниот легитимитет.“

Сириско-турска граница: Отворање на премините?

Тешка е и ситуацијата со помошта за провинцијата Идлиб, која не е под контрола на Асад. Таму живеат околу 4,8 милиони луѓе, а помошта досега одеше тешко. Целата хуманитарна помош за нив поминува преку турско-сирискиот граничен премин Баб ал Хава - единствениот кој е загарантиран со резолуција на ОН.

Трка со времето во потрага по преживеани во Турција и Сирија

За да се забрза испораката на помошта за Сирија, германската министерка за надворешни работи Аналена Бербок сега побара да се отворат граничните премини меѓу Турција и Сирија. „Затоа е толку важно отворањето на граничните премини“, рече Бербок.

Предлогот е изводлив, вели Андре Банк. „На оваа екстремно долга граница има повеќе од 20 премини. Од сириска страна, тие се главно контролирани од опозициската Сириска национална армија. Станува збор за умерени бунтовници кои имаат и блиски врски со Турција. Со тоа би се избегнала и соработката со режимот на Асад, Русија или Иран“. И уште нешто е важно: овие премини не се контролирани од џихадистички групи како што е Хајат Тахрир ал Шам, организација наследничка на Ал Каеда. „Значи, Западот заобиколува многу групи со кои не сака да работи“, вели Банк.

Улогата на Турција

Отворањето на други гранични премини во основа би ја олеснило помошта, вели Анита Староста од Медико Интернешнал. Снабдувањето на сириските внатрешно раселени лица и досега беше повеќе од несигурно. „Помошта што беше обезбедена таму дури и пред земјотресот не беше доволна и често не пристигнува. Сега е зима и студено е. Затоа луѓето во тамошните бегалски кампови, но и во уништените области во Идлиб се упатени на меѓународна помош повеќе од кога и да е“.

Во секој случај, вели Староста, најважно е „дали Турција ќе дозволи хуманитарен коридор за луѓето и бегалците да се донесат на безбедно или ќе се држи до својата политика и ќе ги држи границите затворени. За жал, тоа е поверојатно да се случи“.

И на Кавла и нејзините браќа не им останува друго освен да останат во Идлиб. 47-годишната Кавла е со години заглавена во уништениот град. „Некогаш се тоа ракетни напади, некогаш економската ситуација, а сега природна катастрофа“, вели таа со треперлив глас. „Воопшто немаме време да земеме здив, да се опоравиме. Како човек да го издржи сето ова?“