Зеленски реагира опуштено на најавата за референдуми
21 септември 2022„Нашата позиција не се менува поради врева или некакви најави“, изјави украинскиот претседател Володимир Зеленски по најавите за одржување референдуми за припојување на украинска територија кон Русија. Во видео обраќање вчеравечер (20.09) тој рече: „Ние ја браниме Украина, ја браниме нашата земја и, пред сѐ, во никој случај не покажуваме слабост.“
Украинскиот претседател се заблагодари на осудата на руските планови од страна на многу земји и организации. „Имаме полна поддршка од нашите партнери“, рече Зеленски во Киев.
Сепаратистичките региони Доњецк и Луганск, кои имаат поддршка од Москва, како и во војната освоените региони Херсон и Запорожје, планираат референдуми кои треба да се одржат од 23 до 27 септември. Тие имаат за цел припојување на украинските територии кон Русија и се сметаат за реакција на Кремљ на украинската контраофанзива на истокот на земјата. Во 2014 година, на сличен начин, Москва го анектираше украинскиот полуостров Крим.
Германската министерка за надворешни работи Аналена Бербок ги осуди најавените референдуми како „исмевање“ на Украина и на Обединетите нации. Новата провокација не смее да има за последица повлекување на поддршката за Украина поради страв од натамошна ескалација на конфликтот, изјави шефицата на германската дипломатија на маргините на Генералното собрание на ОН во Њујорк. „Испораката на оружје ќе продолжи за да се спасуваат човечки животи“, додаде Бербок.