1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиУкраина

Зеленски најавува нова офанзива

ЕМФ | дпа
19 септември 2022

Украина смета дека преговори со Русија во овој момент се бесцелни. Претседателот Зеленски е уверен дека руските окупатори може да бидат истерани од земјата.

https://p.dw.com/p/4H2bp
Цела Украина мора да биде ослободена, вели Зеленски
Цела Украина мора да биде ослободена, вели ЗеленскиФотографија: Ukrainian Presidential Press Office/AP/dpa/picture alliance

Украинскиот претседател Володимир Зеленски најави нова офанзива. Украинската армија, според сопствени наводи, веќе има утврдување на истокот на земјата за да може натамошно да напредува. Советниците на Зеленски сметаат дека со оглед на моменталната воена ситуација, но и поради големиот број воени злосторства за кои ја обвинуваат руската војска, преговори во овој момент се бесцелни.

Зеленски најави нови напади на територијата окупирана од руските војници. „Можеби на некои од вас им се чини дека по серијата победи сега настапил молк, но тоа не е молк“, рече Зеленски вчера (18.09) во своето секојдневно видео обраќање. Тоа е подготовка за следната офанзива, чија цел е повторно заземање на Мариупол, Мелитопол и Херсон, вели украинскиот претседател.

И Крим треба да се ослободи

Според Зеленски, Украина нема да се фокусира само на областите што ги контролираше пред рускиот напад во февруари годинава. Претседателот најави дека ќе бидат повторно заземени и териториите на сепаратистите поддржани од Москва на истокот на земјата и градовите на Крим, кои беа анектирани од Русија од 2014 година. „Затоа што цела Украина мора да биде слободна“, вели Зеленски.

По инвазијата на Украина на 24 февруари, Русија освои големи региони на југот и на истокот на земјата. Москва сè уште држи околу 125.000 квадратни километри територија, што е околу една петтина од територијата на Украина, вклучувајќи го и Крим.

Киев: Во моментов нема интерес за средба на претседателите

Киев ја отфрли можноста за преговори и средба меѓу руските претседатели Владимир Путин и Володимир Зеленски во овој момент. „Накратко, преговарачки процес и лична средба на претседателите во моментов немаат смисла“, изјави за украинските медиуми советникот на шефот на украинскиот претседателски кабинет, Михајло Подољак.

- повеќе: Што ако победи Украина?

Подољак наведе три причини зошто разговорите во оваа фаза се бесмислени: Прво, Русија се обидува да ги задржи и легитимира освоените територии. Второ, одржувањето на статус кво само ѝ служи на Русија како пауза за здивнување, за потоа да може да ги продолжи нападите на нова линија. И трето, Русија мора да одговара за злосторствата извршени на украинска територија. Затоа преговорите се можни само откако руските трупи ќе се повлечат од украинската територија, вели Подољак. Тогаш, според него, би можело да се преговара за висината на репарации и предавањето на воените злосторници.