1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаРусија

Збогување со Алексеј Навални

Тагесшау | дпа | ЕМФ
1 март 2024

Рускиот опозиционер Алексеј Навални денеска е погребан во Москва. И покрај предупредувањата на Кремљ, стотици луѓе се собраа на комеморацијата за најголемиот противник на руските власти. Се стравува од апсења.

https://p.dw.com/p/4d4za
погреб на Алексеј Навални
Ковчегот со телот на Алексеј Навални на пат за црквата каде што беше одржана комеморацијатаФотографија: AP/dpa/picture alliance

Најголемиот противник на Кремљ, Алексеј Навални, попладнево е погребан на гробиштата Борисовскоје, во Москва. На комеморацијата од него се збогуваа роднините и неговите приврзаници. Тимот на Навални во пренос во живо на Јутјуб го прикажа неговото тело во ковчегот, опкружено од голем број луѓе. За време на комеморацијата, до ковчегот беа и мајката на Навални со свеќа во рака и татко му.

Многу луѓе со цвеќиња

И покрај големото присуство на полицијата и безбедносните сили, неколку часа пред комеморацијата, пред црквата во југоисточниот кварт Марјино се собраа повеќе стотици луѓе. Многумина со цвеќе во рацете дојдоа да се збогуваат со опозиционерот кој почина во казнен логор во Русија. Според дописничката на германскиот јавен сервис АРД, Ина Рук, редот на луѓето два часа пред да започне погребната служба бил долг повеќе стотици метри. На видеата се гледа како луѓето скандираат „Навални“ и „Нема да заборавиме“, како и „Ти не се плашеше, ние не се плашиме“ и „Русија без Путин“.

погреб на Алексеј Навални
Полицаец набљудува луѓе кои одат на комеморацијата за Алексеј НавалниФотографија: picture alliance/dpa/AP

На комеморацијата дојдоа и западни амбасадори, меѓу кои и Германецот Александар Граф Ламбсдорф

Вдовицата Јулија Навалнаја, ќерката Дарија и синот Захар не присуствуваа на комеморацијата поради тоа што се во странство заради сопствена безбедност. Сопругата на Навални го обвини рускиот претседател Владимир Путин за убиство на нејзиниот сопруг. Таа би ризикувала да биде уапсена во Русија. Тимот на Навални исто така не е во земјата, бидејќи и неговите соработници, кои руските власти ги сметаат за екстремисти, би биле веднаш уапсени.

погреб на Алексеј Навални
Метални барикади за луѓето собрани да му оддадат последна почит на рускиот опозиционер НавалниФотографија: REUTERS

Закани пред погребот на Навални

Претходно, рускиот државен апарат презеде невидени безбедносни мерки. Пред црквата беа поставени метални решетки, уште рано наутро беа распоредени десетици возила за итни случаи со униформирани службеници. Освен тоа, како што јавија руските медиуми, униформирани службеници ги проверувале документите и личните работи на случајните минувачи, а ограничен е и мобилниот интернет. Голем број полицајци беа стационирани и на гробиштата Борисовскоје, каде што е погребан Навални.

Погреб на Алексеј Навални
Полицајци на стража покрај детектори за метал поставени на влезот во гробиштата БорисовскојеФотографија: AP/dpa/picture alliance

Се стравува од апсења, предупредувања од Кремљ

Се стравува дека рускиот апарат ќе преземе остри чекори против поддржувачите на Навални. Во последните неколку недели ширум земјата беа уапсени стотици луѓе кои сакаа на споменици да положат цвеќе за познатиот опозициски политичар. Пред почетокот на комеморацијата, Кремљ предупреди да не се учествува на „неовластени“ собири. Секој што ќе учествува на таков митинг ќе биде „одговорен во согласност со важечкиот закон“, изјави портпаролот на Кремљ, Дмитри Песков за новинската агенција Тас.

погреб на Алексеј Навални
Се стравува од апсења (фото: полициски исли пред црквата каде што се одржа комеморацијата за Навални)Фотографија: picture alliance/AP

Тимот на најистакнатиот противник на рускиот претседател Владимир Путин рече дека имал потешкотии да најде локација за комеморацијата. Покрај тоа, неколку погребални претпријатија одбиле да го транспортираат телото на опозицискиот политичар. Вдовицата на Навални во средата предупреди на можна полициска акција за време на погребот. „Не знам дали ќе биде мирен погреб, или пак полицијата ќе апси луѓе кои сакаат да се збогуваат со него“, изјави Јулија Навалнаја  во Европскиот парламент.

Јулија Навалнаја се обрати во Европскиот парламент во Стразбур
Јулија Навалнаја се обрати во Европскиот парламент во Стразбур (28.02.2024)Фотографија: Frederick Florin/AFP/Getty Images

Според официјалните информации, Навални починал на 16 февруари, на возраст од 47 години, во затворски логор северно од Арктичкиот круг. Остриот критичар на Путин беше физички многу ослабен по нападот со отров во 2020 година и постојаната изолација во логорот. Околностите за неговата смрт остануваат нејасни. Руските власти наведоа природна причина за смртта. Тие ги отфрлија обвинувањата за вмешаност на државата во тоа. Поддржувачите на Навални и водечки западни политичари го обвинуваат Путин за смртта на опозицискиот политичар.

Она што исто така предизвика гнев е и тоа што роднините на Навални мораа да го бараат неговото тело со денови по неговата смрт, а подоцна најверојатно биле притиснати и уценети од претставници на државниот апарат. Според мајката Људмила Навалнаја, Кремљ сакал Навални да биде тајно погребан, но таа постојано се противела на тоа.