1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаРусија

Нема меѓународна истрага за падот на авионот на Пригожин

ЕМФ / ртр
30 август 2023

Русија, според бразилски извори, не дозволува меѓународна истрага за авионската несреќа во која загина шефот на платеничката група Вагнер, Евгениј Пригожин.

https://p.dw.com/p/4VjTp
Остатоци од авионот во кој бил Евениј Пригожин
Авионот во кој бил Евениј Пригожин падна на 23 август 2023 годинаФотографија: AP Photo/picture alliance

Владата во Москва ја известила бразилската воздухопловна управа Ценипа дека „засега“ нема да покрене истрага за несреќата според меѓународни правила, соопшти за агенцијата Ројтерс бразилскиот Центар за истражување и превенција на воздухопловни несреќи.

Ценипа претходно соопшти дека во интерес на подобрување на безбедноста на летовите ќе учествува во истрага предводена од Русија, доколку биде поканета и доколку истрагата се спроведе според меѓународните правила. Паднатиот авион Embraer Legacy 600 е произведен во Бразил.

Според Меѓународната организација за цивилно воздухопловство на Обединетите нации (ИЦАО), со седиште во Монтреал, домашните летови, како што е летот на Евгениј Пригожин од Москва до Санкт Петербург, не подлежат на меѓународни прописи. Пригожин, двајца високи генерали од неговата група Вагнер и четворица телохранители биле меѓу десетте лица во авионот што минатата недела се урна северно од Москва. САД и другите западни влади се сомневаат дека владата во Москва стои зад падот на Embraer Legacy 600, кој важи за безбедно летало. Кремљ негира каква било вмешаност.

Свеќи за Пригожин во Москва
Свеќи за Пригожин во Москва (29.08.2023)Фотографија: Maxim Shemetov/REUTERS

Пригожин погребан во Санкт Петербург

По нешто помалку од една недела по несреќата, Пригожин вчера (29.08) беше погребан во Санкт Петербург. „Збогувањето“ со Пригожин е направено во тесен круг, објави на Телеграм компанијата Конкорд, која тој ја основал. Портпаролот на Кремљ, Дмитри Песков, претходно изјави дека претседателот Путин нема да присуствува на погребот. Присуството на шефот на државата „не било планирано“, а Кремљ „нема прецизни информации“ за погребот, рече Песков.