Евгениј Пригожин загина во авионска несреќа
23 август 2023Деловен авион кој летал од Москва кон Санкт Петербург се урна во средата, при што загинаа сите 10 патници и членови на екипажот. Шефот на платеничката војска Вагнер, Евгениј Пригожин бил на листата на патници, соопштија руските власти.
Според непотврдени новинарски извештаи, авионот му припаѓал на Пригожин.
Руската агенција Тасс, повикувајќи се на официјални извори соопшти дека во авионот се превезувале тројца пилоти и седум патници. Авионот се урнал на 100 километри северно од Москва. Причините за уривањето засега не се познати. Руските власти отворија истрага за настанот.
По неуспешниот воен пуч, Пригожин и дел од неговите војници се префрлија во Белорусија. Групата Вагнер беше ударната тупаница на Русија во агресијата против Украина, а платеничките единици беа најзаслужните за освојувањето на градот Бахмут по долга опсада.