1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Закон за ЛГБТ: Бугарски закон по руски модел

14 август 2024

Новиот закон забранува наводна ЛГБТК пропаганда во училиштата. Советот на Европа бара од претседателот Радев да не го потпишува, но многу Бугари се согласуваат со него, вклучително и повеќето партии во парламентот.

https://p.dw.com/p/4jPrq
Бугарија
Еден ден по усвојувањето на законот против ЛГБТК, демонстрантите протестираа во бугарскиот главен град СофијаФотографија: Hristo Vladev/NurPhoto/IMAGO

Во Бугарија, невладините организации и адвокатите поднесоа петиција против новиот училишен закон што беше усвоен од парламентот минатата недела. Сметаат дека законот за забрана на ЛГБТК содржини во училиштата е неуставен.

Нацртот, кој се заснова на слични закони во Унгарија и Русија, беше поднесен од проруската партија „Преродба“ и брзо беше усвоен на 7 август 2024 година. Гласаа 159 од 240 пратеници во бугарскиот парламент. Меѓу нив беа и пратениците од сојузот на десниот центар ГЕРБ-СДС, партијата ИТН, социјалистите и партијата на бугарските муслимани ДПС. Либерално-конзервативната алијанса ПП-ДБ беше првата што гласаше против амандманот. 

Навреди во Собрание 

Амандманот забранува ширење информации за „нетрадиционални сексуални ориентации“ и идентитети кои се разликуваат од биолошкиот пол. Застапниците сакаат да обезбедат дека нема дискусии за ЛГБТК прашања во училиштата. Тоа е пропаганда, велат тие. Според нив, децата мора да бидат заштитени од наводна хомосексуалност или промена на полот.

Јавор Божанков
Пратеникот Јавор Божанков го туркаа и му се закануваа во бугарскиот парламентФотографија: BGNES

Против законот гласаа 22 пратеници. Меѓу нив беше и Јавор Божанков од либералната партија „Продолжуваме со промените“ (ПП). Тој во интервју за ДВ зборува за тешките расправии во бугарскиот парламент, кои доведоа до физички напади и навреди против ЛГБТК. „Пратеник од проруската партија „Преродба“ ме нападна, викајќи: „Педер, Педер!“, вели тој. Божанков вели и дека секогаш кога тој пратеник поминува покрај местото каде што седи неговата пратеничка група вика: „Еве го педерот!“ 

Дали законот е неуставен? 

Од друга страна, лидерот на проруската партија Препород, Костадин Костадинов го поздрави донесувањето на законот и ги охрабрува политичките партии во другите европски земји да се приклучат на Бугарија: „Во текот на изминатите децении во ЕУ, САД и Канада, тезата дека не постои традиционална и нетрадиционална сексуална ориентација постепено се шири. Тоа што го наметнуваа со децении, штотуку се урна во Бугарија“.

Сепак, многу адвокати сметаат дека законот го прекршува бугарскиот Устав, неправилно е напишан од правна гледна точка, па дури и содржи делови копирани директно од Википедија. Политичкиот аналитичар Даниел Смилов во анализа за ДВ на бугарски го напиша следново: „Овој закон е необразована опскурност преправена во државна моќ. Тоа е и политичка глупост со потенцијално големи последици за Бугарија“. 

Бугарија
Протести против новиот закон пред бугарскиот парламент во СофијаФотографија: Hristo Vladev/NurPhoto/IMAGO

Против законот протестираат и бугарските активисти за човекови права. Не само што е бесмислено, туку е и дискриминаторски, а е во спротивност со Европската конвенција за човекови права, наведуваат оттаму. Тие го повикаа претседателот Румен Радев да стави вето на законот и да не го потпишува. 

Одобрување меѓу гласачите 

Сепак, според анкетите, мнозинството гласачи во Бугарија сметаат дека ваквите забрани се точни. Поради оваа причина, за законот гласаа не само националистите и проруските пратеници, туку и партиите кои се членки на Европската народна партија (ЕПП), како и оние од семејството на либералните партии во Европскиот парламент. Јавор Божанков во интервју за ДВ вели дека се чини дека лидерот на најголемата парламентарна партија ГЕРБ, долгогодишниот премиер Бојко Борисов, им врти грб на вредностите на Европската народна партија, на чие семејство и припаѓа неговата партија. „Законот е хомофобичен. Тоа е закон на омразата“, вели Божанков. Според него, Борисов е популист и мисли само на претстојните избори.

Бојко Борисов
Претседателот на партијата ГЕРБ и поранешен премиер Бојко БорисовФотографија: BGNES

Во жестоката дебата за законот, Борисов изјави: „Ако евроатлантизмот значи дека ќе ме направи жена, тогаш ви го давам овој наслов: „Јас не сум евроатлантист“.

Ќе реагира ли Брисел? 

Пратеникот на Европскиот парламент Радан Канев од конзервативната Демократска бугарска партија (ДБ), која заедно со ПП беше единствената која гласаше против законот во бугарскиот парламент, на Фејсбук напиша дека бара од Европската комисија, Европскиот парламент и Европската народна партија да го осудат анти-ЛГБТК законот.

Но, Комисијата на ЕУ се уште молчи. Според набљудувачите, тоа е затоа што за законот гласаа и две партии од партиски групи кои го поддржаа вториот мандат на претседателката на Комисијата Урсула фон дер Лајен.

бугарски парламент
Парламентот на Бугарија во СофијаФотографија: BGNES

Во изјава за ДВ, бугарскиот пратеник Божанков предупредува: „Олимписките игри во Париз покажаа дека руските информативни и пропагандни канали интензивно ја промовираат тезата за морално дегенериран Запад и шират хомофобија“. А, Европската Унија, вели, треба да стане свесна за тоа дека Бугарите од историски, културни и географски причини, особено се ранливи на руската пропаганда. 

На патот кон нелибералната демократија? 

Даниел Смилов стравува дека по предвремените парламентарни избори во октомври може да се појави популистичко мнозинство во парламентот во Софија, што ќе ја претвори Бугарија во „нелиберална демократија“ по моделот на Унгарија и ќе ја отсече земјата од ЕУ и НАТО.

Тоа мислење го дели и Божанков: „Јасно е зошто тие луѓе протуркаа таков закон. И ако не им се спротивставиме, утре ќе донесат закони не само за „традиционална сексуалност“, туку и за традиционалната боја на кожа или националност. Тоа е пат кој Европа многу добро го знае и знае како завршува“. 

Националисти во Грузија нападнаа Прајд фестивал

Deutsche Welle Bulgarische Redaktion Alexander Andreev
Александар Андреев Александар Андреев е долгогодишен новинар и раководител на бугарската редакција на Дојче Веле.