1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Закон и правосудствоСоединети Американски Држави

За Трамп, забраната за абортус во Аризона оди предалеку

СН/агенции
11 април 2024

Врховниот суд во американската сојузна држава Аризона го прогласи за важечки законот за забрана на абортусот од 1864 година. Доналд Трамп сега исто така го критикуваше ова.

https://p.dw.com/p/4ee0c
Доналд Трамп ги повика пратениците во законодавниот дом на Аризона да го променат законот за абортус од 19. век
Доналд Трамп ги повика пратениците во законодавниот дом на Аризона да го променат законот за абортус од 19. векФотографија: Yuki Iwamura/AP Photo/picture alliance

Доналд Трамп, поранешниот претседател на САД и извесен републикански кандидат за таа функција, оцени дека законот во Аризона, кој го криминализира абортусот во речиси сите случаи, „оди предалеку“ и ги повика претставниците на законодавниот дом во таа американска држава да го променат.

Во средата, Врховниот суд на Аризона, со мнозинство гласови на конзервативните судии, го отвори патот за враќање на законот од 1864 година - ерата на Американската граѓанска војна, кој забранува абортус во сите фази од бременоста, без исклучоци за силување и за инцест, а се дозволува само кога животот на трудницата е во опасност.

Со тоа драстично се промени правната регулатива во врска со абортусот во Аризона. Тамошните власти од Демократската партија, која се противи на ограничувањата на правата за абортус, ја осудија одлуката на судот, а јавната обвинителка на Аризона рече дека нема да ги гони лекарите за кршење на законот од 1864 година.

Врховниот суд на Аризона пресуди дека сојузната држава може да ја спроведува забраната за абортус од 1864 година
Врховниот суд на Аризона пресуди дека сојузната држава може да ја спроведува забраната за абортус од 1864 годинаФотографија: Joel Angel Juarez/The Republic/USA TODAY Network/IMAGO

Трамп им рече на новинарите и на поддржувачите во Атланта за време на предизборната кампања дека тоа што го направи Врховниот суд на Аризона „ќе биде поправено“.

„Уверен сум дека гувернерот (на Аризона) и сите други ќе ја вратат таа работа во разумни рамки и ќе се погрижат за тоа, би рекол, многу брзо“, рече Трамп.

Тој додаде дека, сепак, ја поддржува одлуката на Врховниот суд на САД кој во 2022 година со мнозинска одлука на конзервативните судии ја укина заштитата на правото на абортус на федерално ниво и ја префрли во јурисдикција на одделните сојузни држави.

Тоа мнозинство беше формирано кога Трамп беше претседател, а токму тој номинираше тројца судии чии гласови овозможија укинување на речиси половина век стариот судски преседан - случајот „Ро против Вејд“, врз основа на кој жените го уживаа правото на абортус на целата територија на САД.

Потоа, околу дваесет сојузни држави со републикански влади почнаа да го ограничуваат или забрануваат правото на абортус. Соочувајќи се со сѐ посериозни последици од републиканските напади врз правата на абортусот, кои демократите ги користат за кампања и во жнеење победи, Трамп отиде во дефанзива и сега бара од републиканците да се повлечат од поддршката на забраната за абортус која е длабоко непопуларна кај повеќето Американци.