1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Борба за правото на абортус во САД

Кристина Бергман
4 мај 2022

Врховниот суд на САД, според пишувањата на медиумите, сака да го поништи правото на абортус во САД. Но, жените нема така лесно да дозволат да им се одземе тоа право, смета новинарката на ДВ Кристина Бергман.

https://p.dw.com/p/4Apfs
USA Demo Abtreibung
Фотографија: Alex Brandon/AP/picture alliance

Е сега е веќе доста. Малку по малку, конзервативците во САД го враќаат времето назад последниве години. Во некои држави, тие донесоа закони против абортусот кои прогресивно го ограничуваа правото на жените на абортус, а кои беа на сила од значајната пресуда „Роу против Вејд“ од 1973 година. Законски го ограничија до тој степен што без разлика на околностите го направија речиси невозможно. А, нашиот гнев порасна поради неверојатното лицемерие на оние кои, од една страна, наводно ја бранат слободата на поединците, а од друга страна, сакаат да ги контролираат нивните најинтимни одлуки.

Сега, значи, постигнат е „голем успех“, цел за која Републиканската партија не се двоумеше да следи дури и демагог како Доналд Трамп. Зашто, доколку текстот на пресудата на американскиот Врховен суд, кој протече во јавноста, а кој се однесува на строгиот закон за абортус во Мисисипи, биде објавен и за неколку недели стане закон, тогаш државите повторно ќе одлучуваат  дали абортусот е нелегален и казнив.Според Центарот за репродуктивни права, организација за човекови права која се залага за самоопределување на жените, тоа значи дека жените во повеќе од половина американски држави повеќе нема да имаат право на абортус. Во некои веднаш по пресудата на Врховниот суд. 

Повеќето Американци го поддржуваат правото на абортус 

Конзервативците, сепак, не треба да се радуваат прерано, бидејќи дури и ако правната ситуација се врати на состојбата пред 1973 година, сепак постои една голема разлика: ние жените нема да ја толерираме. И ние имаме сојузници. Повеќето Американци го поддржуваат правото на абортус и се противат на поништување на одлуката на Врховниот суд од 1973. А, таквото мислење е конзистентно со години.

Kommentarbild Christina Bergmann PROVISORISCH
Кристина Бергман

Сите оние кои се бореа и имаа корист од правото на самоопределување во седумдесетите години ќе ги здружат силите со оние на кои денес им е одземено тоа право. И ќе ја изразат својата солидарност - со зборови, дела и донации. Веќе постојат начини и средства за оние жени кои живеат во земји со екстремно рестриктивни закони за абортус, сепак да имаат право на тоа.  Понекогаш е заморно и скапо, бидејќи, се разбира, законите за забрана на „христијанските“ фундаменталисти најмногу ги погодуваат сиромашните и необразованите жени. Но, тоа не е невозможно. Абортусот ќе продолжи да биде легален во многу американски држави.

И има уште нешто на располагање: социјалните мрежи. Криците кои го потресоа Твитер не можеа да се игнорираат. Веднаш по објавувањето на првите извештаи за нацрт-пресудата, се протестираше пред Врховниот суд во Вашингтон. Милиони жени - и мажи - во многу американски градови, од Њујорк и Вашингтон, преку Денвер до Сан Франциско, ќе протестираат бидејќи нивниот најлош кошмар наскоро ќе се оствари. И ќе се организираат. 

Мотивација за изборна кампања 

Покрај тоа, изборите за Конгресот се закажани за ноември. Повторно се бира целиот Претставнички дом и една третина од Сенатот. Изгледите за демократите досега не беа особено добри. Тие имаат само тесно мнозинство во Сенатот, а веќе нашироко се очекува губење на нивното тесно мнозинство во Претставничкиот дом. Ако американскиот Врховен суд сега го укине правото на абортус, тоа ќе и даде на изборната кампања сосема нов пресврт.

Затоа што, како што се вели во Библијата дека конзервативците сакаат да ја цитираат: Кој сее ветер, ќе жнее бура.