1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиИзраел

Палестинците и Израел: Што значи „Накба“?

Џенифер Холејс
15 мај 2023

Додека Израел слави 75 години од основањето на државата, Палестинците ширум светот одбележуваат „Накба“ (катастрофа), ден кога нивните претци во 1948 година биле присилени да ги напуштат своите домови.

https://p.dw.com/p/4RMNt
Накба - палестински бегалци во 1948 година
Накба - палестински бегалци во 1948 годинаФотографија: Eldan David/Pressebüro der Regierung Israels/picture alliance /dpa

Израел со бројни свечености ја одбележа 75-годишнината од основањето и денот кога првиот израелски претседател Давид Бен Гурион на 14 мај 1948 година, согласно со резолуција на Обединетите нации, ја прогласи државата Израел. На тоа претходеше повлекување и окончување на мандатот на Велика Британија во Палестина.

На 15 мај 1948 година, пет арапски држави: Египет, Либан, Ирак, Сирија и Јордан навлегоа на подрачјето на Палестина за да го спречат остварувањето на планот на ОН кој предвидуваше формирање две држави,на што арапската страна се противеше. Со оглед на тоа што првата израелско-арапска војна заврши со победа на Израел во 1949 година, Палестинците ширум светот 15 мај го означуваат како „Накба“ (катастрофа) и почеток на егзодусот на околу 700.000 жители (од околу 1,3 милиони, колку што живееле на подрачјето на Палестина).

Што е денот Накба?

15 мај е ден кога Палестинците излегуваат на улици и протестираат против раселувањето. Многумина носат палестински знамиња, ги донесуваат клучевите од своите некогашни куќи или носат транспаренти со нацртани клучеви – симбол за нивната надеж за враќање во татковината и за она што го сметаат за свое право на враќање. Во минатото некои протести прераснуваа во насилни судири. Израел го обвинува Хамас и други организации, кои во ЕУ и во други земји се на списокот на терористички организации, дека го користат тој ден за промовирање на своите цели.

Поради честите антисемитски испади и повици на насилство против Израел и Евреите, полицијата веќе неколку години забранува протести на денот Накба во Германија.

Изразот „Ден Накба“ го сковал во 1988 година тогашниот палестински водач Јасер Арафат, одредувајќи го датумот како официјален ден за обележување на губитокот на палестинската татковина.

Накба, Палестинци Израел
Најголем дел од Палестинците се без државјанствоФотографија: RONALDO SCHEMIDT/AFP/Getty Images

Зошто Палестинците морале да заминат?

Сѐ до почетокот на Првата светска војна Палестина била под турска власт како дел од Османското царство. Потоа паднала под британска контрола, т.н. „британски мандат“. Во тој период сѐ поголем број Евреи од цел свет се доселуваат на тоа подрачје, сметајќи го за своја прататковина.

По искуствата од Холокаустот во нацистичка Германија, Генералното собрание на ОН усвоило „План за поделба на Палестина“, којшто Арапската лига го отфрлила. Еврејската агенција за Палестина, предок на државата Израел, го прифатила планот, а по прогласувањето на државата Израел, започнала војна, во текот на која се уништени повеќе од 400 палестински села. На двете страни се извршени кршења на човековите права, масакрот во Деир Јасин, село на патот меѓу Тел Авив и Ерусалим, е врежан во палестинското сеќавање сѐ до денес. Според Германската централа за политичко образование, убиени се повеќе од 250 луѓе. Тоа предизвикало страв кај Палестинците и натерало многумина да ги напуштат своите домови.

До краjот на војната, Израел држел околу 40 проценти од подрачјата првобитно наменети за арапски Палестинци со планот на ОН за поделба од 1947 година.

Каде заминале Палестинците? 

Мнозинство од Палестинците завршиле како бегалци без државјанство во соседните арапски земји, а само мал дел заминале во странство.

До денес само мал број Палестинци побарал или добил друго државјанство. Како резултат на тоа, големо мнозинство од моментално 6,2 милиони Палестинци на Блискиот Исток останале без државјанство и тоа дури и во трета или четврта генерација.

Според агенцијата на ОН за палестински бегалци (УНРВА), мнозинство Палестинци во регионот уште живее во бегалски кампови кои со време се претворени во бегалски градови. Тие се главно сместени во Појасот Газа, на окупираниот Западен Брег, но и во Либан, Сирија, Јордан и источен Ерусалим.

Се проценува дека меѓународната палестинска дијаспора е зголемена на околу шест до седум милиони луѓе. Ако е тоа точно, вкупниот број Палестинци се движи околу 13 милиони луѓе. Меѓутоа, не постои некое глобално тело кое ги следи Палестинците во дијаспората и нема точни податоци.

Накба Палестинци Израел
Палестински бегалски камп Шатила во БејрутФотографија: ANWAR AMRO/AFP/Getty Images

Што претставува декларирано право на Палестинците на враќање?

Со Резолуцијата 194 на Генералното собрание на ОН од 1948 година, како и Резолуцијата на ОН 3236 од 1974 и Конвенцијата за статус на бегалци од 1951 година, Палестинците се сметаат за палестински бегалци и имаат право на враќање.

Израел меѓутоа го отфрла ова „право на враќање“ за Палестинците, наведувајќи дека тоа би значело крај на идентитетот на Израел како еврејска држава. Израел ја негира одговорноста за раселување на Палестинците и истовремено истакнува дека меѓу 1948 и 1972 година околу 800.000 Евреи се протерани или морале да побегнат од арапски земји како Мароко, Ирак, Египет, Тунис и Јемен.

Дали постои предлог за решение?

Во изминатите 75 години се појавуваа различни пристапи за решавање на палестинското прашање. Најприсутно решение останува тоа со две држави – Израел и идна Палестина, кои би го делеле Ерусалим на два главни града. Меѓутоа, од двете страни постои сомнеж за реализација на тој проект.

Меѓународната заедница го критикува Израел поради изградбата на сѐ поголем број еврејски населби на окупираниот Западен Брег, што би можело да исклучи можност за формирање на обединета палестинска територија.

Во оптек се и други предлози, како признавање на статусот бегалци од страна на Израел и компензации, но без право на враќање. Или ограничена преселба, систем со два пасоши во една држава. Но, решение кое би имало изглед на реализација, засега не е на повидок.

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Покажи повеќе написи