Пред неколку месеци познатиот историчар на Универзитетот во Регенсбург, Германија, Улф Брунбауер (одличен познавач на историјата на овој регион, и на Македонија и на Бугарија) во својата анализа за „фантомските болки“на бугарската историска митологија во однос на Македонија и Македонците го спомена текстот на Штефан Требст од 1983 година за „македонското прашање“. И двата текста, и на Брунбауер и на Требст, се објавени во списанието „Компаративни студии за Југоисточна Европа“.
Анализирајќи ги односите меѓу двете држави и уцените што доаѓаат од Софија, Брунбауер неодамна го пишува и ова:
„'Да се донесат конечни заклучоци во овој момент за историската политичка контроверза за Македонија, која врие веќе петнаесет години, едвај има смисла, бидејќи таа сè уште е во полн ек’. Така започнува заклучокот од анализата на Штефан Требст од 1983(!) за контроверзноста меѓу Бугарија и Југославија за Македонија. И тогаш и сега, спорот за идентитетот на Македонците, природата на нивниот јазик и толкувањето на историјата на Македонија ги попречува билатералните односи. Како што истакна Требст, контроверзноста влијае и на домашната политика. Голем дел од она што беше кажано пред речиси 40 години – т.е. за време на комунизмот – може да се примени денес, сè до конкретните аргументи што ги користеа оние кои беа вклучени во спорот (главно историчари, јавни интелектуалци, новинари и политичари). Нема многу ново под сонцето, може да се каже, со еден исклучок: симетријата на моќта драматично се промени во корист на Бугарија, како резултат на нејзината моќ за вето во Европскиот совет и на силната желба на Северна Македонија да стане членка на Европската унија“.
Бугарскиот претседател Румен Радев, во средата одговари на изјавата на неговиот македонски колега Стево Пендаровски кој нагласи дека за да има помирување меѓу двете земји, треба да има извинување за улогата на тогашната профашистичка влада во Софија за депортацијата на македонските Евреи. Радев рече дека „за доброто на европската иднина на Македонија неопходно е билатералните односи на земјата со Бугарија да бидат ослободени од идеологиите на тоталитаризмот, што би помогнало за вистински и целосен дијалог“. И дека тоа што ќе се кажело требало да се заснова на историската вистина и дека македонските политичари требало да им ја кажат на своите граѓани вистината за сопствената историја.
Така, во еден голем круг работата, како што вели Брунбауер, се враќа во една своја точка на трудот на Требст, особено за „ослободување на идеологиите на тоталитаризмот“, како што вели Радев. Штефан Требст (68) е историчар и славист. Беше професор на Слободниот универзитет во Берлин, па основач и директор на Данско-германскиот центар за малцински прашања во Фленсбург, Германија, а од 1999 е професор по источноевропска културна историја на Универзитетот во Лајпциг.
Софија и московските директиви
Зошто тој негов историски труд од 1983 година насловен „Советскиот Сојуз и бугарско-југословенската контроверза за Македонија“ е толку многу актуелен и денес, како што посочува Брунбауер? И како официјална Софија тогаш се обидувала да излезе од патронатот на Москва за да ги задоволи своите амбиции спрема Македонија. И како реагирала тогашната југословенска власт на ваквите аспирации. Во неа има анализи за улогата на советска Москва во оваа контроверза како да се од денес.
Еве некои делови од тој труд:
„Во западната Кремљ-астрологија, но и во Југославија, многу се шпекулираше за можната улога на советската надворешна политика во врска со македонската контроверза. Генерално, се изразува сомнежот дека Москва намерно го подгрева овој спор за постојано да има веродостоен изговор за директна интервенција во Југославија преку нејзиниот ‘балкански вазал’ Бугарија. Покрај Црна Гора, Хрватска и Косово, Македонија е еден од лостовите со кои Советскиот Сојуз сака да ја ‘отвори’ Југославија во случај на конфликт.
Мрачна прогноза во овој поглед има, на пример, еден западногермански автор, Имануел Гајс, кој неодамна го претстави описот на меѓународните проблематични точки во 20 век во Социјалистичка Република Македонија (СРМ) и нејзиното население, имено ‘поврзувањето со православно-комунистичка Бугарија, доколку е потребно со воена поддршка’. Тој ги гледа последиците од обидот на Бугарија ‘опипливо да ги спроведе своите територијални претензии’ во советска интервенција a la Авганистан, повторно ‘само’ за одбрана на револуционерните достигнувања и исто така како ‘братска помош’ за најлојалниот и најсигурен сојузник на СССР на Балканот’. Дека бугарската воена акција против СРМ и против Југославија би предизвикала ‘обнова и уште посериозна светска криза’ од авганистанската криза е неспорно; Сепак, малку е веројатно дека Бугарија ќе оди сама, а уште помалку е веројатно дека ќе биде поттикната или поддржана од Советите. Причината за оваа и другите погрешни проценки лежи во опстојувањето на добро истрошените клишеа како она за ‘Бугарија, 16-та советска република’, кои повеќе не се применуваат од доцните 1960-ти.
Но, иако Советскиот Сојуз се согласува со Бугарија за речиси сите важни надворешно-политички и идеолошки прашања, тој не го прави тоа по прашањето за етничко-националната и ‘историската’ припадност на македонското население во минатото и сегашноста, што е толку важно за бугарското раководство. СССР го признава постоењето на историски порасната, независна македонска нација со национален јазик, што е особено видливо во научниот сектор.
Оттука, пошироко кажано, бугарско-југословенските односи претставуваат функција на советско-југословенските односи, но не смее да се занемари дека токму во периодот што се разгледува овде, бугарската југословенска политика во никој случај не се спроведува паралелно со советската дипломатија, туку повремено предизвика чувствителни триење преку бесрамно непочитување на московските директиви. Последиците беа главно советски дисциплински мерки во форма на државни посети. Сепак, важноста на македонскиот проблем во контекст на советско-бугарските односи не треба да се прецени. На ова предупредува и Роберт Р. Кинг, еден од најдобрите познавачи на оваа тема, кому бугарската македонска политика му се претставува како постановка наменета повеќе за домашната отколку за надворешната политика.
Од друга страна, постојат голем број добри причини да се претпостави дека советската страна не е неблагонаклона кон тензиите меѓу двата јужнословенски балкански соседи; 1948 година и иницијативата за бугарско-југословенска федерација, која беше започната без советско одобрение и која беше планирана да се прошири во цела Источна Европа, па дури и во Турција и Грција, сѐ уште се премногу свежи и лоши спомени за советското раководство.
Педро Рамет, друг американски аналитичар за советската политика кон Македонија, не се согласува целосно со овој став. Тој ја нагласува можната функција на конфликтот во Македонија како изговор за советска интервенција во случај на криза во Југославија:
‘Сепак, сакај-не македонското прашање извршува две функции за Кремљ: (1) им дава на Советите одредено влијание врз двете страни, што може да направи клучна разлика во целосна криза; и (2) дава преттекст врз кој Кремљ би можел да интервенира, повторно во случај на криза. Во советската дипломатија со морков и стап, македонското прашање повеќе фигурира како стап во југословенската политика на Москва отколку како морков во нејзината бугарска политика’.
Под претпоставка дека има криза, овие хипотези можеби се точни, но, како што реков, тешко може да се замисли Бугарија сама по себе да предизвика таква криза, а камоли Југославија. Во контекст на главна, тешка советско-југословенска криза, како онаа што се случи во летото и есента 1968 година, регионалната македонска криза во која е вклучена Бугарија е само од маргинална важност“, го опишува Требст регионалниот и поширокиот контекст од тоа време.
Требст потоа посочува на улогата на Москва во конкретни ситуации:
„Советската дипломатија постојано и масовно интервенираше во бугарско-југословенската контроверза за Македонија, но - како што покажува поблискиот поглед на билатералните односи меѓу двете балкански држави во изминатите 15 години - исклучиво со цел да го ублажи влијанието на ривалите. Москва ги заврте запчаниците на својата патувачка дипломатија или за да ги заузда противниците (особено Бугарија) во акутни кризни ситуации или да подготви нови преговарачки иницијативи меѓу Софија и Белград или Скопје.
Ова стана особено јасно на пример, во кризната 1968 година, во февруари, Андреј Громико ја изрази советската желба во Софија да не се појават други проблематични точки во регионот без согласност на СССР. Софија неволно се придржуваше, но само до денот кога беше ‘решена’ кризата на ЧССР: на 21 август 1968 година, на денот на инвазијата со бугарско воено учество, бугарското раководство покажа воздржаност кон СРМ и Југославија. Кампањата организирана од Софија, која вклучуваше употреба на воени закани против западниот сосед, очигледно отиде предалеку за советските сојузници. Маршалот Иван Јакубовски, главниот командант на трупите на Варшавскиот пакт, ги осигура умерените тонови кон Југославија со неговата посета на Софија во септември 1968.
Бугарија го призна македонскиот пишан јазик
Во периодот што следеше, на бугарското раководство му беше јасно ставено до знаење дека СССР инсистира на решавање на македонскиот проблем во односите со Југославија. Очигледно до септември 1969 година овој проект напредувал толку далеку што Андреј Громико можеше да им сигнализира на своите домаќини во Белград дека Бугарија е подготвена на компромис. Веднаш потоа беше отворена бугарско-југословенска рунда преговори. Слични резултати имаа и посетата на Митја Рибичич на Москва на крајот на јуни 1970 година и, пред сè, турнејата на Леонид Брежнев на крајот на септември 1971, која го однесе прво во Белград а потоа во Софија. Во оваа пригода тој очигледно извршил толку голем притисок врз бугарското раководство што само шест недели подоцна мораа да направат особено далекусежна отстапка на југословенската страна, а тоа е признавањето на македонскиот пишан јазик. Тогаш започна фазата на детант во бугарско-југословенските односи која траеше речиси шест години, што беше директно поврзано со постепеното смирување на македонскиот проблем.
Но, не само поради надворешно-политичките размислувања, Москва со амбивалентни чувства гледаше на спорот на Бугарија со Македонија со Југославија, кој не треба да се потценува од меѓународна гледна точка. Како што веќе беше спомнато, ренесансата на патриотизмот во Бугарија со старомодниот образец ‘Македонија’ се засноваше на внатрешно-политички мотиви, поточно: страв дека пресилната фиксација на Советскиот Сојуз може да предизвика незадоволство во форма на политичко несогласување. На ова треба да се спротивстави со подигање на националното расположение. Дури и кога Људмила Живкова, ќерка на лидерот на бугарската партија Тодор Живков и апсолутен координатор на бугарската културна политика (вклучувајќи ја и целата кампања за Македонија), сè уште беше жива, советската нелагодност беше опиплива во нејзината личност и политика. Особено годишнината од 1981 год., организирана со голема врева „1300 години Бугарија“ во Москва беше сфатена како премногу силен чекор. Дали бугарското раководство сакаше да сигнализира дека независна бугарска држава која постоела од 681 година, т.е. пред Киевска Русија, првата руска држава, сè уште има право на посебен облик на независност денес, барем во националните прашања како Македонија.
Смртта на Л.И. Брежнев и промената во советската геронтократија на крајот на 1982 година предизвика загриженост не само во Југославија, туку и во Бугарија. Т. Живков, беше особено тесно поврзан со Брежнев, а ‘центристичкото’ крило во бугарската партија што тој го водеше со вознемиреност слушна дека Јуриј Андропов има намера да му придава поголемо значење на Балканот во својата надворешна политика. Стравот на бугарското партиско и државно раководство од ‘ревизорот’ во Москва сè уште постои, но од друга страна им дава можност навреме да ги отстранат сите премногу очигледни неправилности. Сè започна со ова: Александар Лилов, главниот идеолог на партијата во текот на 1970-тите, а со тоа и коиницијатор на антимакедонската кампања, беше разрешен од функцијата во октомври 1983 година.
Во првата година на ерата на Андропов, бугарското раководство не презеде сериозни потези да ја прекине кампањата за Македонија, но очигледно е дека се дозволува да продолжи повеќе свртувајќи се кон националната публика отколку кон западните соседи. Надежите за советска поддршка ги снема. Ако и поранешниот југословенски министер за надворешни работи Јосип Врховец во однос на бугарската надворешна политика рече: ‘Бугарија не е само Бугарија’, тоа веќе не е случај со македонската политиката на Бугарија од 1967 година; овде Бугарија е навистина само Бугарија“.
Колку работи се промениле од оваа анализа на Штефан Требст од 1983 година до сега, проценете сами. Не е тешко. Малку, или речиси ништо.
Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.