1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Конфликти

Што навистина сака Бугарија

23 април 2022

Не се само вообичаените историски наративи кои го ѕидаат ветото за Македонија, во прашање е цинизам во одбрана на себично формулирани национални интереси. Пишува Љупчо Поповски.

https://p.dw.com/p/4AKMg
Бугарскиот премиер Кирил Петков и шефот на државата Румен Радев
Бугарскиот премиер Кирил Петков и шефот на државата Румен РадевФотографија: Valentina Petrova/AP/picture alliance

Од провокација до провокација, од изјава до изјава, од закана до закана, од уцена од уцена - тешко е да се дознае што навистина сака Бугарија во спорот со Македонија. Не само за политичарите, аналитичарите и јавноста овде, туку и за јавноста во самата Бугарија. Вообичаена шема за размислување ја знаеме – Софија сака да ги прикаже Македонците како одродени Бугари кои се одвоиле од матицата по Втората светска војна, Софија не го признава македонскиот јазик за автохтон туку за дијалект на бугарскиот, македонското минато не е ништо друго туку дел од бугарската историја 10, 12, 15 века. Значи, Бугарија ништо не сака од Македонија, туку Македонија сака нешто што не го пишувало во историските книги што тие ги пишуваат. На крајот, работата треба да се сведе на поклонение и признание.

Тоа е симлифицирано, мејнстрим објаснување. Но многу работи се под и над овие толкувања. Еве, да ја земеме последната изјава на потпретседателката Илијана Јотова пренесена вчера. Јотова вели дека не гледа никаква основа да бил признат пописот во Македонија затоа што на него само 3.500 граѓани се изјасниле дека се Бугари, а според податоците на Софија за последниве 15 години биле издадени 85.000 бугарски пасоши. „Во оваа етапа не гледам основа пописот да биде признат“, вели Јотова.

Дали тоа влегува во вообичаеното размислување дека Бугарија сака да го контролира историскиот наратив? Тоа оди подалеку од тој наратив. Софија сака да се претстави како единствен авторитет кој ќе кажува што е исправно, а што не во она што се случува во Македонија. Оценката на Европската комисија дека пописот бил спроведен според сите европски стандарди и го пофали начинот на кој се одвиваше и беа обработени податоците, за Софија е неважно. Таа треба да оцени дали ќе го признае или не. Сето друго е неважно.

Љупчо Поповски, автор на колумната
Љупчо Поповски, автор на колумнатаФотографија: Petr Stojanovski

Како што е неважна оценката на Европската комисија дека Македонија одамна ги исполнила условите за почеток на преговорите со ЕУ. „Бугарија има пет услови за Македонија кои се поставени одамна“, вели Јотова, а ниту еден ред не бил сменет во македонските учебници по историја. Тоа не е само ароганција од позиција на сила како членка на ЕУ, сила што не применува ниедна од европските земји, туку тоа е повеќе од тој наратив.

Повеќе од авторот: Торнадото „Гоце Делчев“ пак удри кај двата соседa

Или да ја земеме изјавата на шефот на Јотова, претседателот Румен Радев. По големата врева што настана во Македонија по отворањето на бугарскиот клуб во Битола и своевидниот десант на бугарски политичари, Радев не посака да ја смени само историјата, туку и да ја обвини Македонија за фашизам бранејќи го Ванчо Михајлов. Па дури и да го претстави Михајлов како човек кој му се спротивставил на Хитлер. „А ако зборуваме за фашизам, треба да биде јасно дека Иван Михајлов е човекот кој одбил Хитлер да ја вовлече Македонија во братоубиствена војна со Бугарија. Не Иван Михајлов, туку други луѓе по воспоставувањето на југословенската комунистичка диктатура во Македонија убија и инквизираа десетици илјади во концентрационите логори само затоа што решија да продолжат да се нарекуваат Бугари, а не Македонци – ете, тоа вистинскиот фашизам“, ламентираше Радев. 

Омаловажувањето како државна политика

Таков историски ревизионизам е зачудувачки, дури и за неверување. А дека во Македонија по Втората светска војна се спроведувал фашизам, во земјата која се роди токму во борбата против фашизмот, не е само лага (што би рекол Стево Пендаровски), туку е такво подметнување и омаловажување на цела една држава и нејзините граѓани што е невозможно да се смисли во Европа во ова време.

Mazedonien, Skopje | Präsidenten Stevo Pendarovski (Mazedonien) und Rumen Radev (Bulgarien)
Фотографија: Kabinett des Präsidenten von Nord-Mazedonien

Откако Ванчо Михајлов побегна од Бугарија во 1934 година по забраната на ВМРО означена како терористичка организација, тој се поврза со италијанските фашисти и германските нацисти. По задача на Хитлер на крајот од август 1944 година доаѓа во Скопје да формира независна македонска држава по угледот на усташката НДХ. По само неколку дена Михајлов сфаќа дека за него и за неговите поддржувачи нема место во Македонија и брзо си заминува од Скопје. Таа неуспешна визита на Скопје Радев сака да ја претстави како женерозен гест на Михајлов. Тој не сакал да ја вовлече Македонија „во братоубиствена војна со Бугарија“, на десетина дена пред паѓањето на фашистичката власт во Софија.

Некогаш е извонредно тешко да се најдат објаснувања за вакви тврдења. Што значеше окупацијата на Македонија од 1941 година – играње камај на браќа, братучеди и други роднини? Па Михајлов не сакал тој камај да се претвори во игра со крв на браќата и братучедите? Се чини дека македонската јавност никогаш нема да го разбере овој код на размислување во бугарската политика. Затоа што, едноставно, македонскиот код е повеќе европски отколку балкански.

Повеќе од авторот: Каде води патот до Брисел - преку Копенхаген или Софија?

Улици имeнувани по Ванчо Михајлов денес има во Софија, Бургас, Благоевград, Габрово, Банско… и тоа е работа на бугарските власти. Тие имиња на улиците се појавија последниве 30 години. За цело време на комунистичкиот режим Михајлов беше третиран прилично негативно. На година-две пред неговиот крај, како што изјави историчарот Чавдар Маринов во интервју за „Призма“, почнува да се менува односот спрема него не само во историската наука, но и во тајните служби, дури во централниот апарат на Бугарската комунистичка партија. Сите тие структури го препознаа Михајлов како можен сојузник во историските наративи во врска со Македонија. Тоа беше во времето кога се насетуваше распадот на Југославија, која беше доминатна сила на Балканот. „Со својата негаторска позиција во однос на македонскиот национален идентитет, Михајлов беше битен залог во борбата против таканаречената ’скопска пропаганда’“, оценува Маринов. 

Infografik Karte Nordmazedonien und Bulgarien EN

Во таа потрага по одговори на прашањето што навистина сака Бугарија последниве две недели стана јасно дека нашироко промовираната нова политика на премиерот Кирил Петков за односите со Македонија доживува неуспех. Војната во Украина и длабоко поделената владејачка коалиција околу прашањето дали на Киев да му се помогне со оружје (само Будимпешта и Софија од цела ЕУ се против таков чекор) прво ја фрли темата за Македонија на маргините, а потоа неа ја зграпчија националистичките кругови и ја ставија како залог за опстанување на владата. Мачејќи се да не се распадне шареноликата коалиција, која веќе нема потпорни точки, Петков сега се откажа од сето она што го вложи. Работни групи, економски контакти, инфраструктурни поврзувања, парламентарна соработка – сето тоа сега е исфрлено од шините. И прашање е како и на каков начин може да се врати на оној фестивалски почеток.

Во седумте точки усвоени на Консултативниот совет кај претседателот Румен Радев во јануари, пред Петков да дојде во Скопје, не се се споменува менување на македонскиот устав за вметнување на Бугарите во него, туку само „односот кон правата на македонските Бугари“. Менувањето на македонскиот устав не беше споменато ниту во онаа фамозна декларација на бугарското собрание. Во тие седум точки од средбата кај Радев воопшто не се споменува историјата, туку акцентот е ставен на економските односи и формирањето на работни групи за соработка.

Сега нема ништо од тоа – сега Радев обвинува за децении фашизам во Македонија по Втората светска војна. Тоа како да наликува на едно од продолженијата на „Ѕвездените војни“ – „Империјата го возвраќа ударот“. Македонија е најдоброто прибежиште за сите во Бугарија кои не знаат да се справат ниту со сегашноста ниту со иднината.

Bildkombo Flaggen | Mazedonien und Bulgarien
Фотографија: Uwe Scholz/teamwork/imago images

Даниел Смилов, директор на Центарот за либерални стратегии во Софија, дава хируруршки прецизна дефиниција за тоа како функционира Бугарија: „Во својата надворешна политика, Бугарија често се потпираше на контроверзна стратегија: отворен цинизам во одбрана на себично формулирани национални интереси. Оваа стратегија речиси никогаш не функционирала добро, но ние продолжуваме да го правиме тоа до ден-денес. Во 1913 година, на пример, – по успесите во Првата балканска војна – Бугарија имаше можност да добие (и со согласност на големите сили) територија поголема од негуваниот сон за Сан Стефано. Но, сакајќи да додаде повеќе земја во Македонија од веќе договореното, земјата непромислено се фрли во ‘братоубиствена' битка со сојузниците, кои сè уште ги обвинуваме во нашите учебници по историја за нашата следна национална трагедија. Кога отворено се обидувате да го максимизирате сопствениот интерес врз сметка на другите, барем не обвинувајте ги дека се реципрочни во одговорот“. 

Петков во чизмите на владата на Борисов

Во таа стратегија на цинизам специјална тула додаде пред некој ден Румен Радев за време на посетата на украинскиот министер за надворешни работи Дмитро Кулеба на Софија. Бугарија не сака вооружено да ѝ помогне на Украина, а една од причините за тоа, според Радев, била и судбината на бесарабиските Бугари.

„Нека биде многу јасно дека за разлика од другите земји кои се далеку од конфликтот, Бугарија има огромна историска дијаспора во Украина, имаме наши сонародници кои се во Украина и кои моментално се наоѓаат во области на воени операции и ова бара многу внимателен и одговорен третман“.

Повеќе од авторот: Студена војна меѓу Бугарија и Македонија

Тоа е тој „отворен цинизам во одбрана на себично формулирани национални интереси“, како што вели Смилов. Полска не граничи со Украина, Словачка не граничи со Украина, Романија не граничи со Украина – тие биле далеку од конфликтот, а судбината на бесарабиските Бугари (околу 140.000) е поважна од страдањата на 40 милиони Украинци. Затоа Бугарија ќе испрати само панцири и шлемови.

Дмитро Кулеба резигниран си замина од Софија по тридневната посета откако на зачудениот Радев му кажа в лице на прес-конференцијата по неговото споменување дека во Украина се водела „братоубиствена војна“.„Откако Русија ја нападна Украина и изврши ужасни злосторства, малкумина можат да го превртат јазикот и да ги наречат братски украинскиот и рускиот народ“, рече Кулеба. А еден ден подоцна ѝ се обрати на бугарската јавност: „Како можете да ги сметате за браќа луѓе кои убиваат на овој начин? Значи, драги Бугари, животот е тежок, времињата се тешки, но не можете секогаш да бидете во средината. Дојде време да донесете одлука“, рече Кулеба.

Sofia Gemeinsame Sitzung Premierminister Dimitar Kovacevski und Kiril Petkov
Фотографија: Reg. Nordmazedonien

И како што вели Смилов - себичниот цинизам води до изолација: другите „не ве разбираат“ и не ги прифаќаат вашите тези. Бугарија се „потпира на стратегиите во кои целиот профит е за нас, а загубата е за другите“. Во таа стратегија на себичен цинизам во кој помошта за Украина се претвори во морален стожер на општеството премиерот Петков наместо да ги одреди вистинските насоки на неговата влада тој на Фејсбук ламентираше дека за БСП црвена линија била да не се испраќа оружје како помош за Киев, а за Демократска Бугарија, црвената линија било токму спротивното. А самата негова партија, Продолжуваме со промената, се согласи само со испраќање на шлемови и панцири. Па уште ќе нагласи дека во овој момент Продолжуваме со промената ќе водела „активна политика за дијалог меѓу БСП и ДБ за да се обединиме околу единствена позиција“.

Медениот месец за Кирил Петков одамна заврши. Украина и Македонија го растурија она за што тој мислеше дека може да му даде харвардски технолошки фил. Неговата агенда ја поткопаа други политички актери, а тој, како што се покажа во Битола, само стои отстрана како статист и не знае кој чекор да го преземе и да покаже што навистина сака и од каков материјал е создаден.

Што се однесува до ветото за Македонија треба да се случи вистинско чудо тоа да биде кренато во јуни. На Петков му и ставија чизмите на владата на Борисов и сега тој ги разгазува полека. А како што изгледа и во Скопје се откажаа да ја вложуваат својата кариера, политичка стаменост за да му удоволуваат на себичниот цинизам во Софија. На Деве Баир од бугарска страна беше исцртан арктичкиот поларен круг.

 

Љупчо Поповски
Љупчо Поповски Уредник, новинар и политички аналитичар