Рекорден број загинати во војните во 2022 година
28 јуни 2023Минатата 2022 година беше најлоша од почетокот на 21-от век по бројот на жртви на војни - 238.000 загинати. Тоа е речиси двојно повеќе во споредба со претходната 2021 година, гласи заклучокот од извештајот на Меѓународниот институт за економија и мир (ИЕП), со седиште во Сиднеј, Австралија.
Драматичното зголемување на стапката на смртност најмногу се должи на војната во Украина, каде минатата година беа убиени 83.000 луѓе. Сепак, најкрвавиот конфликт се случи во Етиопија, каде животот го загубија 100.000 луѓе.
Според студијата објавена денеска (28 јуни), конфликтите во 2022 година, исто така, предизвикале загуба од речиси 13 отсто во глобалната економија. Просечното ниво на „глобален мир“, исто така, падна деветта година по ред и е полошо од најлошата година досега овој век, 2014 година, според извештајот на ИЕП. Севкупно, вака пресметаниот светски индекс на мир за 2022 година се влоши за 0,42 отсто.
Светскиот индекс на мир се пресметува со рангирање на речиси секоја земја во светот според 23 индикатори. Се испитуваат „тековните внатрешни и меѓународни конфликти“, „безбедноста“ и „милитаризацијата“ на општеството, а се вклучени и податоци од статистиката на криминалот за бројот на убиства.
Конфликтите стануваат се` поинтернационални
Според Стив Кили, основач, извршен претседател на ИЕП и еден од авторите на извештајот, најочигледниот тренд е дека конфликтите станаа поинтернационални: 91 земји во светот сега се вклучени во некаков вид конфликт, во споредба со само 58 во 2008 година.
„Тоа не е нужно добро или лошо“, вели Кили за ДВ. „Некои земји се вклучени во мировни операции, како што се земјите од Економската заедница на западноафриканските држави (ЕКОВАС). Иако се повеќе земји се вклучени во војни во странство, во исто време може да се каже дека стануваме се повеќе меѓународни и во соработката“.
Ваквиот развој на случувањата може да биде изненадувачки со оглед на тоа што западните воени интервенции беа намалени во изминатата деценија: САД и НАТО, на пример, се повлекоа од Ирак и од Авганистан. Но, како што нагласува Кили, САД и натаму остануваат вмешани во конфликтот - сега се најголемиот поддржувач на Украина во нејзината војна против руските напаѓачи.
Војните тешко се добиваат
Според Кили, индексот на мирот, меѓу другото, покажува дека „војните навистина тешко се добиваат“. Конфликтите во Јемен и во Сирија траат веќе девет, односно 12 години, а во двата случаи нема видливи знаци за воена победа.
„Дури и на најдобро опремените армии во светот им е тешко да го поразат локалното население кое не сака инвазија и има добри ресурси“, истакнува Кили, но додава и дека тоа е поради модерното оружје кое го олеснува асиметричното војување. „Сега речиси секој со основно техничко образование може да активира бомби од далечина“, вели тој.
Во извештајот на ИЕП, исто така, се наведува дека бројот на недржавни групи кои користат беспилотни летала се удвоил помеѓу 2018 и 2022 година и дека вкупниот број на напади со беспилотни летала речиси тројно се зголемил во истиот период.
Тренд на подобрување на Блискиот Исток и во Северна Африка
Резултатот од овие трендови е дека војната (и мирот) се покажува како исклучително издржлива. Исланд е сè уште, од 2008 година, најмирољубива земја во светот, додека Авганистан е најмалку мирољубива земја во светот осум години по ред. Јемен, Сирија, Јужен Судан и Демократска Република Конго се, исто така, меѓу десетте најмалку мирољубиви земји во светот од 2007 година, откако постои Индексот на мирот.
Но, Кили нагласува дека се видливи позитивни трендови и кај Индексот. „Мислам дека еден од најпозитивните напредоци се на Блискиот Исток и во Северна Африка - во последните три години, 13 земји таму се подобрија, а само седум ја влошија состојбата на мирот во нивната земја“, вели тој. „Сега таму постои тренд кон подобрување на мирот. Така што целата динамика не е нужно лоша.“
Ова е особено видливо во случајот со Либија, чиј индекс на мир се подобрува втора година по ред. Иако безбедносната ситуација во земјата останува кревка, примирјето потпишано од ривалските групи во октомври 2020 година значително ја стабилизираше.
Друг позитивен аспект е тоа што многу земји постигнаа напредок во борбата против криминалот: неколку земји на Карибите и во Централна Америка забележаа пад на домашниот тероризам и бројот на убиства.
Цената на војната
Извештајот на Меѓународниот институт за економија и мир, исто така, ја разгледува економската цена на војната. Севкупно, војната и насилството го чинеа светот 17,5 билиони долари минатата година, што е еднакво на 12,9 отсто од глобалниот Брутодомашен производ (БДП). Се разбира, за земјите најтешко погодени од конфликтот, влијанието е особено поразително: Украина, на пример, потроши 63 отсто од својот БДП за одбрана од руската инвазија.
Можната кинеска блокада на Тајван, како што предвидува ИЕП, ќе доведе до особено силен пад на глобалното економско производство: загубата би била двојно поголема од последиците од глобалната финансиска криза во 2008 година.
Се разбира, многу производители на оружје заработуваат од војна, но, според ИЕП, тој економски профит е помал од трошоците за војна и милитаризација.
„Ако произведам носач на авиони, тоа би можело да ме чини 20 милијарди долари. И ми требаат 500 милиони долари годишно за негово одржување. А најдоброто на што можам да се надевам е дека не морам да го користам. Но, тие пари би можеле да се искористат за стимулирање на бизнисот, за здравствениот систем, каде што би било многу попродуктивно за економијата“, резимира Стив Кили од Меѓународниот институт за економија и мир.