1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Војници на АРМ извлекоа 5-годишно дете од урнатините

ДТЗ
9 февруари 2023

Припадници на македонската армија по четири часа успеаја да извлечат петгодишно момче од под урнатините во градот Кахраманмараш. Еден од спасувачите за ДВ раскажува каква е состојбата по катстрофалниот земјотрес.

https://p.dw.com/p/4NHfh
 Nordmazedonien Erdbeben Rettungsaktion
Фотографија: Armee von Nordmazedonien

Припадници на македонската армија по четири часа успеаја да го извлечат петгодишниот Сулејман од под урнатините во турскиот град Кахраманмараш. По дојавата дека се слушнати гласови под урнатините тие шест часа заедно со турски тим спасители го расчистувале патот за да дојдат до малиот Сулејман. Ова е една од многуте спасувачки акции која што имаше среќен епилог по големата катастрофа која што ги зафати Турција и Сирија. Но, уште поголема е бројката на оние коишто не успеаја да го преживеат земјотресот. По дел од нив се уште се трага, а за многумина помошта можеби ќе стигне предоцна. 

Надежта последна умира

Во една целосно урната десеткатница во турскиот град Адијамин, македонските тимови за претрага и спасување пронајдоа само две преживеани лица. Според кажувањата на локалните жители, во зградата имало барем стотина луѓе. 

„Но, поминаа веќе 72 часа. Шансите за преживување на останатите се сведени на минимум“, раскажува за ДВ, Вернер Стоилов од Територијалната противпожарна единица на Струмица. Тој е дел од осуммината струмички пожарникари кои се специјално обучени за пребарување и спасување. Заедно со тим на Републичките сили за заштита и спасување при Дирекцијата за заштита и спасување, тие веќе два дена се во Турција. 

Денеска ги расчистуваа урнатините на оваа десеткатница во надеж дека можеби ќе се спаси уште некој човечки живот. „Ќе се продолжи со напорите се додека постои и најмала надеж за спасување на барем еден човечки живот“, велат македонските спасувачи. 

Во меѓувреме пристигна нова дојава - на друга локација, под урната висококатница има надеж дека се уште има преживеани.„Мораме итно да ја смениме локацијата, не известија дека шест- седум лица има под урнатините кои треба да бидат спасени“, вели за ДВ, Зулфикер Зејнула, заменик-директор на Дирекцијата за заштита и спасување, којшто е на терен во Турција. 

Но, како што се доближува ноќта, така спасувачите стануваат се понемоќни. Нашиот соговорник вели дека тимовите се опремени со агрегатори и опрема за ноќна потрага и понатаму остануваат на терен. „Немаме избор, нема време. Сега веќе секоја минута е важна, мора да се направат последните напори ноќва“, вели Зејнула. Тимот од вечерва ќе биде засилен со нови спасувачи коишто доаѓаат од Македонија. Од утре ги чекаат веќе нови обврски и планови. Остануваат и понатаму во Турција се додека биле потребна нивната помош. 

Деноноќна потрага 

По два дена без сон, струмичките пожарникари коишто заминаа во спасувачка мисија во Турција, се надеваат дека наскоро ќе можат барем на кратко да се одморат и да се стоплат во нивните шатори во југоисточна Турција. Импровизираните засолништа ги поставија во градот Адијаман, кој има речиси 270 илјади жители, претежно Курди, а сега е речиси целосно уништен. Комуникацијата со спасувачите е отежната. Струја нема, интернет мрежата или е слаба или воопшто ја нема. 

Турција земјотрес
Поминаа 72 часа - шансите да се преживее под урнатините во Турција се се помали. Фотографија: BULENT KILIC/AFP

Последиците од разорниот земјотрес кој во понеделникот ги погоди Турција и Сирија се насекаде видливи. Огромната разорна моќ на земјотресот, кој срамни со земја илјадници објекти и домови, и ниските температури кои ноќе се спуштаат и под минус 7 степени, ја прават потрагата по преживеаните се потешка. Ова се последните часови кога се уште има надеж дека некој преживеан може да се извлече од под урнатините. 

Како да се провери секоја педа под урнатините и да се одговори на секој повик за помош, како да се спаси уште еден живот повеќе, но и да се прехранат, стоплат и да им се најде кров над главата на оние коишто успеаја да излезат од под урнатините? Ова се бројните дилеми со коишто се соочуваат македонските тимови коишто деновиве заминаа во Турција во потрага по преживеаните. 

земјотрес Турција
Стоилов сведочи дека улиците се буквално распукани, како пресечени, што сведочи за разорната моќ на земјотресот. Фотографија: ADEM ALTAN/AFP

„Сите вложуваат натчовечки напори за да се помогне во пронаоѓањето на преживеаните, но размерот на катастрофата е толку голем што дури и АФАД (Турската владина Дирекција за управување со кризи и вонредни состојби) не може да постигне со потрагата, поради што е побарана меѓународна помош“, вели Стоилов за ДВ. 

Со механизација, со голи раце, со последните напори и сили спасувачите се обидуваат да ги извлечат и последните преживеани од под урнатините во Турција, која што беше разурната од стравотни земјотреси. 

„Нашите екипи работеа цела ноќ, но за жал нема веќе знаци за преживеани во оваа зграда“, вели Стоилов. Ниските температури ја отежнуваат потрагата, но и ги намалуваат шансите да се преживее на тој студ. Стоилов раскажува дека улиците се буквално распукани, како пресечени, што сведочи за разорната моќ на земјотресот.  

„Разурнувањата се од огромен карактер, поради што е тешко да дојдеме до евентуално преживеани лица. Од денеска е вклучена и тешка механизација, која што го расчитува теренот“, вели Стоилов. 

Битка за секој преживеан 

На различни локации се распоредени и спасувачки тимови од АРМ, како и две кучиња трагачи кои активно се вклучија во пребарувањето под урнатините.  И армискиот тим од Македонија, кој се наоѓа во градот Кахраманмараш, непрекинато е ангажиран во активностите за пребарување на теренот. Војниците работат на пронаоѓање и извлекување на евентуално преживеаните, кои се наоѓаат во рушевините настанати од катастрофалните земјотреси. 

АРМ Турција
На различни локации се распоредени и спасувачки тимови од АРМФотографија: Armee von Nordmazedonien

Во четвртокот дополнителен армиски тим од 36 припадници од баталјонот за специјални сили обучени за спасување и пребарување во урнатини од касарната „Илинден“ во Скопје замина во Турција. Осумте ученици и наставникот, пак, кои преку програмата Еразмус беа во Турција денеска се вратија дома. Тие се во добра здравствена состојба. Од МНР велат дека засега нема нови информации до Амбасадата во Анкара и Генералниот конзулат во Истанбул за други наши државјани кои се наоѓаат во евентуално загрозена состојба, или на кои им е потребна асистенција.

По повеќе од 72 часа по катастрофалниот земјотрес од 7,8 степени по Рихтеровата скала што ги погоди Турција и Сирија на 6 февруари, бројот на загинати достигна речиси 16.000. 

Трка со времето во потрага по преживеани во Турција и Сирија