Војна во Украина: Mир само во замена за територија?
7 ноември 2022Војната во Украина е во „пат”-ситуација. Украинската армија, меѓу другото и благодарение на оружје од Западот, успеа да поврати поголеми делови од териториите кои беа окупирани од Русија. Но, од друга страна, рускиот претседател Владимир Путин очигледно не се стеснува од ништо и дозволува да се уништуваат цивилна инфраструктура и населени области во Украина и се заканува со употреба на атомско оружје.
Во пресрет на зимата се поставува прашањето: уште колку ќе трае војната? Како може да ѝ се стави крај и со каков исход?
Воено решение
Грубо кажано, постојат два начина на аргументирање. Според едното објаснување, можно е само воено решение. Според него, Украина мора да ја протера руската армија од сите досега окупирани територии, вклучително и Крим. Дури тогаш може да има преговори со Русија. Таквиот став го застапува пред сѐ самата украинска влада и тоа не изненадува. Според нив, борбата мора да продолжи „без какво било попуштање или компромис”, како што тоа го формулираше претседателот Зеленскикон крајот на август годинава.
Таквиот став преовладува и во соседните земји кои се на или во близина на западната граница на Русија, а кои се чувствуваат загрозени од Москва, како на пример балтичките држави или Полска. Според нив, секое попуштање на Русија, таму ќе биде толкувано како слабост и охрабрување за дополнителни инвазии.
Слично размислува и генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг. Во интервју со ДВ кон средината на минатиот месец тој рече дека Украина мора да ја „добие” војната. Но, не објасни што точно за него значи да ја „добие”. За таа цел членките на НАТО треба да дадат „онолку поддршка и онолку долго колку што ќе биде потребно”, рече Столтенберг. За опцијата да се попушти тој рече: „Не смееме да заборавиме дека ако претседателот Путин престане со борбените дејствија, ќе има мир. Ако Украина престане со борбата, ќе престане и да постои како независна држава.“
Во Германија, министерката за надворешни работи од Зелените, Аналена Бербок го застапува ставот дека Русија мора да ги врати сите окупирани украински територии. Секаква „подготвеност за компромис” ја смета за „наивен став” кој уште при анексијата на Крим од страна наРусија се покажал неуспешен, рече таа при крајот на минатиот месец на Берлинскиот форум за надворешна политика.
Од опозиционерите меѓу другото Родерих Кизеветер, политичар од ЦДУ за надворешна политика и поранешен командант во Бундесверот, стои на ставот дека „мора да се ослободат сите окупирани територии (на Украина, н.з.), вклучително и Крим”. Дали тоа навистина може да се постигне, зависи „главно од обемот, континуитетот и брзината на воената поддршка” од Западот, односно од „нашето однесување”, напиша тој за ДВ.
„Табуто“ за отстапување територии
Но, токму тоа според другиот табор е можно. Поддржувачите на таквото размислување сметаат дека Русија во Украина не може да биде воено поразена и во крен случај секогаш може да игра на картата - атомско оружје. Политикологот Јоханес Варвик од Универзитетот Хале го смета „целосното ослободување на Украина” за „максималистичка цел” која тој за ДВ ја оценува како „нереална” бидејќи, како што вели, „тоа ќе значи долгогодишна војна со многу жртви и трошоци, или на крај ќе предизвика нуклеарна ескалација".
Западни гласови кои притискаат Украина да направи компромис, сега се слушаат поретко, посебно по успешните воени офанзиви на Украина доцна летоска. Улога притоа веројатно игра фактот дека со песимистички пораки може да се намали борбениот морал на Украинците, но и поддршката во западните општества да се направат жртви за земјата. И покрај тоа, некои бараа компромиси. Па така, поранешниот министер за надворешни работи на САД, Хенри Кисинџер, во мај годинава ја советуваше Украина да отстапи територии во име на мир со Русија, но подоцна во јули годинава ја ревидираше изјавата и токму тоа го исклучи како можност.
Во Германија, филозофот Рихард Давид Прехт на почеток на војната бараше територијални отстапки, а од неодамна бара пред сѐ Украина да се откаже од членството во НАТО. Тој и низа други познати личности, како писателката Јули Це и генералот во пензија, Ерих Фад, во јули бараа „концентриран поттик“ за преговори за мир. Кај политичарите пред сѐ деснопопулистичката АфД и Левицата бараат мировни преговори; саксонскиот покраински премиер Михаел Кречмар од ЦДУ во рамки на неговата партија е осамен со таквиот став.
Јоханес Варвик се жали дека „територијални промени во моментов, барем јавно, во западната политика главно се табуизираат и се означуваат како капитулација пред руската агресија. Но, тоа, освен ако човек не се надева на можноста да дојде до промена на режимот во Москва, која е многу неизвесна, ќе биде единствениот можен излез од ситуацијата."
Кизеветер, пак, смета дека избрзани мировни преговори со отстапки за Русија ќе значат „победа за Русија".
И натаму без германските тенкови
Германската влада официјално остава на Украина да одлучи кога и дали ќе преговара со Русија и дали е подготвена за отстапки. Берлин не сака да врши притисок врз Киев. Но, семафор-коалицијата не е хомогена во однос на политиката за Украина. Првично пацифистички ориентираните Зелени, се покажаа како најголеми поддржувачи за поголеми испораки на германско оружје во Украина. Канцеларот Олаф Шолц (СПД) има различен став, што се забележува и по тоа што сѐ уште не одобрува испорака на итно бараните тенкови.
Токму таквата воздржаност Кизеветер ја смета за грешка. Тоа е „горчливо за Украина и за нашиот углед во ЕУ и НАТО”, смета тој.
Варвик и во однос на прашањето за тенковите смета дека „Германија треба да си остане на досегашниот став и да кочи по однос на ова прашање. Мене ми се чини дека преовладува идеализирана слика за воено решение”, вели тој.
Експертката за источна Европа, Лидија Вакс, од Фондацијата за наука и политика од Берлин, пак, смета дека е погрешна фиксацијата на одреден тип оружје: „Тешко дека Путин ќе ескалира само поради испорака на одреден вооружен систем, тоа може да се случи многу повеќе поради севкупната воена ситуација во Украина и импликациите од неа за стабилноста на сопствениот режим."
Во Германија расте притисокот за преговори
Зеленски сака борбата во секој случај да ја тера „до крај” и се надева на натамошна поддршка од странство. Но, колку таа поддршка ќе биде голема и колку ќе трае зависи и од расположението во западните општества. Тие, пак, страдаат од недостиг на енергенси и инфлација, кои делумно се директни последици одi војната. Многу градови веќе и немаат капацитет да примаат украински бегалци. Во Германија поддршката за санкциите против Русија и испораката на оружје за Украина полека се рони, како што покажува и најновото истражување на јавното мислење во Германија направено по нарачка на првиот канал на германската телевизија АРД.
Но, едно нешто во однос на летото претрпело драстична промена, имено 55% од испитаниците сега сметаат дека дипломатските напори за завршување на војната „се недоволни”– тоа се 14% повеќе отколку во јуни годинава. Во октомври 26% од испитаниците се изјасниле за тоа Германија засилено да се труди околу дипломатско решение на конфликтот. Дополнителни 34% одговориле дека се повеќе за такво решение, дури и ако тоа значи дека Украина ќе мора да прифати компромиси со Русија.
Притисокот расте и во САД, од каде доаѓа најголемиот дел од западната поддршка за Украина. Тој ќе се зголеми уште повеќе ако Републиканците победат на претстојните избори. Кевин Мекарти, претседател на пратеничката група на Републиканците во Пртествничкиот дом, вели: „Мислам дека луѓето не сакаат да заглават во рецесија и да ѝ дадат бланко чек на Украина." Истовремено, 30 пратеници од Демократите во писмо до претседателот Џо Бајден побараа почеток на директни преговори на САД со Русија за брзо завршување на војната.
Кизеветер: Преговори само од позиција на сила
За Кизеветер преговори се мудри само ако „Украина воено е во силна ситуација. А, сега е далеку од тоа”, заклучува тој. Тајмингот и можните отстапки треба Украина сама да ги одреди. Тој лично не гледа причини за територијални отстапки или пак за откажување од членството во НАТО, бидејќи во спротивно Русија уште и ќе биде „наградена” за нејзиниот напад, оценува Кизеветер.
Лидија Вакс смета дека Западот, особено поради атомската закана на Москва, е во „тежок обид да балансира”. Таа вели: „Од една страна, западно попуштање пред обидот за атомска уцена од Москва би повлекло страшни хуманитарни последици и многу би ја дестабилизирало Европа. Од друга страна, брз и понижувачки пораз на Путин го зголемува ризикот однуклеарна ескалација."
Поглед напред
Во моментов бездруго ниту една од страните не е подготвена за преговори. Украина се надева на дополнително враќање територии, Русија игра на картата на истоштување. Сепак, во светот, а со тоа и во Германија, постои загриженост како ќе се одвива конфликтот.
За Кизеветер токму за Германија многу нешта се во игра: „Мора да сме подготвени да платиме одредена цена за нашиот општествен систем, за демократијата и слободата (…) Добро би било Украина да ја поддржуваме многу подобро од досега, инаку војната за неколку години ќе дојде и кај нас!"
Политикологот Варвик на политиката ѝ препорачува „да биде солидарна со Украина, но да не игра на картата на воена победа над Русија, туку балансирање на интересите на двете страни." За него тука спаѓа и можноста за „неутрален статус на Украина кој е поднослив за Русија, а истовремено има безбедносни гаранции за Украина". Варвик смета дека ќе има „територијални промени во Украина, кои од аспект на меѓународно право нема да бидат признаени, но кои треба да бидат прифатени како модус вивенди". Конечно, наведува Варвик, санкциите треба „да се сфаќаат како елемент за модификување, што значи дека треба да може да бидат укинати и на Русија да ѝ се дозволи враќање на бизниси со Западот".
Неговата колешка Вакс смета дека е можно „да влеземе во долга војна која не само што ќе однесе уште повеќе жртви, туку ќе ја престори Русија во уште понепостојан и поопасен сосед, а европскиот континент дополнително ќе се дестабилизира и безбедносно-политички и економски." Таа заклучува дека „затоа Западот сега суштествено треба да ја поддржи Украина, за Москва да разбере дека е бесмислено чекањето Западот да се истошти.”