1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиУкраина

МиГ-29 или Ф-16: Кој борбен авион е подобар?

Лукас Шток
22 август 2023

Борбените млазни авиони како Ф-16 или МиГ-29 можат да го променат текот на војната. Зошто се важни, какви карактеристики имаат и како е да се лета во еден од нив?

https://p.dw.com/p/4VOpP
Борбен млазен авион од типот Ф-16 на американското воено воздухопловство
Борбен млазен авион од типот Ф-16 на американското воено воздухопловствоФотографија: Sgt. Joseph Swafford/abaca/picture alliance

При свртување огромна гравитациска сила го прицврстува пилотот за седиштето. Губењето на свеста се спречува само со врвна кондиција и специјални хеланки кои ја туркаат крвта од нозете. Брзината на летот ретко е под 900 километри на час.

Вака поранешниот пилот на германското воено воздухопловство Јоаким Вергин ги опишува своите впечатоци од летањето со борбен млазен авион. „Забрзувањето ви го одзема здивот“, вели тој.

Можеби чувството може да се спореди со возење на луда железница во забавен парк, но тоа е само условна споредба, бидејќи силите што дејствуваат врз пилотот се двојно посилни. Покрај тоа, во борбени услови пилотот мора да управува со низа системи на оружје. Борба, избегнување, одбрана. Во краен случај, станува збор за живот и смрт, често при суперсонични брзини.

Погон под висок притисок

Борбените млазни авиони за првпат беа користени на крајот на Втората светска војна. Млазниот погон овозможува многу поголеми брзини од пропелерскиот погон кој дотогаш преовладуваше.

Млазен мотор работи на следниов начин: воздухот се вшмукува во предниот дел на моторот и се компресира. Горивото потоа се прска во сега високо компримираниот воздух и се запалува. Како резултат на тоа, воздухот се истиснува од моторот „исклучително силно“, објаснува Роберт Клуге, експерт за воздухопловство од Германскиот музеј.

Како што овој воздух се забрзува во процесот, се создава потисок според законите на физиката, што го движи авионот напред.

Млазните борбени авиони можат да нападнат цели во воздухот и на земјата. За напади на копнени цели се користат проектили воздух-земја или обични бомби, кои потоа паѓаат кон целите „според законите на физиката“, вели Леонхард Хубен, историчар и соработник на Воено-историскиот музеј Берлин-Гатов.

Украински авиони од типот МиГ-29 на тренинг
Украински авиони од типот МиГ-29 на тренингФотографија: Roman Pilipey/dpa/picture alliance

МиГ-29: Техника на компромиси

Во конструкцијата на борбен млазен авион мора да се размисли дали тој авион мора првенствено да соборува други летала и дали овие летала се слични авиони кои можат да се бранат? Или авионот се прави првенствено за напади на цели на земја?

Ваквото стратешко размислување се рефлектира во технологијата што се применува. Дали авионот мора да биде лесен и маневрирачки за да се бори со други авиони или мора да има големи резервоари за да може подолго да лета?

МиГ-29 е компромисно решение со тогашна цел да ги заштити границите на Варшавскиот пакт од авијацијата на НАТО. Произведен е во 1983 година како таканаречен ловец-пресретнувач. Тој е во состојба брзо да се крене во воздух и да стигне до целта.

МиГ-29 е исклучително маневрирачки во воздух поради начинот на кој е конструиран. Тој дури може да застане вертикално на сопствениот млаз кратко време. На почетокот поради малиот резервоар можеше да помине мали растојанија и со тоа да заштеди на тежина.

Ф-16: Мултиталент од подвижна лента

Повеќето модерни авиони комбинираат голем број намени. Воениот историчар Хубен вели дека е поекономично да се произведуваат повеќенаменски борбени авиони, бидејќи тие можат да се прават во голем број на само една производна линија.

Ф-16 е таков авион. Тој беше произведен во САД во 1970-тите како економичен борбен авион наменет да ги опреми сојузничките нации.

Во светот, Ф-16 е најчесто произведениот авион кој сè уште е во служба во голем број армии. Сè уште се произведува во САД и неговите карактеристики постојано се подобруваат.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски и данската премиерка Мете Фредериксен во Ф-16 во воената база Скридструп во Данска
Украинскиот претседател Володимир Зеленски и данската премиерка Мете Фредериксен во Ф-16 во воената база Скридструп во ДанскаФотографија: Mads Claus Rasmussen/Ritzau Scanpix Foto/AP/dpa/picture alliance

„Ф-16 произведен пред дваесет години е на исто ниво со руските авиони произведени пред три до пет години“, тврди Хубен. Тој објаснува дека Русија ја изгубила технологијата во 1990-тите, а многу нејзини талентирани конструктори се преселиле на Запад.

Повеќе вооружен систем отколку оружје

Покрај технологијата и конструкцијата, одлучувачко е и вооружувањето на авионите. Без него, авионот е „школка, како противпожарно возило без скала“, вели Роберт Клуге, експерт за авиони во Германскиот музеј.

Добро вооружени млазни борбени авиони можат да го обезбедуваат воздушниот простор. За разлика од противвоздушните ракети на системите како Патриот, авионите се исклучително подвижни, можат да покријат голема површина соборувајќи крстосувачки ракети со нивните ракети воздух-воздух.

Леонард Хубен смета дека воздушни битки меѓу пилоти од непријателски земји како во холивудските филмови се малку веројатни и објаснува дека денешните борбени авиони истрелуваат проектили кои не се во видното поле на непријателот.

Како и кај тенковите, важи правилото: првиот што ќе отвори оган и ќе погоди - победува. Модерните ракети воздух-воздух некако се прикрадуваат на целта и го активираат радарот дури во нејзина близина. Тогаш обично е предоцна за другиот авион да ја избегне ракетата. Реалноста на војните не е ни како филм со диви акробации и пукање од митралез.

За разлика од противвоздушните ракети на системите како Патриот, борбените млазни авиони се исклучително подвижни, можат да покријат голема површина
За разлика од противвоздушните ракети на системите како Патриот, борбените млазни авиони се исклучително подвижни, можат да покријат голема површинаФотографија: Axel Heimken/dpa/picture alliance

Обуката на пилоти трае со години

Сепак, пилотите мора да ја совладаат и вештината на блиска борба, во случај сите проектили да бидат истрелани. Така, обуката на пилоти на германскиот Еурофајтер чини пет милиони евра по пилот и трае од пет до шест години. Пилотите мора да бидат способни да извршуваат голем број задачи истовремено во екстремни услови.

Поранешниот пилот Јоаким Вергин се сеќава дека еден мотор откажал на неговиот прв самостоен лет. Иако бил исплашен, тој точно знаел што треба да направи, „врз основа на вежбите и тренинзите“.

Секој пилот ја совлада вештината да лета само со еден тип борбен авион, дополнителната обука за преминување на друг тип авион би била премногу обемна. Вергин морал да се префрли од авионот од типот Фантом на Торнадо, а дополнителниот тренинг траел седум месеци.

Борбениот млазен авион како мит

Борбените млазни авиони во војна се повеќе од само збир на нивните технички карактеристики. Роберт Клуге ги опишува авионите како „мит“ бидејќи, за разлика од луѓето, тие се движат и во третата димензија.

Авионот може да се гледа и како симбол, кој го подига моралот на сопствените единици. Покрај тоа, тој е важна шаховска фигура во воената стратегија. Понекогаш дури и поседувањето на такви авиони може да доведе до тоа непријателот да се откаже од своите намери.

 

Лукас Шток Новинар на Дојче Веле
Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Покажи повеќе написи