1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Авиони Ф-16 за Украина и поддршката од Германија

Кристоф Хаселбах
24 мај 2023

Западна алијанса сака прво да ги обучи украинските пилоти за управување со борбените авиони Ф-16. Германија нема Ф-16, но размислува како може да ѝ помогне на Алијансата на други начини.

https://p.dw.com/p/4RkOC
повеќенаменски борбен авион Ф-16
Докажан мултиталент: повеќенаменски борбен авион Ф-16Фотографија: Lithuanian Ministry of National Defense/AP Photo/picture alliance

Како и во случајот со тенковите, украинскиот претседател Володимир Зеленски со месеци залудно бараше воени авиони од западните сојузници.

Неколку европски членки на НАТО на средината на мај најавија дека ќе набават западни авиони за Украина, но последниот збор го имаше американскиот претседател Џо Бајден. Пред сѐ затоа што при изборот на авионите, фокусот беше ставен на леталата од американско производство Ф-16. Принципиелната согласност на Бајден да учествува во  коалиција за Ф-16 беше изненадување на самитот на Г7 во Јапонија.

Зошто Ф-16? Бидејќи овој повеќенаменски борбен авион, претставен пред неколку децении, е испробан мултиталент, достапен е во голем број и се користи во многу земји. Експертот на ЦДУ за прашања од сферата на безбедноста и поранешен полковник во Бундесверот, Родерих Кизеветер, за ДВ ги набројува функциите што може да ги има Ф-16 во Украина: „Како поддршка за одбраната во воздух, како воздушна поддршка за копнените трупи и како можност за уништување на руските линии за снабдување далеку зад фронтот.“

На можните земји добавувачи им е многу важно авионите да не се користат над територијата на самата Русија, за да не бидат вовлечени во ескалација со Москва. Зеленски даде ветување дека ќе биде така.

Украина претседател Володимир Зеленски (десно) САД претседател Џо Бајден
На самитот на Г7 во Јапонија, украинскиот претседател Володимир Зеленски (десно) го доби ветувањето од американскиот претседател Џо БајденФотографија: Susan Walsh/POOL/AFP/Getty Images

Досега нема конкретни ветувања

Но, досега нема ниту едно конкретно ветување за испорака на авиони. Првично се работи за обука на украински пилоти на тој модел авиони.

Иако Кралските воздухопловни сили воопшто не летаат со Ф-16, Британија веќе презеде одредено водство во формирањето на коалицијата. Кизеветер го бара истото од Германија, која исто така нема Ф-16, но тоа, според него, не е пречка.

Германскиот министер за одбрана Борис Писториус ги намалува очекувањата: „Во моментов ги испитуваме неколкуте можности што теоретски би можеле да постојат“, рече тој на состанокот на НАТО во Брисел. Во секој случај, германскиот придонес нема да биде „значаен, бидејќи едноставно немаме авиони Ф-16 и веројатно не можеме многу да помогнеме ниту во обуката на пилоти“.

Сепак, се чини дека постои одреден консензус меѓу владата и опозициската ЦДУ во Берлин дека Германија треба да даде свој придонес. Михаел Рот, претседател на Комисијата за надворешни работи во Бундестагот, за Дојчландфунк зборуваше неодредено за можен „логистички“ или „финансиски“ придонес. Мари-Агнес Штрак-Цимерман (ФДП), претседателка на Комисијата за одбрана на Бундестагот, во оценка за „Зиддојче цајтунг“ рече дека Германија може „да се вклучи во основната обука или да ги направи аеродромите достапни како центри“.

И Родерих Кизеветер можната германска улога ја гледа „пред сè во областа на финансирањето и логистиката, на пример со обезбедување аеродроми, гориво и муниција, помагање при обука и обезбедување сензори, преземање на полнењето гориво или координирање услуги за резервни делови и учество во логистичкиот центар“. Важно е „да се поддржи Алијансата Ф-16, политички и концептуално, така што испораката може да се изврши брзо по обуката, без дополнителни одложувања“.

Родерих Кизеветер ЦДУ Бундестаг
Кизеветер го повикува канцеларот Шолц „да се откаже од црвената линија што ја постави во јануари, која беше целосно непотребна и нестратешка“Фотографија: Jean MW/Future Image/IMAGO

Ф-16 веројатно нема да бидат „менувач на играта“

Но, како и кога авионите Ф-16 всушност би ја промениле воената ситуација во Украина? Во секој случај не веднаш, бидејќи само обуката на украинските пилоти, според воените експерти, би траела најмалку четири до шест месеци. Во секој случај, борбените авиони би дошле предоцна за долгоочекуваната украинска пролетна офанзива.

САД можеби веќе сакаат да го спречат очекувањето дека Ф-16 наскоро ќе донесат одлучувачки пресврт во војната. Френк Кендал, државен потсекретар за воздухопловни сили во американското Министерство за одбрана, на прес-конференција рече дека Ф-16 ќе ѝ помогнат на Украина на долг рок, но нема да бидат „менувач на играта“.

Бахмут, Украина
Уништување во украински Бахмут: Од Ф-16 не се очекува брз пресвртФотографија: UKRAINIAN ARMED FORCES/REUTERS

Русија е опуштена

Во меѓувреме, Русија е демонстративно опуштена. Планираната испорака на западни борбени авиони и обуката на украинските пилоти на нив нема да му помогнат на Киев, изјави заменик министерот за надворешни работи Сергеј Рјабков. „Сите овие напори се целосно бескорисни“, оцени тој. Русија, според него, ќе ги постигне сите воени цели во Украина.

Во исто време, рускиот амбасадор во Вашингтон, Анатолиј Антонов, предупредува дека распоредувањето на американските борбени авиони Ф-16 ќе го постави прашањето за вмешаност на НАТО во конфликтот. Секој украински напад на Крим ќе се смета и за напад врз Русија, пишува тој на Телеграм.

Токму тоа го отфрла генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг: „Украина има право на самоодбрана. Ние ѝ помагаме на Украина да го искористи ова право“, изјави Столтенберг во Брисел. „Со тоа НАТО и НАТО-сојузниците нема да станат дел од конфликтот.“