Газа: Извештаи за преговори за хуманитарен прекин на огнот
9 ноември 2023Во тек се преговори за постигнување договор за тридневен хуманитарен прекин на огнот во Појасот Газа во замена за ослободување на десетина заложници кои ги држи Хамас, пренесува агенцијата АП повикувајќи се на изјави на двајца функционери од Египет, еден од ОН и еден западен дипломат под услов да останат анонимни.
Договорот ќе овозможи повеќе помош, вклучувајќи и ограничени количества на гориво во палестинската територија под опсада за да се олесни влошената ситуација за 2,3 милиони жители.
Преговорите се водат со посредство на Катар, Египет и на САД.
Египетски функционер изјавил дека деталите од договорот биле разговарани неделава во Каиро за време на посетата на шефот на Централната разузнавачка агенција (ЦИА) и израелска делегација. Истиот извор вели дека посредниците го финализираат нацрт-договорот.
Висок американски функционер изјавил дека администрацијата на американскиот претседател Џозеф Бајден предложила должината на паузата да биде условена со ослободување на одреден број заложници.
Доколку се постигне договор за времетраењето на паузата и успешно се спроведе, на ист начин може да се воспостават дополнителни паузи и ослободување заложници.
Израел, меѓутоа, ги нема официјално потврдено ваквите преговори. Напротив, израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху вчера повтори дека нема да има привремен прекин на огнот додека не бидат ослободени заложниците, киднапирани од Хамас за време на терористичкиот напад на 7 октомври.
Според договорот, хуманитарната помош ќе биде доставена низ Појасот Газа, вклучувајќи го и северниот дел кој е во фокусот на израелските воени операции со цел да се уништи Хамас.
Предложено е Хамас да ослободи десетина цивилни заложници, повеќето со странски пасоши и на посредниците да им го даде комплетниот список на киднапирани.
На Меѓународниот комитет на Црвениот крст ќе му биде дозволено да ги посети заложниците.
Во војната меѓу Израел и Хамас која започна на 7 октомври, според Министерството за здравство во Газа, бројот на убиени Палестинци во средата надмина 10.500, меѓу кои се повеќе од 4.300 деца.
На окупираниот Западен Брег, повеќе од 160 Палестинци беа убиени во насилство и во израелски рации.
Во Израел се убиени над 1.400 луѓе, повеќето од нив првиот ден од нападот на Хамас, а околу 240 заложници беа однесени во Појасот Газа.