Војна во Газа: Нетанјаху ги отфрли критиките на Бајден
11 март 2024Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху ги отфрли критиките на американскиот претседател Џо Бајден за жестоките воени дејствија на Израел во Појасот Газа. Во интервју за Билд, Велт ТВ и за Политико во Ерусалим, тој рече: „Ако американскиот претседател мисли дека водам приватна политика против желбите на мнозинството Израелци и оти тоа им штети на интересите на Израел, тогаш не е во право“.
Во интервју за американската телевизија МСНБЦ во саботата, претседателот на САД за Нетанјаху рече: „Тој повеќе му штети на Израел отколку што му помага на Израел“. Премиерот на Израел има право да го брани Израел и да ја продолжи војната против исламистичкиот Хамас во Појасот Газа. Но тој мора „да посвети поголемо внимание на невините животи“, рече американскиот претседател, со оглед на големиот број цивилни жртви предизвикани од војната во крајбрежниот појас.
„Црвената линија' на Бајден
Нетанјаху во интервјуто рече дека неговата политика е поддржана од „огромното мнозинство“ Израелци. „Тие ги поддржуваат мерките што ги преземаме за уништување на преостанатите баталјони на Хамас.“ Шефот на израелската влада, притоа, мислеше на планираната копнена офанзива во градот Рафах во јужниот дел на Појасот Газа.
САД ги критикуваат ваквите планови бидејќи 1,5 милиони луѓе се натрупани во многу мала област, од кои повеќето побегнале од другите делови на крајбрежниот појас. Овие луѓе ќе мора да бидат однесени на безбедно пред офанзивата. За него ова претставува „црвена линија“, рече Бајден. Нема да дозволи уште 30.000 Палестинци да загинат како резултат на акцијата против Хамас.
Нетанјаху: Вината за цивилните жртви е кај Хамас
Според здравствените власти во Газа, која е под контрола на милитантниот исламистички Хамас, бројот на загинати Палестинци во војната во неделата се искачи на повеќе од 31.000. Податоците не прават разлика меѓу цивили и вооружени терористи. Огромно мнозинство од жртвите се жени, малолетни и постари мажи, информираат надлежните органи.
Според Нетанјаху, бројот на убиените цивили е далеку помал од 31.000 луѓе. Секоја цивилна жртва е трагедија, рече тој. Израел прави сѐ за да го спречи тоа. За смртта на палестинските цивили го обвини Хамас. Израелската армија би се соочила со непријател кој „прави сѐ што е во негова моќ за да ги доведе цивилите во опсност, додека ние правиме сѐ што е во наша моќ за да ги тргнеме цивилите од патот“.