1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

ВМРО-ДПМНЕ не прифаќа условување со уставни измени

30 април 2024

Партијата во програмата нуди алтернативи во согласност со меѓународното право и принципи, кои ќе создадат услови за поголема предвидливост на евроинтегративниот процес, заштитен од непринципиелни барања.

https://p.dw.com/p/4fL3y
Во програмата на ВМРО-ДПМНЕ се наведува дека земјата ќе остане посветена на целосна усогласеност на политиката на земјата со заедничката надворешна, безбедносна и одбранбена политика на ЕУ
Во програмата на ВМРО-ДПМНЕ се наведува дека земјата ќе остане посветена на целосна усогласеност на политиката на земјата со заедничката надворешна, безбедносна и одбранбена политика на ЕУФотографија: DW/Petr Stojanovski

Интегративниот процес во ЕУ останува еден од главните наративи во кампањата за парламентарните избори на 8-ми мај, а соодветно на тоа прашањето за уставните измени кое е услов земјата да продолжи на интеграцискиот пат.  ДУИ тоа прашање го издигна и во изборниот слоган и во името на нејзиниот „Европски фронт“, а СДСМ во кампањата инсистира да се направи дистинкција - кои партии ја водат земјата кон интеграција, а кои кон изолација. Во кампањата се слушнаа бројни опозициски критики дека  монополизирањето на вербалната заложба за членство во ЕУ е параван за криминалот и корупцијата, состојба што се најде во извештаите на релевнатни институции и организации.

По овие прашања копјата ќе се вкрстуваат до крајот на кампањата. 

„Ние сме си се определиле дека иднината на нашата држава е Европската Унија, нема друга филозофија и теорија што може да го докаже спротивното. Не само што нема теорија и практика што може да ни го докаже спротивното, туку се уште се немаат родено мажишта во оваа земја кои можат да нѐ убедат во спротивното, и ние сме си ја поставиле целта под мотото: Да за Европа и Не за Русија!“, порача лидерот на ДУИ вчера од Тераце. 

„Многу европски личности ни потврдија дека ако го направивте очекуваниот чекор, менувајќи го Уставот, во рок од четири години вие ќе бидете членка на ЕУ. Јас гледам дека отпорот е голем, патриотски отпор од македонската опозиција, дека наводно се продаваат националните интереси и дека македонската нација е во опасност од асимилација и отуѓување. Зошто ја шират оваа застрашувачка порака до другите народи, зошто го доведуваат во прашање сопствениот национален идентитет? Македонецот е Македонец, Бугаринот е Бугарин, Албанецот е Албанец, а не да го менуваат крзното според годишните времиња, и е доказ дека ништо нема да се случи, туку напротив, дека македонската заедница ќе се зајакне со вклучувањето на Бугарите во Уставот, гаранција е од меѓународната заедница, од ЕУ, од САД, дека нема дополнителни барања од бугарска страна, ниту ќе има. Затоа не го држете во заложништво членството на земјата во ЕУ", и порача Ахмети на опозицијата.

„Да за Европа и Не за Русија!“, порачува лидерот на ДУИ, Али Ахмети во кампањата
„Да за Европа и Не за Русија!“, порачува лидерот на ДУИ, Али Ахмети во кампањатаФотографија: Petr Stojanovski/DW

Мицкоски: Не прифаќаме туѓи грешки, ни услови

И лидерот на СДСМ, Димитар Ковачевски, како и во повеќе наврати досега, посочи дека земјата стагнира на интеграцискиот пат заради ВМРО-ДПМНЕ. Според Ковачевски, земјата сега е во друштво на Украина која е во војна и не контролира добар дел од својата територија, во друштво со Молдавија која не контролира 17 проценти од нејзината територија, и во друштво со БиХ која што нема еден претседател, туку колективно претседателство.

„Заради ВМРО-ДПМНЕ се најдовме токму во такво друштво. Сега граѓаните имаат избор дали сакаат политичка опција со која што ќе продолжиме кон полноправно членство во ЕУ до 2030 година или ќе изберат политичка опција која што има дава некаква алтернатива со план кој што е тотално маглив, дека ќе оделе во Бугарија ќе го репреговарале договорот, па ќе репреговарале преговарачка рамка за што сите од ЕУ кажаа дека не може да се репреговара", рече Ковачевски во интервју за „360 степени“. 

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, е дециден дека нема немаат намера да ги прифатат грешките направени од владата на СДСМ и ДУИ, и дека нама да прифатат уставните измени да им бидат поставувани како услов по изборите, за состав на владата.

„После изборите, ако има таков услов, ние нема да го прифатиме, затоа што ние имаме јасна позиција поврзана со тој процес. Да, ние сме за продолжување на евроинтегративниот процес, тука нема никој дилема. Тоа е во суштината, тоа е темелот на функционирањето на ВМРО-ДПМНЕ. Грешките се направени од страна на претходната влада. Ние немаме намера тие грешки да ги прифатиме, не ги игнорираме бидејќи тие постојат, тука се во собата, затоа сакаме да имаме појасна и многу попрецизна позиција во однос на тие евроинтегративни процеси. Да видиме што, во суштина, има план за нас Европа. Дали воопшто има план за нас Европа. Треба да видиме, да бидеме појасни затоа што вака ова е повторно магловито“, рече Мицкоски во интервју за „360 степени". 

Прослава на етапната победа: Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицковски
Прослава на етапната победа: Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан МицковскиФотографија: Petr Stojanovski/DW

Клучна цел - членство во ЕУ

Каков е ставот на ВМРО-ДПМНЕ по овие прашања, наведен во изборната програма „Платформа 1198“? 

„Клучна стратегиска цел на идната влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ е Македонија да биде полноправна членка на ЕУ", е првата реченица во делот насловен „Националните приоритети на македонската надворешна политика“. 

„Надворешно-политичките приоритети на Република Македонија треба да се засноваат врз принципите на рамноправност, заемна доверба, солидарност, дијалог, меѓусебно почитување и реципроцитет“, се наведува во програмата.

Во неа ВМРО-ДПМНЕ ја посочува потребата од градење национално единство и натпартиско обединување по клучните прашања, заштитата на јазикот, идентитетот, историјата, културата, економскиот развој, владеењето на правото и високите европски вредности и стандарди.

„Идната Влада на ВМРО-ДПМНЕ ќе вложи максимални напори за остварување на реален видлив напредок во евроинтеграцискиот процес и полноправно членство во ЕУ", се ветува во програмата. Според партијата, остварувањето на стратегиската цел за членство во ЕУ мора да биде на рамноправна и реципрочна основа, базирано на мерливи и објективни критериуми. Уште пред прифаќањето на предложената преговарачка рамка од страна на македонската Влада, партијата потсетува дека ги понудила своите капацитети за учество во консултациите и преговорите со Бугарија и ЕУ, со цел да не дојде до билатерализација на преговарачкиот процес. Во таа насока бил и предлогот на ВМРО-ДПМНЕ за прифаќање на хрватскиот модел на препознавање на малцинските заедници во преамбулата на Уставот.

„Но, заради немањето чувство на одговорност и дипломатски капацитет кај актуелната Влада, преговарачкиот процес стана обременет со билатерални прашања. ВМРО-ДПМНЕ е свесна дека ќе го наследи тешкиот товар на неодговорниот однос на власта, кој произведе сериозни проблеми во евроинтеграциите и ја стави државата во потчинета положба. Во овој контекст, ВМРО-ДПМНЕ останува на ставот за неменување на Уставот под диктат на трета држава“, се наведува во програмата. 

Македонските евроинтеграции остануваат еден од главните наративи во кампањата за парламентарните избори во земјата на 8 мај, 2024
Македонските евроинтеграции остануваат еден од главните наративи во кампањата за парламентарните избори во земјата на 8 мај, 2024Фотографија: DW/M. Maksimovic

Како понатаму?

Во однос на изнаоѓањето решение по прашањето за уставните измени, од ВМРО-ДПМНЕ наведуваат дека нудат „легални и легитимни алтернативи во согласност со меѓународното право и принципи“, кои ќе создадат услови за поголема предвидливост на евроинтегративниот процес, заштитен од непринципиелни барања, за истиот да резултира со полноправно членство на земјата во ЕУ. 

„Одложената примена на уставните измени претставува валидна алтернатива која е целосно во согласност со досегашната практика на сите држави, кои пред самиот чин на нивно пристапување во полноправно членство вообичаено ги прават неопходните или условени уставни измени, или во таа фаза истите влегуваат во сила. Во идниот дипломатски ангажман, Владата на ВМРО-ДПМНЕ ќе вложи максимални напори да обезбеди доволно гаранции во прилог на заштита на македонскиот многувековен идентитет, македонскиот јазик и посебност и во таа насока ќе побара непосредна поддршка од европските институции, нашите соседи, сојузници и стратешки партнери. Ваквото меѓународно почитување мора да биде во секоја смисла втемелено во одлуките на Судот за човекови права на Советот на Европа. Пристапувањето кон ЕУ, за македонските граѓани треба да носи видливи економско-социјални придобивки“, се вели во програмата.

Доверлив партнер

Во програмата на ВМРО-ДПМНЕ се наведува дека земјата ќе остане посветена на целосна усогласеност на политиката на земјата со заедничката надворешна, безбедносна и одбранбена политика на ЕУ, континуирано ќе придонесува во мисиите на ЕУ за управување со кризи и операциите предводени од НАТО.

„Ќе водиме усогласена политика со санкциите кои се воведуваат како реакција на руската агресија насочена кон поткопување на територијалниот интегритет и суверенитет на Украина“, се вели во „Платформата 1198".

„Македонија ќе биде силен промотор на трансатлантската солидарност“, порачуваат од ВМРО-ДПМНЕ
„Македонија ќе биде силен промотор на трансатлантската солидарност“, порачуваат од ВМРО-ДПМНЕФотографија: Regierung Mazedoniens

Во неа се посочува и дека ВМРО-ДПМНЕ ќе го засилува стратегиското сојузништво со САД, целосно и ефективно применувајќи го и користејќи го механизмот на унапредување на взаемната соработка, а особено во политиката, одбраната и сајбер-заштитата, безбедноста, миграцијата, борбата против тероризмот, економијата, одржливите инвестиции, енергетиката, климатските промени, демократскиот развој, борбата против корупцијата и другите области.

„Полноправното членство во НАТО претставува клучен столб за долгорочната стабилност, безбедност и просперитет на Македонија. Како земја членка на НАТО ќе продолжиме со активниот придонес во безбедносните мисии, вклучително и оние на ЕУ и ООН. Истовремено ќе продолжиме со активното учество во меѓународните операции кои придонесуваат за обезбедување на глобалниот мир и безбедност. Преку овие активности, Македонија ќе се изгради како доверлив и сигурен партнер во разрешувањето на комплексните меѓународни предизвици како што се нелегалните миграциски движења, последиците од војните на европска територија и пошироко, глобалните терористички закани, хибридните војни и опасностите по човековите права и демократијата. Нашето членство ќе биде во корелација со остварувањето на македонските надворешнополитички интереси. Македонија ќе биде силен промотор на трансатлантската солидарност“, вети партијата.