1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Партиите се мобилизираат пред изборите на 8 мај

ДТЗ
29 април 2024

Повикот на опозицијата за „Македонија да биде повторно твоја“ е шовинистички повик, вели Бујар Османи од ДУИ. И од СДСМ порачаа дека не е време за бојкот и за молк

https://p.dw.com/p/4fI9w
избори
Партиите се мобилизираат пред изборите на 8 мајФотографија: Petr Stojanovski/DW

Пред вториот круг на претседателските избори, кој ќе се одржи на 8 мај заедно со парламентарните избори во Северна Македонија, партиите го мобилизираат членството. Според нив, сега не е време за бојкот и за молк, току гласно треба да се застане против националистичките пораки и реторика на дел од учесниците во изборната трка. 

„Национализмот раѓа национализам“

Повикот на опозицијата за 'Македонија да биде ‘повторно твоја’ е шовинистички во една држава во која Албанец води надворешна политика за сите граѓани и во интерес на државата,“ порача шефот на македонската дипломатија и портпарол на ДУИ, Бујар Османи на прес-конференција во МНР.

Бујар Османи
Повикот на опозицијата за 'Макеоднија да биде ‘повторно твоја’ е шовинистички, вели Бујар ОсманиФотографија: Petr Stojanovski/DW

„Да повикате државата да биде ‘повторно твоја‘, алудирајќи на фактот дека ако има Албанец министер за надворешни работи, државата не е нивна, туку била на Албанците, е најсрамниот и најшовинистичкиот повик кој може да се претстави во една мултиетничка држава. Каде ќе ја носиме државата ако така мислиме, дека затоа што има премиер Албанец, државата била на Албанците, а сега на избори ќе треба да ја вратиме на Македонците. Национализмот раѓа национализам. Тоа е еден круг од кој мислев дека се извлековме. Овие сите успеаја повторно да го вратат тоа чувство кај Албанците и останатите“, рече Османи.

Коментирајќи ја изјавата на првиот човек на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски за заминувањето на ДУИ во опозиција и коалицирање со албанската опозиција „Вреди“, тој рече дека Мицкоски не одлучува кој ќе биде претставник на Албанците, туку за тоа ќе одлучи народот на избори.

„Mицкоски успеа да го врати кај Албанците сеќавањето на стогодишното ропство и на понижувањата во некогашна Југославија. Тој успеа да активира нерв за кој мислевме дека е трајно сокриен. Успеа да го врати времето од Југославија, кога беше одлучено дека Рахман Морина ќе ги претставува Албанците. Но, овој обид за омаловажување на секој Албанец и на етничките заедници со слична судбина, ги мобилизира луѓето. Ги мобилизира и оние кои во првиот изборен круг не излегоа да гласаат“, вели Османи.

Христијан Мицкоски
Не одлучува Мицкоски, туку граѓаните, велат од ДУИФотографија: Petr Stojanovski/DW

Според функционерот на ДУИ, веќе не е прашање на избор меѓу Европскиот фронт предводен од ДУИ и коалицијата Вреди. „Таа битка практично е завршена на 24 април, така како што е завршена. Сега повикот треба да биде како да го тргнеме национализмот од сцената и да ја интегрираме државата во ЕУ“, рече Османи.

„Не е време за бојкот или молк“

На мобилизирање на членството повикаа и од СДСМ. „Сега не е време за бојкот или молк, туку за глас со кој ќе го порази стравот од различностите и ќе ги замолчи националистите на 8 мај“, велат Фатмир Битиќи и Санела  Шкријељ, кандидати за пратеници на Коалицијата за европска иднина од Изборна единица 2. 

„Застанете рамо до рамо со нас во градењето на општество во кое нема да има поделби“, порачуваа тие во видео обраќање во кое потенцираат дека „во нашата Македонија етничката припадност, верата и идеологијата се вкрстуваат - не како борбени линии, туку како сојузници во заедничката и споделена европска иднина“.

СДСМ, Димитар Ковачевски
На мобилизирање на членството повикаа и од СДСМ.Фотографија: P.Stojanovski /DW

Битиќи ветува иднина во која за секого ќе има место, во која секој ќе биде достоинствено прифатен. „Македонија е многу повеќе од која било политичка партија, таа е на сите нас, Бошњаци, Албанци,  Македонци, Срби, Турци, Роми,  Власи, Торбеши -  на сите нас кои се бориме за европска држава, а кои сме повеќе,  и тоа многу повеќе отколку што бевме во првиот круг на претседателските избори. Ве повикувам, застанете рамо до рамо со нас во градењето на општество во кое секоја различна нишка е вткаена во ткивото на единството.  Каде што ќе нема повеќе поделби врежани во камен, ќе нема ѕидови кои не раздвојуваат“, порачува во своето обраќање кандидатката за пратеничка, Шкријељ.

Деновиве и лидерот на СДСМ, Димитар Ковачевски порача дека ниеден граѓанин не сака „да се вратиме повеќе од 20 години наназад и повторно да се распалат меѓуетничките тензии“. „Но, очигледно ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ се подготвени и на тоа само за да соберат некој политички глас плус“, рече Ковачевски на митингот во Крушево.