Прв пример: Албанецот ја кодоши власта кај Бугарите. Премиерот го прими Бугаринот во проштална посета. Воведот е пресек на начинот на кој македонските медиуми го покриваа истиот тематски настан (проштални посети на амбасадорот на Бугарија), но со спин-зачин. Втор пример: Сиљановска одлуката ја донесе согласно Уставот. Сиљановска има човеково право да користи какво сака име за земјата. Вториот пример, поврзан со именувањето на контроверзен и сомнителен лик на чело на АРМ (за спречување на албанскиот кандидат), е илустрација за растегливоста на Уставот разџвакан низ усти на политички опортунисти и правни шарлатани. Воведните илустрации се само минорни и речиси ефемерни примери на тековната координирана, масивна, брутална и отворено вулгарна антиалбанска кампања диктирана од ВМРО и СДСМ и процесуирана низ македонските медиуми. За Албанците, барем оние кои ревносно ги следат партиските спинови и медиумските хистерии, оваа кампања беше очекувана и однапред најавувана како редовен декор на тензиите, стравовите и нервозите во македонскиот политички камп. Но наместо елаборирање на политичките струења, овој пат фокусот е врз техниките, тактиките и стратегиите на манипулација во координираното цунами на албан-хејтерство низ македонските медиуми.
Стратегија за застрашување, замолкнување или збунување
Накусо, станува збор за таканаречената Галопирачки Гиш (Gish Galloping) стратегија користена од доминантната група за застрашување, замолкнување или збунување на помалата група. Името на таа стратегија датира од 1994 година, смислено од антропологот Еугени Скот, како дескрипција на техниките на реторичко подметнување од страна на креационистот Двејн Гиш. Според стручната литература, Гиш Галопирање подразбира брзо-зборење со наметната самодоверба, давење на опонентот со лаги, бесмислености и селективно избрани податоци со цел да се збуни публиката. Опонентот од друга страна е принуден да плива низ мочварата на полувистини, лаги, подметнувања, губејќи време во деманти, презентирање факти за демантирање на лагите и немање време, простор или желба за изнесување на сопствените ставови или идеи. За оваа стратегија прв пат слушнав пред десетина години, од западен експерт кој ги скицираше техниките и стратегиите на Груевски-Протуѓер во замајување и залудување на граѓаните, како и употребната вредност на корумпираните медиуми. Во основа, неговиот приказ ја исцртуваше графата на тематски тригери користени во прецизни временски рамки и со идентичен психолошки-манипулативен процес. Тригерите на албанофобијата беа и останаа исти: „Арачиново-Чаир-Тетово. Струја-даноци-сметки. Диви-примитивни-глупави. Муслимани-националисти-западни слуги итн”. Но скраја посакуваната цел на употребата на таквите тригери, тие реверзибилно ги дефинираат и трауматичните стравови и слабости на креаторите и корисниците на самите тригери. Накусо, иако селекцијата на теми се вперени против Албанците, тие воедно ги дефинираат и интернализираните стравови за сопствените дисфункционалности, искомплексираности и недоследности. Колку е посилно чувството за реалното губење на моќта или супериорноста, толку е пожестока потребата да таа незапирлива ерозија се успори или барем прикрие низ вербалистичко наметнување на хипер-негативна слика или привид за “другиот”.
Кусогледата придобивка и долгорочна штета
Гледано во ретроспектива, првите корисници и практиканти на Гиш Галопирање против Албанците беа СДСМ, додека пак денес предводници на таа техника се пост-СДСМ кадрите сместени во ВМРО и дружбата околу нереализираниот вмровец од Муртино, сместена во Бихаќка. Гиш Галопирање е само понов амандман на тнр. техника на доминација за манипулација и контрола која се состои од: третирање на другиот како невидлив, исмејување, криење на информации, збунување, понижување, дехуманизација итн. Поединечно или групно, техники добро познати на Албанците за односот на македонските медиуми кон нив, но не сосема познати на Македонците за селективните медиумски употреби на овие техники во внатре-македонските односи. Всушност, и покрај сета галама и упорност во нивно албано-хејтерските политики, експлоатацијата на овие техники е далеку поболна и подеструктивна во внатре-македонските односи. Мултилингвалноста на Албанците, отвореноста (кадровска, јазична и политичка) на албанските медиуми, историските искуства, пристапот кон различни светогледи се факторите кои ја ограничуваат и амортизираат пробојностана на таквите хејтерски пристапи. За разлика од внатре-македонските односи диктирани од затвореноста, самоизолацијата, недовербата и стравот од инаквото или странското. Интересно е што генезата на експлоатацијата на овие техники на доминација е инспирана и дешифрирана токму низ половите студии, поточно врз основа на стратегиите за импонирање и култивирање на машката доминација врз жените. Успешноста на тој патријархален синдром воздигнат на ниво на „наука” беше условен од нужноста на држење на жените во индивидуална изолација, сатанизација на нивното групирање и жесток одбој кон самата помисла за вклучување на – внимавајте! – „послабиот пол” во образованието, науката, спортот, политиката и особено економијата. Прифатливоста на „жената” во современите процеси на моќ беше и сеуште е определено од спремноста на жената да се откаже од автентичниот феминитет и прерасне во своевидна „машкуданка”, т.е. генетска жена со машки карактер. Во нашите политики, таа култура се изразуваше низ тнр. АФЖ квази-феминизам на асексуализирани, закоравени, пакосни и дрски изговор-жени користени за одржување на привид-рамноправноста и доминацијата на мажите. Изданоците на таквата култура денеска ги сведочиме како на партиската, така и на медиумската сцена исполнета со „машкуданост” и истребена, презрена женственост која се смета за „слабост”. Науката која ги има измислено ваквите техники, ги има измислено и методите за нивни сузбивања, спротиставувања и елиминација. Албанските партии и медиуми одамно ја имаат разбрано кусогледата придобивка и долгорочната штета од користењето на такви методи.
Секако, тие се сеуште присутни во интра-етничките политички и медиумски односи, но забележително е дека во нивниот дискурс негатините внатре-македонски и генерално македонски теми се речиси непостоечки. За разлика од македонските партии и медиуми во кои било што албанско е воздигнато на ниво на опсесија и масовна психоза. Разликата е исто така искажана и низ начините на спречување на таквите теники на доминација. Наместо впуштање во бркање на безбројните подметнувања и спинови на македонските партии и медиуми, албанскиот кампус се фокусира на стриктно селектирани прашања од реална битност. Од друга страна, бескрајната зависност за дефокусирање од една промашена идеја со нова промашена политика, ги става Македонците во лудачка кошула на немоќно а агонично следење на катадневни Гиш Галопирачки кромиди на македонските медиуми, подметнати да предизвикаат солзи на омраза, гнев или самосожалување како перде за согледување на вистините. Техниката на спротиставување на Гиш Галопирањето и техниките на доминација користени од ВМРО и СДСМ денеска е јасно видлива и лесно препознатлива во односот кон клучните предизвици на Северна Македонија. Обидите на Мицкоски, слично на претходните на Ковачевски за употреба на Гиш Галопирачки „алтернативи и предлози за решавање” на веќе разрешените спорови со Грција и Бугарија низ „одложено дејствие, репреговарање, реципроцитет, човекови права за уставно име” беа пречекани со типична демонстрација на анти-Гиш Галоп техника на спречување преку фокусирање на едно прашање и едно решение – имплементација на Преспа во целост и безусловни уставни измени. Албанофобијата на ВМРО, СДСМ и македонските медиуми е токму затоа не спонтана, туку очајна и последна формула за дефокусирање од целосниот пораз на претходните теми и одржување на привидот на супериорност низ ионака веќе провидните сатус кво доминаторски аспирации.
Отров и лек
Распаметување на македонската јавност со беспоштедни, хистерични, апокалиптични клукања на мозокот со албанофобија е со сѐ помал ефект врз албанската свест, но со длабоки манипулативни последици за македонското соочување со реалноста. Бидејќи скраја витриолите и отровите, таквите доминациски-гиш пристапи се дневно политички супремацистички галами. Но воедно потствесно се и манифестации на стравот од губење на доминацијата и паниката во зачувување на статус-квото како субститут за немањето доверба во иднината и способност за еволуирање. Оттаму, парадоскално и погубно, успехот на ВМРО и СДСМ во градење „национално единство против Албанците” е маркетиншки дневно-политички ефективно. Но стратегијата и техниките за обезбедување на сопствената неприкосновена доминација по секоја цена на крај резултира некомпатибилноста, заостанатоста, корумпираноста, саможивоста, феудализмот и примитивизацијата на овие две политички партии да се префрла како инфекција врз севкупната македонска свест, идеја и општество. Затоа, површински албанофобијата е токсичен иритант за Албанците. Но интровертно и структурално таа е фатална за Македонците принудени да веруваат дека отровот кон другите е спасоносен лек за сопствените заболувања и мелем за стравовите од иднината.
Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.