1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Власта и опозицијата тапкаат во место за уставните измени

ДТЗ
19 јуни 2023

Власта ја критикува опозицијата дека ништо не направила, ниту пак лобирала кај сестринските партии за Резолуцијата на Бундестагот. Мицкоски, пак, оценува дека Резолуцијата е „степен подолу“ од времето на ЦДУ.

https://p.dw.com/p/4Slq2
Христијан Мицкоски и Димитар Ковачевски
По лидерската средба за уставните измени нема напредок меѓу власта и опозицијата околу уставните измениФотографија: Petr Stojanovski /DW

По лидерската средба за уставните измени нема напредок меѓу власта и опозицијата околу формирање на работни групи и постигнување на компромис околу условите коишто двете страни ги ставија на маса, со цел да се обезбеди двотретинско мнозинство во парламентот. Премиерот денеска повторно ја повика ВМРО-ДПМНЕ да се држи до договореното и ги повика заеднички да ги донесат одлуките што се значајни за иднината на државата.

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, пак, одговарајќи на новинарско прашање дали земјава е во политичка криза и кој е излезот од блокадата на евроинтегративниот пат, порача дека  излезот од кризата се само избори. „Уставни измени под бугарски диктат не само што нема да прифатиме, туку категорично ги отфрламе и ги одбиваме. Што се однесува за излезот, излезот се избори. Очигледно е дека изборот се избори и тоа е најлогичното нешто што може во моментот да се случи. Час поскоро да имаме избори, притисокот којшто се случува во општеството да биде катализиран“, рече Мицкоски одговарајќи на новинарски прашања при посетата на Општина Аеродром.

Лидерската средба како добра основа

Но, премиерот смета дека лидерската средба која што се одржа на 7 јуни е добра основа да се продолжи понатаму, да се направи следниот чекор и да се донесат вистинските одлуки во момент на геополитички случувања во Европа. 

„Лидерската средба даде неколку важни пораки. Прво, дека ВМРО-ДПМНЕ не е против промена на Уставот. Второ, дека не е против вклучување на други народи во Преамбулата на Уставот, вклучително и на деловите од бугарскиот народ. Трето, дека овој парламентарен состав има легитимитет тоа да го направи и четврто дека оваа Влада има легитимитет, бидејќи ВМРО-ДПМНЕ побара да биде дел од Владата при што веднаш ѝ беше понудено половина министерски места да ѝ бидат отстапени. Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ имаше уште еден услов од нему познати причини, а тоа е ДУИ да не биде дел од Владата која ќе стапи на функција по отворањето на Уставот. И таа желба му беше исполнета, така што практично сите работи што беа поставени, беа прифатени“, рече Ковачевски, одговарајќи на новинарски прашања по увидот на санација на систем за наводнување „Макарија“, кај Росоман.

Според Ковачевски, ВМРО-ДПМНЕ се наоѓа во позиција која не е најпријатна, бидејќи како голема партија нема гласано за ниту една значајна одлука за државата. „Не го поддржаа договорот со Грција, ниту членството во НАТО, ниту договорот со Фронтекс, ниту Преговарачката рамка. Сметам дека оваа е многу важна одлука за државата и треба да се направи заедно. Мислам дека тие ќе изнајдат сила да го направат тоа“, рече Ковачевски.

Бундестаг
Власта ја критикува опозицијата дека ништо не направиле, ниту пак лобирале кај сестринските партии за Резолуцијата на Бундестагот. Фотографија: TOBIAS SCHWARZ/AFP/Getty Images

Се кршат копјата и околу резолуцијата на Бундестагот

Власта ја критикува опозицијата дека ништо не направиле, ниту пак лобирале кај сестринските партии за Резолуцијата на Бундестагот. „Христијан Мицкоски вртеше, вртеше, ја споменуваше германската ЦДУ и на крај призна дека не направи ништо за македонскиот јазик, македонскиот идентитет и посебност. Мицкоски, кој цела година ја замајува јавноста дека ќе обезбеди подобар договор и подобра преговарачка рамка призна дека не може една сестринска партија да убеди да гласа за Резолуцијата“, велат од СДСМ.

Ваквиот став го повтори и Ковачевски. „Тие не можеа една резолуција да излобираат од три пратеника да гласаат во Германија, ќе правеле нова преговарачка рамка“, рече премиерот.

Ковачевски оцени дека пораката за носењето на вистински одлуки доаѓа и од „најголеми партнери кои се со нас во изминатите 30 години и земјите членки на ЕУ и САД.“ „Бундестагот донесе резолуција со која што го потврдува македонскиот јазик, идентитет, култура и ја искажува својата недвосмислена поддршка за нашето вклучување во ЕУ со што ќе ја збогатиме културата и идентитетот на Европа, на европскиот мозаик“, вели премиерот.

Но, Мицкоски оценува дека Резолуцијата за идентитетските одредници која ја усвои германскиот Бундестаг е степен подолу од времето кога „ЦДУ, сестринската партија на ВМРО-ДПМНЕ, беше на власт во Германија, имаше многу посилна резолуција и многу подобар предлог која посилно ги брани македонските идентитетски одредници“.

 „Деновиве ја следам пропагандата на СДСМ, изненаден сум и не знам кој им ја креира стратешката комуникација. Ме прозиваат мене зошто ЦДУ не гласала за Резолуцијата. Прво, во минатото на предлог од ЦДУ имаа многу потврда Резолуција која посилно ги брани македонските идентитетски одредници, и второ, кога Германија претседаваше со ЕУ, стигна предлог во кој билатералниот договор не беше дел од Преговарачката рамка ниту се отвораше прашањето за македонскиот јазик“, вели Мицкоски. Тој додава дека според анкетите, очигледно е дека ЦДУ ќе биде победник на следните избори во Германија и ваков тип на обвинувања не се во интерес на Македонија.

„Нека седнат, нека се консолидираат и нека одберат каква стратешка комуникација градат со нашите стратешки партнери. Јас би бил пресреќен да го имаме германскиот предлог на маса“, рече Мицкоски.

Министерот за правда Кренар Лога најави дека предлог-иницијативата за уставни измени веќе од минатата недела е во владина постапка и најверојатно во вторник (20.06) ќе биде разгледана и усвоена од Владата.