1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Сет мерки за заживување на сообраќајот на македонското небо

ДТЗ
29 август 2024

Владата ќе дава субвенции за патници коишто доаѓаат во Македонија, а место авиокомпании, по искуството со „Визер“, во иднина ќе субвенционира дестинации и во Европа и во светот.

https://p.dw.com/p/4k3LK
аеродром Скопје
Владата со низа мерки ќе го заживува сообраќајот на македонското небоФотографија: Petr Stojanovski

Владата со низа мерки ќе го заживува сообраќајот на македонското небо. Планот е од јануари идната година бројот на патници коишто доаѓаат во земјата да се зголеми за 200 илјади и со субвенции да се поттикнат што поголем број „сериозни“ компании да се вклучат во превозот на патници од и во земјата. 

Министерот за транспорт и врски, Александар Николоски, на прес-конференција во Владата информираше дека на владина седница е усвоена програма којашто треба да стартува од 1 јануари 2025 година и ќе трае до 31 декемеври 2027 година. Со неа се предвидуваат повеќе средства за воздушниот сообраќај, промени во субвенционирањето, како и условите коишто треба да ги исполнуваат компаниите коишто ќе бидат вклучени во превозот на патници. 

Идната недела ќе биде објавен повикот за субвенционирање и на него можат да се пријават сите заинтересирани авиокомпании. 

Нови услови 

„Со новата програма се планира на годишно ниво сума од 125 милиони денари, или вкупно за програмата се планираат 375 милиони денари, што е зголемување од претходната програма за околу еден милион евра. Второ, се коригираат условите за авиокомпаниите што ќе учествуваат. Треба да имаат превезено најмалку 5 милиони патници во 2023 година и да имаат најмалку 10 милиони евра профит. Мора да станува збор за сериозни авиокомпании“, вели Николоски.

Тој најавува дека во новата програма се отстранува барањето за задолжително оперирање на дестинацијата, по истекот на периодот за поддршка, за онолку време колку што била предвидена финансиска поддршка. „Ова беше главната причина зошто се намалуваше бројот на патниците од охридскиот и од скопскиот аеродром“, вели министерот.

Александар Николоски
Николоски најави и промени во однос на субвенциите - вели декаќе се субвенцираат дестинации, а не авиокомпании, као што беше досегаФотографија: Petr Stojanovski/DW

Субвенционирање на дестинации, а не на компании 

Николоски најави и промени во однос на субвенциите - вели декаќе се субвенцираат дестинации, а не авиокомпании, како што беше досега.

„Ја избегнуваме праксата со која се субенцирааат неколку авиокомпании. Повикот ќе биде отворен за сите авиокомпании што ги исполнуваат условите, за секоја засебна дестинација. На овој начин го решаваме проблемот со зависност од една авиокомпанија. Една од причините за намалување на бројот на патници од скопскиот и од охридскиот аеродром, што годинава, за жал, ќе биде над 330 илјади патници, е проблемот што ’Визер’ го има со сопствените авиони, што на ниеден начин не е поврзан со Македонија, но е објективна пречка којашто ја имаат тие на глобално, корпорациско ниво. За да се избегне во иднина зависност од само една компанија, воведуваме субвенции по дестинација“, вели Николоски.

Следи уште една промена. Досега се субвенционираше по патник на заминување од Македонија, а отсега ќе се субвенцинира доаѓање во земјата. Целта е што поголем број туристи на полесен и поевтин начин да дојдат во Македонија. 

Исто така се зголемува и поддршката - ако претходно беше 7 евра по патник од скопскиот аеродром - сега ќе биде 9 евра по патник.  Исто таа, ако претходно беше 4,5 евра по патник од охридскиот аеродром, сега ќе биде 12 евра, за да се стимулира туризмот. 

Новите дестинации можат да бидат и надвор од ЕУ. Досега се субвенцинираа само летови во рамки на аеродроми во ЕУ. „На овој начин очекуваме да привлечеме патници и туристи и од Блискиот Исток и од други дестинации кои се заинтересирани да ја посетат Македонија“, вели Николоски.