1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Контролорите на лет незадоволни до небо - најавуваат штрајк

ДТЗ
3 октомври 2023

Во М-НАВ - компанијата со престижни примања се крчка ново зголемување од 10% на платите. Но, Синдикатот бара да се стави ред со вработувањата на несоодветни кадри во компанијата.

https://p.dw.com/p/4X4PV
аеродром Скопје
Синдикатот најавува штрајк од 12 октомври, што би можело да доведе до застој на воздухопловниот сообраќај на Скопскиот и Охридскиот аеродром.Фотографија: Petr Stojanovski

„Привилегирани плати“, наместени огласи, прекумерни вработувања во администрацијата, спорни огласи, опрема која што со години е застарена и никако да се обнови - ова се само дел од проблемите наталожени со години, коишто деновиве повторно го разбрануваа Синдикатот на контролори на летање. Тие најавуваат штрајк за 12 октомври, барајќи да се решат низата проблеми во работењето на М-НАВ. 

„Бараме да има ред и дисциплина во работењето на компанијата, да се стави крај на делење плати од ракав на привилегирани и да не се вработуваат несоодветни кадри“, вели за ДВ, претседателот на синдикатот на контролори на летање, Александар Тасевски. 

Тој најавува штрајк во периодот од 11 до 17 часот, што би можело да доведе до застој на воздухопловниот сообраќај на Скопскиот и Охридскиот аеродром. Што е причината за незадоволството во Акционерското друштво во државна сопственост за вршење на дејноста давање на услуги на воздухопловната навигација М-НАВ - една од компаниите со најпрестижни плати во земјата? 

„Привилегирани плати“ 

Станува збор за компанија која се наоѓа на врвот според висината на платите. Но, и покрај тоа, кај вработените постои незадоволство. Тасевски за ДВ вели се започнало минатата година кога дознале дека има „привилегирани плати“ во фирмата, кои се делеле на бројни повластени лица „под рака“.

„Вработени во службите и администрацијата добивале зголемени плати, но не и оперативците, поради што го консултиравме трудовиот инспекторат дали можеме нешто да преземеме за да ја спречиме таа појава“, објаснува Тасевски. 

Ситуацијата резултирала со носење на нов колективен договор, кој треба да го помине владиниот филтер. Со него се предвидува зголемување на платите за 10 проценти за контролорите на летање и 7 проценти за оние со пониски плати. 

„На тој начин не само привилегираните, туку сите вработени ќе добијат повисоки плати“, тврди Тасевски.

Вработените се жалат дека платите доцнат веќе неколку дена и тоа го поврзуваат со одлуката за носење на новиот колективен договор. 

 

Наталожено незадоволство 

Контролорите се жалат и на „непрофесионално однесување на директорите во однос на процесите за вработувања“, внатрешните прераспоредувања и условите за работа. Тие бараат модернизирање на опремата со која што ќе се подобрат условите за работа.

Според синдикатот, „вработувањата се прават спротивно на актите за кариерен развој, се даваат приоритети на тие кои ги одбираат директорите за вработување, а тоа не гарантира квалитет на личноста и создава револт кај квалитетните кадри на кои не им се дава шанса за напредок“.

Тие бараат да престане хаотичното однесување, а Контролата на летање да си го добие своето место и во рамки на балканските контроли на летање и во Европа.

„Во служби што се превработени се зголемува бројот, се распишуваат конкурси што траат по три дена, а лицата што ги ангажираат на тие работни позиции не можат да одговорат на потребите на работниот процес, што потоа  се користи како изговор пак за дополнителни вработувања“, укажува Тасевски. 

Од над 300 вработени во Контрола на летање оперативни контролори се само 70,  наспроти Словенија каде има 240 вработени, но 120 контролори. 

Застарена опрема 

Синдикатот реагира и поради застарената опрема, инсталирана во 1999 година која досега само се одржува, иако треба да се менува на секои седум години. По тендерот за набавка од 2014 година конечно е донесена, а ќе се монтира во просторија за која е добиена привремена употребна дозвола, а за обновата на таа просторија се потрешени приближно половина милион евра.

„Поради ваквата состојба на опремата годинава воведовме рестрикции да не прифаќаме поголем број на авиони за прелет, бидејќи опремата не беше во можност да ги одработи. Се соочуваме и со проблеми со вода и одржување на хигиенски услови“, вели Тасевски. 

Стара болка 

Ова не е првпат тие да го изразат своето незадоволство поради застарената опрема и огласите за вработување, поради кои често се случуваа судири со раководството и во минатото, а резултираа и со поништување на конкурсите, под притисок на јавноста. 

Во 2022 година случајот со осумте „ничии деца“ ја брануваше јавноста, откако беше обелоденето дека се планира поништување на огласот за контролори на летање бидејќи меѓу осумте избраници немало блиски до управниот одбор и членови на ДУИ.

По бурните реакции на јавноста, управниот одбор на М-НАВ попушти, па кандидатите кои беа избрани да ја следат обуката во Данска, добија потпис од тројцата директори.