Вирџин Галактик ги однесе првите туристи во вселената
11 август 2023Приватната вселенска компанија Вирџин Галактик за првпат однесе туристи во вселената. Вселенското летало „VSS Unity" ги однесе 80-годишниот Британец Џон Гудвин, 46-годишната Киша Шахаф од карипската држава Антигва и Барбуда и нејзината 18-годишна ќерка Анастатија Мајерс на височина од 88 километри над Земјата.
Вселенските туристи можеа накратко да уживаат во бестежинска состојба. Потоа, како што покажуваат видео снимки, се вратија во космодромот во американската сојузна држава Ново Мексико, како што е прикажано со видео слики во живо.
„Мисија Галактик 02“ беше првиот лет на Вирџин Галактик со туристи. Компанијата, основана од британскиот милијардер Ричард Бренсон, веќе го заврши својот прв комерцијален лет на крајот на јуни, носејќи во вселената двајца членови на италијанските воздухопловни сили и еден италијански истражувач.
Билети добиени на лотарија
Киша Шахаф освоила два билета за вселенскиот лет со Вирџин Галактик на лотарија пред речиси две години. Во тоа време, Бренсон отпатувал во Антигва и Барбуда за лично да ги извести за нивната победа. Шахаф ја зеде својата ќерка Анастатија, која студира филозофија и физика во Шкотска.
Третиот патник на вчерашниот лет (10.08), Џон Гудвин, купил билет пред подолго време. Тој во 1972 година учествувал на Олимписките игри во Минхен како кануист. Во 2014 година му била дијагностицирана Паркинсонова болест. Сега стана вториот човек во историјата со Паркинсонова болест кој летал во вселената.
Каде започнува вселената?
Не постои обврзувачка меѓународна регулатива со која е дефинирано каде точно започнува вселената. Меѓународната асоцијација за воздушен транспорт (ФАИ) и многу други експерти сметаат дека границата е на 100 километри над Земјата, други експерти, организации и влади границата ја гледаат на 80 километри. За споредба: Меѓународната вселенска станица (ИСС) се наоѓа на оддалеченост од околу 400 километри.
Бренсон со својата компанија работи на можноста за комерцијални летови во вселената веќе околу 20 години, притоа доживувајќи повеќепати неуспех. Кај летот на Вирџин Галактик, прво носач на авион го носи „VSS Unity" на височина од околу 15 километри. Таму вселенскиот брод, кој изгледа како приватен џет, се откачува и понатаму 7лета сам во вселената.
Билет чини 450.000 долари
Во јули 2021 година, Ричард Бренсон лично учествуваше во вселенски лет. После тоа, компанијата мораше да направи подолга пауза за технички подобрувања. Компанијата, основана во 2004 година, сега има за цел да реализира месечни летови во вселената. Според компанијата, билетите чинат околу 450.000 американски долари (околу 400.000 евра).
Вирџин Галактик се натпреварува со Блу Ориџин, компанијата во сопственост на милијардерот основач на Амазон, Џеф Безос, која веќе има испратено 31 лице во вселената со кратки суборбитални летови. Меѓутоа, по несреќата во септември 2022 година, нејзината ракета остана на земја. Во освојувањето на вселената од страна на приватни компании е вклучена и Спејс Икс на милијардерот Илон Маск.