1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Извинување: Изјавата за влез на Егејците во Уставот е лапсус

ДТЗ
12 мај 2023

Заменик министерката за правда, Викторија Аврамовска Мадиќ се извини за направената грешка во телевизиско интервју, што предизвика лавина реакции во јавноста. Вели дека мислела на Евреите, а не на Егејците.

https://p.dw.com/p/4RFoi
Министерство за правда
Изјавата за влез на Егејците во Уставот е лапсусФотографија: DW/P. Stojanovski

Изјавата дека во Уставот би можеле да влезат и Егејците е лапсус. Заменик министерката за правда, Викторија Аврамовска Мадиќ денеска во изјава за медиумите се извини за направената грешка во телевизиско интервју, што предизвика лавина реакции во јавноста. 

„Секако дека стануваше збор за лапсус, мислам дека на сите ви е јасно дека  станува збор за Евреите. Им се извинувам на  Егејците“, одговори кусо Мадиќ на новинарско прашање во Министерството за правда.

Таа во четвртокот (11.05) во телевизиско гостување на ТВ 24 рече дека кога граѓаните ќе го прочитаат текстот на новата Преамбула на Уставот ќе видат дека нема ништо страшно.  „Кога ќе го видат предлогот ќе видат дека нема ништо лошо ако во Преамбулата влезат и другите народи кои поднеле барање, бидејќи не правиме муабет само за Бугарите, туку и за Црногорците, Египќаните, Егејците и сите оние кои ќе поднесат барање“, рече Мадиќ.

Изјавата следи откако работната група за уставни измени, којашто ја формираше Министерството за правда деновиве започна со својата работа. Претседателката на работната група, Маргарита Цаца-Николовска, во четвртокот изјави дека идната недела треба да се гласа Деловникот за работа на работната група која треба да го подготви текстот за иницијативата за измени на Уставот на државата. Вицепремиерот за европски прашања, Бојан Маричиќ, претходно изрази надеж дека текстот на иницијативата би можел биде готов до крајот на мај, за да започне јавната дискусија.

Работната група треба да подготви амандмани за уставните измени кои Владата ќе ги достави на гласање во парламентот. Потребата од овие измени произлегува од преговарачката рамка што ја усвои Владата, која предвидува Бугарите да влезат во Преамбулата на македонскиот Устав.  

парламент
Уставот ќе се отвори, но не само за Бугарите. Во него свое место би можеле да најдат и Хрватите, Црногорците, Еѓипќаните, Евреите...Фотографија: Reuters/T. Georgiev

Кој се бара да влезе во Уставот? 

Уставот ќе се отвори, но не само за Бугарите. Во него свое место би можеле да најдат и Хрватите, Црногорците, Египќаните...Премиерот Димитар Ковачевски во март најави дека и Евреите ќе бидат една од заедниците коишто треба да бидат дел од Уставот, со уставните измени коишто претстојат во Северна Македонија. Ваквите уставни промени треба да бидат усвоени од Собранието во наредните месеци, како еден од главните услови за напредок на земјата кон ЕУ. 

„Тие биле транспортирани и убиени во Треблинка од страна на фашистите - тоа се историски факти и не може да има дискусија на таа тема. Еврејската заедница кај нас е исклучително значајна заедница и сум кажал јас, како и коалициските партнери, дека при уставните измени и Евреите ќе бидат една од заедниците кои што сметаме дека треба да бидат дел од нашиот Устав“, рече Ковачевски по средбата со израелската парламентарна делегација којашто во март престојуваше во земјата.

Изминатиов период пристигнаа ибарања на другите заедници во земјата, коишто пројавиле желба да бидат внесени во Преамбулата на Уставот, којшто треба да се отвори пред пристапувањето на земјата во ЕУ. 

Египќаните и Торбешите исто така побарале да бидат вклучени во уставните измени коишто ќе треба да ги направи земјата. Претходно се отвори прашање во Уставот да бидат внесени и Хрватите и Црногорците. 

Според последниот попис, којшто беше спроведен во септември 2021 година, 3.504 македонски граѓани се изјасниле како Бугари, со 0,19 отсто. Дека бугарскиот им е мајчин јазик на пописот пријавиле 1.519 граѓани, или 0,08 отсто од населението во земјата. Бугарите се деветта по застапеност етничка заедница во земјата, а втора од заедниците кои не се опфатени со Уставот. Од заедниците што не се опфатени како малцинство во Преамбулата на Уставот најбројни се Торбешите (4.174), потоа Египќаните (2.406 граѓани или 0,13 отсто), Хрватите – (2.145 лица или 0,12 отсто), а како Црногорци се изјасниле 1.023 или 0,06 проценти.  

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема