1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ковачевски: И Евреите ќе влезат во македонскиот Устав

ДТЗ
10 март 2023

Северна Македонија силно ги осудува сите форми на антисемитизам и негирање на Холокаустот и најавува уставни промени со кои ќе биде опфатена и Еврејската заедница, најави премиерот Димитар Ковачевски.

https://p.dw.com/p/4OVYD
Собрание Северна Македонија
И Евреите ќе влезат во македонскиот УставФотографија: Reuters/T. Georgiev

Евреите ќе бидат една од заедниците коишто треба да бидат дел од Уставот, со уставните измени коишто претстојат во Северна Македонија, порача на прес-конференција во Владата, премиерот Димитар Ковачевски. Ваквите уставни промени треба да бидат усвоени од Собранието во наредните месеци, како еден од главните услови за напредок на земјата кон ЕУ. 

Ковачевски соопшти дека остварил средба со израелската парламентарна делегација во чиј состав се Хамад Амар, претседател на Пратеничката групата за пријателство и соработка со Северна Македонија и Тсега Мелаку, член на оваа група во Кнесетот. Тие се во посета на земјата по повод одбележувањето на 80-годишнината од депортирањето на 7.144 Евреи од Македонија во логорот на смртта Треблинка.

„Тие биле транспортирани и убиени во Треблинка од страна на фашистите - тоа се историски факти и не може да има дискусија на таа тема. Еврејската заедница кај нас е исклучително значајна заедница и сум кажал јас, како и коалициските партнери, дека при уставните измени и Евреите ќе бидат една од заедниците кои што сметаме дека треба да бидат дел од нашиот Устав“, рече Ковачевски. 

На средбата со израелската парламентарна делегација тој посочил дека земјата силно ги осудува сите форми на антисемитизам, негирање на Холокаустот и поврзаните искривени толкувања и најавил дека во претстојниот период ќе предложи вклучување и на Евреите во Уставот, што се надева ќе биде широко прифатено од сите политички субјекти во земјата.

Кој сѐ ќе влезе во Уставот? 

Македонскиот Устав ќе се отвори, но не само за бугарското малцинство во земјата. Владата размислува и околу барањата на другите заедници во земјата, коишто изминатиот период пројавиле желба да бидат внесени во Преамбулата на Уставот, којшто треба да се отвори пред пристапувањето на земјата во Европската Унија. Скринингот со ЕУ ќе започне на 15 септември, со што ова прашање почнува се почесто да се наметнува во јавноста. 

Идејата е Уставот да се дополни и со еврејскиот народ, затоа што еврејската заедница е веќе вградена во листа на верски заедници во Уставот, на која се застапени МПЦ, ИВЗ, Католичката, Методистичка и Еврејската заедница. Египќаните и Торбешите исто така побарале да бидат вклучени во уставните измени коишто ќе треба да ги направи земјата. Претходно се отвори прашање во Уставот да бидат внесени и Хрватите и Црногорците. Опозициската ВМРО-ДПМНЕ остро се спротивставува на отворање на Уставот. 

Меморијален центар Холокауст Скопје
Меморијалниот центар за жртвите од Холокаустот во СкопјеФотографија: DW/K. Delimitov

Обвинувања 

Ковачевски денеска го повика претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, јавно да каже дали ги лаже граѓаните дека нема да гласаат за промена на Уставот или амбасадорите или дека ќе поддржат уставни измени. Тој го обвини Мицкоски дека само се сликаат во „бели капутчиња и блузончиња“, критикуваат и дека ништо не работат.

„Тие одат по амбасади и велат: 'Дајте ни власт, потоа ќе ни дадете малку период ние да се аклиматизираме и потоа ќе го менуваме Уставот'. Тоа го зборуваат по амбасади, тие тоа може да го демантираат, ама тоа го зборуваат. Прашањето е кого лажат - дали ги лажат граѓаните дека нема да гласаат за промена на уставот, или ги лажат странските амбасади дека ќе поддржат промена на Уставот. Тоа треба да излезат и да го кажат“, рече Ковачевски. 

Северна Македонија Димитар Ковачевски
Ковачевски: Граѓаните ја гледаат Македонија во ЕУФотографија: Petr Stojanovski/DW

Во однос на последната анкета која покажа дека 80 отсто од Македонците се против промена на Уставот, Ковачевски вели дека анкетата покажува и дека граѓаните иднината ја гледаат во ЕУ. „Ако ги погледнете анкетите ние немаше да го донесеме Ракомвниот договор, Преспанскиот договор, Собранието немаше да ги прифати заклучоците од Францускиот предлог. Лидерство е да донесете одлука за иднината на сегашните и на идните генерации. ВМРО-ДПМНЕ единствено што прави е - само се крие зад својот народ и едно зборуваат пред амбасадите, а друго пред народот“, рече Ковачевски.

Според последниот попис, којшто беше спроведен во септември 2021 година, 3.504 македонски граѓани се изјасниле како Бугари, со 0,19 отсто. Дека бугарскиот им е мајчин јазик на пописот пријавиле 1.519 граѓани, или 0,08 отсто од населението во земјата. Бугарите се деветта по застапеност етничка заедница во земјата, а втора од заедниците кои не се опфатени со Уставот. Од заедниците што не се опфатени како малцинство во Преамбулата на Уставот најбројни се Торбешите (4.174), потоа Египќаните (2.406 граѓани или 0,13 отсто), Хрватите – (2.145 лица или 0,12 отсто), а како Црногорци се изјасниле 1.023 или 0,06 проценти.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Покажи повеќе написи