Вадим Красиков-триумфот на Путин во размената на затвореници
2 август 2024Тој беше првиот што излезе од авионот во Москва - а рускиот претседател Владимир Путин го прегрна: Вадим Красиков, кој во Германија стана познат како „убиецот од Тиергартен“. Тој беше на списокот на руски државјани осудени на различни затворски казни за злосторства на Запад, кои беа ослободени во последната размена на затвореници.
Красиков ја отслужуваше казната во германски затвор - и тој е посебен случај. Затоа што шпиони, предавници, двојни агенти или економски криминалци, кои во минатото неколкупати биле разменети меѓу Москва и Западот, се едно. Но, Красиков е убиец, кој во Германија е осуден на доживотен затвор.
Претседателот Владимир Путин лично неколку пати јасно стави до знаење дека Кремљ е заинтересиран за враќање на оваа личност во Русија. Во интервју со американскиот новинар Такер Карлсон на почетокот на февруари 2024 година, тој зборуваше за човек кој „од патриотски убедувања елиминираше разбојник во европска престолнина“.
Еден месец подоцна, Путин на прес-конференција по руските претседателски избори изјави дека е подготвен да го размени опозицискиот лидер Алексеј Навални, кој почина во руски затвор, за „одредени луѓе кои се во затвор во западните земји“. Путин зборуваше во множина, но јасно мислеше на Вадим Красиков. Кој е овој човек?
„Убиство во Тиергартен“ среде Берлин
Красиков го изврши убиството на 23 август 2019 година среде Берлин - во Тиергартен во берлинскиот кварт Моабит. Негова жртва беше поранешниот командант на чеченската пешадија, грузискиот државјанин Зелимкан Кангошвили. Русија претходно издаде потерница по него по обвинение за тероризам. Кангошвили допатува во Германија откако беше нападнат во Грузија во 2015 година.
Среде бел ден, пред многу луѓе, човек на велосипед му пришол на Чеченецот одзади, извадил пиштол со пригушувач и го застрелал три пати. Сведоци успеале да го спречат убиецот да избега. Тие им покажале на полицајците човек кој го фрлил својот велосипед во водата во блиските грмушки на брегот на Спре, се пресоблекол и ја симнал периката. При апсењето му бил одземен рускиот пасош на име Вадим Соколов со шенген виза издадена од француската амбасада во Русија, како и пиштол во кој се уште имало девет од 15 куршуми.
Тешка истрага, долго судење, јасна пресуда
Германските истражители сосема случајно го откриле вистинскиот идентитет на убиецот. Имено, архивата на Интерпол содржела фотографија која руските власти ја дале во 2014 година кога побарале помош од странските колеги за пронаоѓање на Вадим Красиков. Во тоа време тој беше осомничен за убиство на бизнисмен во Русија. Оваа фотографија беше првата нишка што овозможи да се отплетка целото замрсено клопче.
Во меѓувреме, при новинарско истражување, се покажа дека пред атентатот врз Чангошвили во Берлин, во домашниот регистар на руски пасоши или на списоците на Федералната даночна служба на Русија, немало лице по име Соколов. Името се појавило во двете бази на податоци само неколку недели пред убиството во Берлин. Според сведоците, само тајните служби можат да креираат аватар на непостоечка личност.
Судењето на Вадим Красиков започна на 7 октомври 2020 година пред Апелациониот суд во Берлин и траеше 14 месеци. Казната беше доживотен затвор и беше изречена на 15 декември 2021 година. Судот утврди дека е докажано дека Красиков, како што го обвини обвинителот, го убил Зелимкан Чангошвили по наредба на руските власти.
Красиков станува баран кандидат за размена
По пресудата, германската министерка за надворешни работи Аналена Бербок изјави: „Ова убиство во име на државата - како што утврди судот - претставува сериозно кршење на германскиот закон и германскиот суверенитет." Во овој контекст, сојузната влада прогласи двајца дипломати од руската амбасада во Германија за персона нон грата.
Меѓутоа, само шест месеци по објавувањето на пресудата, во јули 2022 година, во американскиот печат се појави информација дека Русија бара Красиков да биде вклучен во размената за американските државјани затворени во Русија. Во тоа време, тоа беше кошаркарката Бритни Гринер, која подоцна беше разменета за рускиот државјанин Виктор Бут, кој издржуваше затворска казна во САД за трговија со оружје.
Името на Вадим Красиков беше споменато и во врска со обидите да се извади рускиот опозициски лидер Алексеј Навални од затвор. „Навални требаше да биде ослободен за неколку дена, бидејќи постигнавме договор за негова размена. На почетокот на февруари, на Путин му беше понудено да го размени офицерот на руската внатрешна разузнавачка служба ФСБ, Вадим Красиков, кој отслужува затворска казна во Берлин за убиство, за двајца американски државјани и Алексеј Навални“, рече Марија Певчич од Фондацијата на Навални за борба против корупција (ФБК) набргу по смртта на критичарот на Кремљ.
Одлучувачка промена во германското кривично право
На многумина во Германија приказната за можна размена на Красиков за затвореник во Русија им изгледаше како чиста фантазија. Токму затоа што не се работеше за шпион или предавник, туку за убиец чија вина е докажана. Дополнително, во пресудата на германскиот суд не беше предвидена можност за предвремено ослободување поради особено тешката природа на кривичното дело.
Меѓутоа, Законот за кривична постапка на Сојузна Република Германија сега предвидува ослободување од затвор на криминалец осуден од германски суд, без оглед на кривичното дело и казната. Ставот 456а вели: „Извршниот орган може да се воздржи од издржување затворска казна (...) ако осуденото лице (...) е депортирано, вратено или одбиено од опсегот на овој сојузен закон“.
Разочарување во Сојузното обвинителство
Тоа значи дека доколку, во согласност со правото на престој на странците во Германија, се донесе одлука за депортирање на осудено лице, извршната власт може да ја отфрли казната без дополнително судско одлучување во врска со тоа. А извршител во овој случај е сојузниот главен обвинител, кој како политички функционер е должен да извршува службени наредби. Токму таква процедура се користеше во минатото во Германија при размена на шпиони.
Во овој случај, меѓутоа, како што објави во четвртокот вечерта „Франкфуртер алгемајне цајтунг“ (ФАЦ), во Сојузното обвинителство дошло до „разочарување“ поради инструкциите на министерот за правда Марко Бушман. Иако е легално, сè уште постои „малку“ разбирање за случајот. „Во случај со осуден убиец, а не шпиони, преовлада 'моќта'. Со одлуката се губат од вид роднините на убиениот. Постои преголема попустливост кон рускиот претседател Владимир Путин“, пишува ФАЦ за расположението во Сојузното обвинителство.