1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Тероризам

Германски суд ја обвини Русија за „државен тероризам“

БГ /РТР
15 декември 2021

Русија го наредила убиството на поранешен чеченски милитант во Берлин во 2019 година, утврди суд во Германија пресудувајќи му доживотна казна затвор на извршителот на убиството.

https://p.dw.com/p/44J87
Германија | Суд Процес
Судницата во Берлин во која беше донесена пресудата против Вадим КрасиковФотографија: Christophe Gateau/dpa/picture alliance

Грузискиот државјаник Торнике Кангошвили беше убиен со три истрели од пиштол од марката „Глок“, во август 2019 година во парк во Берлин, поради неговото учество во конфликтот во Чеченија на страната на сепаратистите во борбата против Москва, рече судијата Олаф Арнолди.
Убиецот Вадим Красиков е осуден на доживотен затвор поради „особено сериозното“ злосторство. 

„Најдоцна во јуни 2019 година, државните органи на владата на Руската федерација донеле одлука за ликвидација на Торнике Кангошвили во Берлин“, рече судијата Арнолди, додавајќи дека Русија на Красиков му дала лажни документи за да отпатува во Германија. 

„Кангашвили се откажал од борбата против Руската федерација години претходно. Тој не земал оружје в рака уште од 2008. Ова не било акт на самоодбрана на Русија. Ова не е ништо друго туку државен тероризам“, образложи Арнолди. 

Руската амбасада во Берлин ја оцени пресудата како „необјективна и политички мотивирана“.
Рускиот претседател Владимир Путин во 2019 го опиша Кангашвили како „крвав терорист“, обвинувајќи го за повеќе злосторства, меѓудругите, и за бомбашкиот напад врз метрото во Москва во 2004 година во кој загинаа 10 луѓе. 

Торнике Кангошвили
Убиениот Торнике КангошвилиФотографија: privat

Според идентитет  

Адвокатот на осомничениот, кој тврди дека неговиот клиент не се вика Красиков туку Вадим Соколов и работи како градежен инженер во Санкт Петербург, следната недела ќе одлучи дали ќе се жали на пресудата. 

Красиков пристигнал со авион во Париз неколку дена пред убиството, со лажен пасош и неколку илјади евра во кеш, а оттаму продолжи до Берлин. Тој го застрелал Кангошвили додека се возел на велосипед во парк, потоа се сокрил во грмушка каде ја заменил гардеробата, ја тргнал лажната брада и се обидел да си го продолжи патот како обичен турист.
Но, присуството на сведоци му го расипало планот, рече судијата Арнолди. За неколку минути пристигнала полиција која го уапсила Красиков, го пронашла оружјето, како и велосипедот на Кангошвили кој бил фрлен во блиската река. 

Русија тврди дека убиецот не е Красиков, но Арнолди рече дека фотографии добиени од украинските власти од неговата свадба, како и споредбата на тетоважите, докажале без сомнеж дека се работи за осудениот кој бил агент на руската безбедносна служба ФСБ. 

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема