„Вакво беше моето прво германско лето”, му реков на мажот ми во еден студеникав ден, со посивено, намуртено небо, разочарана што цела недела врнеше, откако имавме повеќе од недела само сонце. Тогаш сфатив колку се промени германското лето во последните дваесет години. Тоа што секое лето е потопло од претходното, направи да заборавам дека во минатите германски лета беа ретки неделите во кои секој ден беше топол и сончев. „Да, навистина,” се потсети и мажот ми, „пред триесет години најголемиот дел од летото беше ваков, маглив и сив. Затоа бев толку восхитен од моето прво македонско лето, но не и од сегашното. Тогашното скопско лето беше како сегашното келнско”, заклучи тој. Тогашното скопско лето имаше сино небо, пријатни ладовини, свежина на водата во Вардар, кој мирисаше на риби и школски распуст. Моите роднини во Скопје ми велат дека нивните сегашни лета се пеколни, дека околу селата и градовите беснеат шумски пожари. Дали тоа значи дека, според климата, денес Југот е Африка, а средна Европа Медитеран?
На некогашното скопско лето ме потсети денешниот залез врз шумата, додека со кучето се шетавме низ еден голем парк. Во пријатната сенка на старите дрвја ја помирисав познатата скопска летна ладовина под липите на кејот, кога навечер се враќавме од кино. Затоа што во ова лето често се менуваа многу сончеви и многу облачни, дождливи денови, природата во Рајнската област е раскошно бујна. Рајна е преполна со вода, како да е море, а зелениот густеж крај брегот е уште побуен. Бродовите што пловат по Рајна од Југот кон Северот будат меланхолија, но и летна радост, затоа што пловат бавно и спокојно, како некој вечен ритам на летниот живот. Во градината огромните олеандри мирисаат на скопското лето, затоа што сите потекнуваат од едно гранче кое ми го даде мајка ми пред четиринаесет години. Од нивното црвенило, синото небо над нив станува уште поблескаво, како што треба да биде секое летно небо, барем во нашата слика за летото.
Медитеранското небо - метафора за бесмртноста
Навистина, утринава, додека се восхитував на блескаво синото небо, без ниту најмало облаче, ми долета во умот мислата на Теодор В. Адорно во неговата „Естетичка теорија”: за сините неба без облаци, кои ги знаеле само јужните земји. А тоа блескаво небо како да вели: „Смрт, каде е твоето бодило?” За Адорно медитеранското небо беше метафора за бесмртноста, за вечноста. Тоа е за него утописка слика за копнежот по Воскресението. Тој тогаш, во шеесеттите, не ќе можеше да си замисли дека еден ден и германските лета ќе изобилуваат во такви медитерански сини неба. А моето прво германско лето ме увери дека меланхолијата на германските романтичари во поезијата има врска и со тоа што се нарекува умерена континентална клима, во која долго време беа ретки вистински сончевите денови со високи температури.
Знам, денешните топли германски лета се должат на климатските промени! И сепак, синото небо врз Скопје, особено во времето кога бев дете, не бучеше секои пет минути со звукот на авионските мотори. Тие бели птици на синото германско небо итаат секој час кон Југот, оној кој сега гори во шумски пожари. Иако и германските лета станаа медитерански, луѓето и понатаму патуваат на одмор крај јужните мориња. Југот ќе остане симбол за летото за Германците, затоа што него го формираа првите патувачи кон Југот. Такви како Гете во Италија, која за него беше земјата во која цутат лимоните. Притоа го паметам првото лето во Тоскана, пред давесет години, кое беше слично како денешните германски лета. Два-три дена горештина и сино небо, обично завршуваше во два дена со поројни дождови и грмотевици. Градовите потоа испаруваа топол воздух, небаре старите ѕидови на ренесансните зданија да се потеа од прегреаност, исполнувајќи го воздухот со својот жежок и тежок здив. Такво беше моето прво пладне во Сиена, каде што на прочуената пјаца, оградена од сите страни со стари згради, дишењето и движењето стануваа навистина тешки.
А кога стигнавме во пределот на лозјата и маслиниците во околината, над него се беше раширил најубавиот божилак. „Југот повеќе не е тој што го паметиме”, ни рече тогаш нашата пријателка, старата германско-италијанска писателка, која пред да заминеме на излет во Фиренца, ни советуваше да не одиме, ако не сакаме да доживееме топлотен шок, зашто во центарот речиси воопшто немало дрвја. Такви топлотни шокови денес сигурно доживуваат напладне туристите во центарот на Скопје. Всушност, со нашата желба да патуваме и во најдалечните страни на светот, ние самите придонесуваме за климатските промени. Особено луѓето од западните богати општества, во постојаниот копнеж по сонце и море, патуваат и во зима во далечните земји.
Магијата на летото
Но, што е магијата на летото? И ден-денес мислам дека таа не е забрзано, туку стишано, успорено време. Магијата на летото е таа на мигот во кој ја насетуваме вечноста, додека ги гледаме сончевите зраци низ лисјата на дрвото, во кое, крај пат, во парк, седнувамее за миг, слушајќи го благиот летен ветер во крошната. Летото мора да биде успорено време, доколку сакаме да собереме енергија за зимата. Денес летата се бучни, брзи, агресивни, што уште повеќе го зголемува впечатокот дека во центарот во сите европски градови е жежок асфалтот, како тогаш, 2004-та, во Фиренца.
Меѓутоа, жедта по сонце и море, очигледно, не го зголемува спокојот во модерните општества. Во неделникот „Die Zeit" денес прочитав дека според најновиот извештај на Институтот „Роберт Кох”, кој го истражува психичкото здравје на возрасното германско население, анксиозноста, немирот и напнатоста кај граѓаните биле двапати почести во споредба со 2021. Грижите, анксиозноста и немирот по 2021 се зголемија затоа што никој не може да го заборави фактот дека во светот повторно има војни. За луѓето во воените подрачја синото небо не е повеќе симбол за утописката надеж, затоа што кога е загрозен животот, ништо не се доживува исто како во мирот. Летото, барем за миг, го смирува во нас копнежот по „изгубениот рај”, затоа што не само небото, туку и сета природа се преобразуваат во симбол за мирот и среќата. И тоа само тогаш, кога имаме можост да уживаме во долго, здодевно, топло лето, што денес не е случај насекаде во светот. Тоа би требало уште повеќе да го разбуди во нас протестот кон сите војни. Кога сето човештво би било постојано свесно дека во истиот миг кога се восхитуваме на синото небо, како симболика за утописката надеж за вечност, на друго место ракетите од истото летно небо го уништуваат животот на стотици луѓе на земјата. Кога барем еден дел од тоа човештво би се згрозил од тој факт и би излегол на протест, барем во земјите во кои се дозволени јавни собири, тогаш можеби војните не би станувале толку долго занемарливо секојдевие, небаре тоа да постои само во најновите вести. Тогаш ми станува јасно дека човештвото не ја заслужува оваа чудесна планета, на која животот би можел да биде постојано едно здодевно и спокојно лето, во кое дури и мигот е преполн со симболика.
Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.